1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Прашања во пресрет на Зимските олимписки игри во Пекинг

Андреас Штен-Цимонс
3 февруари 2022

Зимските олимписки игри во Пекинг ќе бидат посебни и поради пандемијата на корона и поради политичката ситуација во земјата. Колкави се ограничувањата? Колку спортисти учествуваат и колку тие ќе имаат слобода на движење?

China I Vor den Olympischen Spielen in Peking 2022 I Olympiaturm
Фотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Кој учествува на ЗОИ?

За медали во Пекинг ќе се борат вкупно 2900 спортисти од над 90 национални олимписки сојузи. Само во германскиот тим има 149 спортисти, меѓу кои и најстарата учесничка на Олимпијадата, 49-годишната натпреварувачка во брзо лизгање Клаудија Пехштајн, на која ова ќе ѝ бидат осми ЗОИ. На игрите ќе се доделат медали во 190 натпревари, што е за седум повеќе од ЗОИ во 2018 во Пјонгчанг. Причина за тоа е што во програмата се додадени мешани натпревари, на пример кај ски-скокови и сноуборд. Освен тоа, и во боб-санкањето е додадена дисциплината монобоб за жени.

За разлика од Летните олимписки игри, кај Зимските има само неколку неприкосновени ѕвезди. Тоа се дефинитивно скијачката Микаела Шифрин од САД и олимпискиот шампион во уметничко лизгање Хани Јуѕуру од Јапонија. Исклучителна спортистка е и холандската натпреварувачка во брзо лизгање Ајрин Вуст. Германците најголеми надежи за медали полагаат кај спортистите кои се спуштаат по ледената патека: Феликс Лох и Натали Гајзенбергер во санкање и Франческо Фридрих во боб.

Каде се одржуваат натпреварите?

Олимписките арени се распределени на три места: Пекинг, Јанцин и Жангјаку. Во главниот град ќе се води борбата за медали во дисциплините на мраз, како хокеј, брзо лизгањe, брзо лизгање на кратки патеки (шорт трек), уметничко лизгање и карлинг. Притоа дел од халите кои се користеа за Летните олимписки игри во 2008 се адаптирани, а има една новоизградена хала.

Посебно место за натпреварување ќе биде скокалницата за натпреварите Big Air во сноуборд и скијање слободен стил, која е изградена во поранешна индустриска област. Натпреварите во алпско скијање, боб и санкање ќе се случуваат на 75 километри североисточно од Олимпиското село во местото Јанцин. Таму има изградена нова боб-патека, како и нови олимписки ски-писти. Во Жангјаку, кое е на 180 километри оддалеченост од Пекинг, спортистите ќе се натпреваруваат за медалите во сноуборд и слободен стил, како и биатлон, крос-кантри, ски-скокови и други нордиски дисциплини.

Скокалницата за Big Air-натпреварите во сноуборд Фотографија: Gao Zehong/VCG/MAXPPP/picture alliance

Пекинг, Јанцин и Жангјаку се поврзани со нова брза железница. Сепак, сите три локации не се познати по многу снег, дури и во зима, така што Зимските игри веројатно за првпат ќе се одржат стопроцентно на вештачки снег. Покрај тоа, Јанцин и Жангјаку се наоѓаат во зона на национален парк, кој беше намален за речиси една четвртина поради пренамена за олимписки борилишта. 

Каква е ситуацијата со корона во Пекинг? 

Организаторите прават сѐ што можат за да ги спроведат ветените „непречени олимписки игри“.  Дел од строгата „нула ковид“ стратегијата се масовни тестирања и лимитирање на движење и контакти, па и локдаун на одредени населби или цели милионски градови. ПЦР тест е задолжителен пред полетување за сите кои сакаат да допатуваат во земјата, но мора да се тестираат и по слетувањето, а дозволено им е движење само во „затворени кругови“. Дневни ПЦР тестови се исто така задолжителни, а резултатите мора да се внесат во официјалната апликација My2022, заедно со измерена температура и статус во случај на појава на симптоми. Оваа апликација наиде на критики поради загриженост во однос на заштитата на личните податоци, а постоеше загриженост и за можноста за манипулација на резултатите од тестовите. Секој што е позитивен мора да оди десет дена во посебен хотел за карантин, но може да излезе доколку во рок од 24 часа добие два негативни теста.

„Безбедноста и здравјето на учесниците се наш главен приоритет“, изјави во вторникот Жао Веидонг, портпарол на Организацискиот комитет на ЗОИ Пекинг (БОК). Сепак, и со вакви мерки Кинезите не успеаја да ја постигнат зацртаната цел - да ја задржат варијантата Омикрон надвор од границите на земјата.

И покрај строгите мерки, спортските натпревари ќе се одвиваат пред публика. Редуциран број на избрани гледачи и посетители од Кина ќе може да седи на трибините или покрај патеките. Сепак, нема да има публика од странство, бидејќи билетите беа повлечени од слободна продажба уште во јануари. 

ПЦР-тест е задолжителен пред полетување за сите кои сакаат да допатуваат во Кина, но мора да се тестираат и по слетувањето во земјатаФотографија: Grigory Sysoev/Sputnik/picture alliance

Колку се политизирани игрите во Пекинг?

Одамна не се дебатирало толку за местото на одржување колку сега, на Олимписките игри во Пекинг. Последен пат слична дебата имаше кога главниот град на Кина во 2008 беше домаќин на летните олимписки игри. Тогаш постоеше надеж дека благодарение на игрите може да дојде до политички промени и отворање на земјата. Таквата надеж не се исполни. Напротив, политичкиот систем на Кина сега делува порестриктивен од кога било досега. Поради систематското угнетување на Ујгурите и Тибеќанците, сузбивањето на опозицијата во Хонгконг и проширувањето на техничкиот надзор на територијата на целата земја, како и неодамнешниот случај со тенисерката Пенг Шуај и слични повреди на човековите права, некои држави се одлучија на дипломатски бојкот на игрите, а меѓу нив се САД, Велика Британија и Јапонија, кои нема да испратат врвни политичари и дипломати за настапите на нивните тимови. Германската сојузна влада официјално не се приклучи кон бојкотот, но ниту Олаф Шолц ниту други министри, или пак претседателот Франк-Валтер Штајнмајерџ, нема да отпатуваат во Пекинг.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, пак најави дека ќе го посети Пекинг, иако Русија е блокирана и нема да има свои претставници на игрите под руско знаме. Поради користењето допинг, пракса поддржана од државата, на Зимските олимписки игри во Сочи, оние спортисти од Русија кои добија дозвола да настапуваат во Пекинг сега се водат под називот „неутрални” и настапуваат под олимпиското знаме. Путин смее да допатува само благодарение на официјалната покана од претседателот на Кина, Ши Џинпинг.

Фотографија: Saaed Khan/AFP/Getty Images

Дали спортистите смеат да искажуваат политички ставови?

„Секоја изјава или однесување кои се спротивни на олимпискиот дух, а пред сѐ спротивни на кинеските закони и прописи, ќе имаат последици”, јасно предупреди Јанг Шу неодамна.

Меѓународниот олимписки комитет посочува на Олимписката повелба, во која стои дека искажување политички ставови на прес-конференции, интервјуа или преку социјалните медиуми е дозволено, а на натпреварите или при доделување на медалите нема што да бараат. Потоа се посочува и дека треба да се запазат „важечките закони” без притоа да биде прецизирано што тоа точно треба да значи.

Оттаму е неизвесно дали навистина некој спортист ќе се осуди јавно да ги критикува политичките состојби во Кина. Здружението „Спортисти на Германија”, со оглед на немањето поддршка од Олимпискиот комитет, советува спортистите да се воздржат. Дирк Шимелфениг, шеф на германскиот олимписки тим, во интервју за „Спортско студио” на вториот канал на германската телевизија, состојбата ја наслика вака: „Имаме игри со две непознати во равенката. Едниот фактор е короната, другиот Кина.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми