1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пратениците пред голема одлука

29 септември 2011

Денеска германскиот Бундестаг треба да одлучи дали ќе ги прошири германските гаранции за т.н. Европски чадор за спас на 211 милијарди евра, со што досегашната сума речиси двојно ќе се зголеми.

Германскиот Бундестаг треба да одлучи за проширувањето на чадорот за спас на евротоФотографија: picture-alliance/dpa

Карстен Шнајдер е пратеник на Социјалдемократската партија во германскиот Бундестаг. Тој доаѓа од Ерфурт и е специјалист за буџетски прашања во собраниската група на неговата партија. Шнајдер е навикнат да работи со големи суми пари. Меѓутоа, претстојното проширување на европскиот фонд за финансиска стабилност, како што се нарекуваат фондовите за спас на еврото, достигнува до сега непознати димензии. Германските гаранции треба да се зголемат од сегашните 123 на 211 милијарди евра. Со тоа Германија гарантира за речиси половината од вкупните фондови за спас. Но, дали тоа ќе биде доволно? Што ќе се случи доколку на Грција и’ требаат уште повеќе пари. Што ако и Италија побара помош? Пратеникот Шнајдер го кажува она, што многумина од неговите колеги деновиве се прашуваат: “Што не’ очекува на стопански план и што ќе се случи на пазарите доколку на Грција не и’ се даде уште еден кредитен пакет и земјата банкротира?”

Станува збор за одлучувачко прашање, бидејќи од одговорот зависи дали пратениците на 29 септември ќе имаат избор. Дали можат да го одбијат проширувањето на чадорот за спас? Ова прашање Карстен Шнајдер му го постави на Јенс Вајдман, претседател на германската Национална банка, за време на една седница на парламентарниот Одбор за буџетски прашања. Десет дена пред гласањето во Бундестагот, имено, Одборот повика повеќе експерти за да ги расчисти отворените прашања. Меѓутоа, на одлучувачкото прашање нема одговор ниту главниот шеф на германската Национална банка: “Мислам дека никој нема да може да ви нацрта јасно сценарио за тоа што ќе се случи во конкретниов случај. Но, мора да се знае дека тоа ќе биде релативно непријатно сценарио како за Грција, така и за останатите учесници”, вели Вајдман.

Сценарио со неизвесен крај

Канцеларката Меркел сака да ја задржи Грција во монетарната унијаФотографија: dapd

Но, она што тој многу јасно им го кажа на пратениците е дека, тој не го смета за добро проширувањето на чадорот за спас. Со тоа ќе се направи уште еден голем чекор во правец на заеднички гаранции и намалување на дисциплинирањето на должниците со инструментите на пазарите на капитал, без притоа да се засилат можностите за контрола и влијание на националните финансиски орган: „Колку веродостојни можат да бидат правилата во новиот пакет за стабилност и стопански пораст, ако ставам јасно до знаење дека повеќе пати не сум се придржувал до овие правила и на крајот треба да сметам на програмата за помош, а при тоа не сум морал да се придржувам до договореното од програма“, прашува Вајдман.

Економски факти наспроти влијанието на политиката, меѓу овие два антипода стојат пратениците. Дали ќе се приклонат кон курсот на германската влада, која по секоја цена сака да ја задржи Грција во монетарната унија? Или, пак, ќе стапнат на сопирачката за нови долгови затоа што знаат дека можностите на германското стопанство не се неограничени? Научникот и експерт за економија Клеменс Фуст од Универзитетот во Оксфорд на парламентарците им претскажува дека ова нема да биде последен пат да се најдат пред ваква одлука: „Покрај целата почит за заклучоците на германскиот Бундестаг, сакам да истакнам дека ограничувањето на гаранциите на износот од 211 милијарди евра ќе стане бесмислено тогаш, кога пазарите на капитал ќе ја загубат довербата во Италија. Тогаш прво ќе биде донесена одлука за итна интервенција на Европската централна банка, а Германија подоцна ќе треба да го преземе финансискиот товар. Значи, ситуацијата може драматично да се влоши, а пазарите на капитал ладнокрвно играат на таа карта“, објаснува Фуст.

Сака ли политиката да ја задржи монетарната унија?

Дали парите ќе и’ бидат доволно на Грција?Фотографија: picture alliance / ZB

На берзите никој повеќе не се прашува колкава ќе биде висината на финансиските гаранции, туку само уште дали политиката сака да ја задржи монетарната унија. Се’ додека има политичка волја, така барем сметаат пазарите на капитал, ќе има се’ поголеми чадори за спас. Освен ако Бундестагот не се спротивстави! А, тоа е можно, бидејќи неодамна германскиот Уставен суд одлучи дека кога даночни средства треба да одат во финансиски инструменти за спас, тогаш последниот збор треба да го има парламентот. Меѓутоа, како треба сето ова да функционира во пракса, ако на пример на Италија и’ е потребна краткорочна помош? За ова размислува и шефот на европскиот фонд за финансиска стабилност Клаус Реглинг: „Доколку државни обврзници треба да се купуваат на берза, тогаш нема многу време. Тогаш ќе треба да се одреагира во рок од еден до два дена, околу тоа не треба да се залажуваме. Во таков случај членовите на буџетскиот одбор ќе треба да се консултираат телефонски и на тој начин да се донесе доволно брза одлука“, вели Реглинг.

Така во четврток (29.09) во германскиот Бундестаг нема да се одлучува само за актуелното проширување на чадорот за спас, туку парламентот ќе треба да донесе и закон за тоа како во иднина да се регулира неговото право на одлучување. При донесувањето принципиелни одлуки, како на пример пружање помош на некоја друга земја од монетарната унија, ќе треба да одлучува пленумот на собранието. Во случај пратениците да не гласаат „за“, тогаш и германскиот претставник во европскиот фонд за финансиска стабилност ќе треба да гласа соодветно на тоа. Воздржаност при гласањето е дури експлицитно забранета. Во случај да треба да се донесуваат итни или доверливи одлуки, правата на Бундестагот ќе бидат делегирани на едно ново под-тело на буџетскиот одбор, во кое ќе бидат застапени пратеници од сите собраниски групи.

Автор: Сабине Кинкартц / Бисера Огњановска-Митров

Редактор:  Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми