1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Практични совети: Што да правите ако се заразите со Омикрон

БГ /АРД
11 февруари 2022

Што да правите ако се заразите со Ковид-19? Какви се симптомите на Омикрон, како да се лекувате, кога да побарате лекарска помош и на што да внимавате додека сте во изолација? Корисни совети од германските експерти

Niederlande  Rotterdam | Nasenabstrich
Фотографија: Robin Utrecht/dpa/picture alliance

Веројатноста да се заразите со коронавирус никогаш не била поголема: бројот на инфекции со Омикрон продолжува да расте. Но, како воопшто да препознаеме дека сме заразени со Ковид-19? 

Симптомите 

Најчести симптоми се кашлица (42%), течење на носот (31%) и треска (26%). Можни се и главоболки, болки во зглобовите, замор, а понекогаш и дијареа. Бидејќи многу од симптомите се слични на оние на обичната настинка, тестирањето останува најсигурниот начин за откривање на инфекција со коронавирус. За разлика од инфекцијата со варијантата Делта, кај Омикрон почесто се јавуваат намален апетит и ноќно потење. Губење на вкус речиси и да не се евидентира. Општо земено, заболувањето со Омикрон вообичаено не е посилно, но трае подолго одошто со претходните варијанти. 

Кога тестот е позитивен 

Најважно е да останете смирени, вели матичната лекарка Никола Булингер-Гопфарт. „Короната предизвикува голем страв, но дури и пред Омикрон, девет од десет пациенти беа третирани само на амбулантска основа од општ лекар“. 

Во случај на инфекција треба да го правиме истото како и во други слични ситуации: ибупрофен и парацетамол помагаат за намалување на температурата и за болка. Пациентите од ризичните групи е најдобро веднаш да го контактираат матичниот лекар, додека за оние со примена бустер доза на вакцината е познато дека можат успешно да елиминираат високи нивоа на вируси во телото. 
Ако температурата надмине 39,5 степени или се појави отежнато дишење, треба да се консултира матичниот лекар за да ги прегледа белите дробови и да ја провери заситеноста на крвта со кислород. Обично не треба да повикувате брза помош. Само ако отежнатото дишење одеднаш се влоши, треба да се прибегне кон овој чекор или да одите на клиника. 

Побарајте лекарска помош доколку имате големи потешкотии со дишењетоФотографија: Stefan Puchner/picture alliance

Колку долго треба да бидеме изолирани? 

По правило, заразените со коронавирус треба да останат изолирани 10 дена. Дотогаш, шопингот и другите работи надвор од домот треба да ги преземат роднини и пријатели. Лицата кои биле во контакт со заразените мора да останат во карантин 7 дена, додека за лицата со бустер доза има посебни правила. 
„Бидејќи вирусот се шири главно по воздушен пат, секој директен контакт во семејството треба да се избегнува или барем да се минимизира“, вели д-р Ернст Табори, медицински директор на Германскиот центар за хигиена во Фрајбург. Тоа значи: без собири и без заеднички оброци. Заразеното лице треба да се одвои од другите во посебна просторија. Ако тоа не е можно - на пример кај деца или возрасни пациенти на кои им е потребна нега, мора да се носат маски FFP2. 

Домашна хигиена

Тестовите, хартиените марамчиња и другите хигиенски материјали што ги користат заразените треба да се фрлат во цврсто затворена пластична кеса. Важно е да се осигура дека други луѓе нема да дојдат во контакт со контаминираниот отпад. 
Коронавирусот не е поотпорен на надворешни влијанија од другите предизвикувачи на настинки. Затоа, доволно е да ги избришете површините во куќата со нормален препарат за чистење - употребата на средства за дезинфекција не е неопходна. Што се однесува до приборот за јадење што се користи – и за нив е доволно да минат низ машината за миење садови. Постелнината и облеката што ги носи заразеното лице треба да се перат во машина за перење алишта.  

Светлосен ѕид за заштита од ковид

01:05

This browser does not support the video element.

Кога сме најзаразни? 

Како и кај повеќето вирусни инфекции, периодот на инкубација трае три до шест дена. Постојат податоци кои сугерираат дека овој период е малку пократок за Омикрон отколку за Делта. 
Тешко е да се дефинира точниот временски период во кој инфицираниот е позаразен за околината. Сепак, се смета дека ризикот од пренесување на инфекцијата е најголем непосредно пред и веднаш по почетокот на симптомите.  Колку е поголема концентрацијата на вируси кај заразено лице, толку повеќе вирусни честички тој издишува. А тоа ја зголемува веројатноста да зарази некој друг. 

Кога можеме да се сметаме за оздравени? 

Секој што сака да се врати на спортот мора да почека најмалку 14 дена по завршувањето на болеста. Гости можат да бидат пречекани по завршувањето на карантинот, но само доколку тестот е негативен и пациентот повеќе нема никакви симптоми. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми