1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва годишнина на Бајден на чело на САД: пехови и неуспеси

Изабела Ескобедо
20 јануари 2022

Џо Бајден победи на изборите со рекорден број гласови. Пред точно една година беше инаугуриран за претседател на САД. Сепак не ги исполни поголем дел од своите ветувања. Поддршката за него во земјата опаѓа.

Во првата година од мандатот, Џо Бајден претрпе многу порази
Во првата година од мандатот, Џо Бајден претрпе многу поразиФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Кај многу луѓе се разбуди надежта кога Џо Бајден на 20 јануари 2021 година положи заклетва како 46-ти претседател на САД. Само неколку недели претходно радикализираните приврзаници на сменетиот Доналд Трамп упаднаа во Капитол - симбол на американската демократија што во меѓувреме стана поим за поларизација на земјата која Бајден ја наследи од Трамп.

Едно од најважните ветувања на Бајден беше обединување на нацијата. Во говорот за време на инаугурацијата тој нагласи дека сака нов почеток да “тргне брзо и енергично“, бидејќи има „многу нешто што мора да се поправи, обнови и зацели“.

За Бајден гласаа 81 милион избирачи, најмногу за било кој претседател досега. Обезбеди и мало мнозинство во двата дома на Конгресот. Но сега, една година по преземањето на должноста, се чини дека многу малку остана од почетниот сјај и гламур. Инфлацијата расте, пандемијата е надвор од контрола, а рејтингот на Бајден според анкетите падна од 50% колку што беше минатото лето, на 41% пред Божиќ.

„Мислам дека најблаг збор со кој би се опишала првата година од владеењето на Бајден како претседател е ‘разочарување’“, вели колумнистот на „Нујорк тајмс“, Брет Стивенс, конзервативен, но исто така критичен и кон Трамп. Бајден донесе лоши политички одлуки како онаа за повлекување од Авганистан. Тоа влијаеше на неговиот углед, неговата веродостојност во Конгресот и на крајот врз неговиот кредибилитет како лидер на светска сила.

Над 20.000 гардисти ќе ја обезбедуваат инаугурацијата на Бајден

02:08

This browser does not support the video element.

Наследството од Трамп – куп урнатини

Вирџинија Шапиро, професорка по политички науки на Универзитетот во Бостон, смета дека падот на популарноста на Бајден не е само последица на политичките грешки. Тој ја презеде должноста во тешки времиња.

„Му беше многу потешко отколку на било кој друг претседател уште од Рузвелт кој ја презеде должноста во време на длабока криза.“

Повеќе: Џо Бајден е вистинскиот човек само во моментов

Лошата економска ситуација во земјата, пандемијата и Републиканската партија чии влијателни членови и понатаму тврдат дека Бајден му украл гласови на Трамп резултира во “куп урнатини кои прво мора да се расчистат за нешто да може да се постигне,“ вели таа. Втора причина за ослабената поддршка за Бајден според професор Шапиро е тоа дека многу умерени Републиканци гласале за него бидејќи не сакале да го поддржат Трамп, но тие во основа си се поддржувачи на конзервативната политика.

Неуспешна надворешна политика, поделено општество

Сепак не беше сѐ така лошо во првата година од мандатот на Џозеф Бајден. Веќе во март успеа да го покрене пакетот за помош од 1.9 милијарди долари со кој им се пружи финансиска поддршка на семејствата тешко погодени од пандемијата. Бајден оствари уште една победа – на крајот од годината успеа да ги придобие Републиканците да гласаат за Законот за инфраструктура за кој се одобрени 1,2 милијарди долари.

Но, според многумина најголемата грешка на Бајден е повлекувањето на американските трупи од Авганистан во август минатата година. Како резултат на тоа Талибанците молскавично брзо ја презедоа власта во целата земја и направија голем чекор назад во однос на човековите права, особено за правата на жените во Авганистан.

Сет Г.Џонс, потпретседател на Центарот за стратешки и меѓународни студии е особено критичен за тоа што не биле направени доволни подготовки за повлекувањето. „И начинот и резултатот од повлекувањето направија САД да изгледа невешто, некомпетентно и на крајот како да сме слабаци.“ Според Џонсон штетата врз имиџот на САД е кобна и разорна. Многу земји сега се прашуваат дали САД се уште доверлив партнер.

Бајден до сега не успеа да го одржи ниту своето најголемо ветување – дека ќе ја обедини земјата. Според анкетите 40% од Американците сметаат дека Бајден не е легитимен претседател. Тоа укажува дека длабоката поделеност во општеството и понатаму постои.

Претседателот Бајден до сега речиси никогаш не успеа да се снајде ниту во однос на предлог законите. Премногу често републиканските конгресмени и сенатори успеваа да ги торпедираат неговите планови. Едно од неговите најголеми промашувања е неуспехот да го протурка законот позната како „Build Back Better“. Станува збор за сеопфатна програма за инвестирање во грижата за деца, образование и заштита на климата, со која би се исполниле неколку ветувања од предизборната кампања на Бајден. Неговите напори да ја реформира полицијата исто така пропаднаа минатиот септември, бидејќи партиите не можеа да се договорат за тоа што да се прави со имунитетот на полициските службеници.

Кој доаѓа по Бајден?

2021 не беше лесна за Џо Бајден, а ни следните три нема да бидат полесни. На листата надворешно-политички предизвици му е вооружувањето на Кина на Пацификот, политичката нестабилност на Блискиот исток и заканите на Русија дека ќе изврши инвазија на источниот дел од Украина. За да си го поврати кредибилитетот, американската влада би морала да „покаже одлучност и да заземе сериозен став против Русија, Кина или Иран,“ вели Џонс. Но, се чини „многу повеќе се зборува отколку што се делува“, заклучува тој.

Еден од ретките успеси во првата година на претседателот Бајден беше потпишувањето на Законот за инвестиции во инфраструктуратаФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Оваа година е клучна и на домашен план бидејќи Бајден на меѓуизборите во ноември би можел да го загуби тесното мнозинство во Сенатот. Тоа дополнително би му го отежнало усвојувањата на пакетот мерки кои се уште му лежат на срце, но и на дневен ред - евентуално усвојување на скратена верзија на законот „Build Back Better“ и повторен обид да се усвојат изборните реформи. Ова второто пред се подразбира укинување на таканаречените „филибастери“, правила според кои 60 од 100 сенатори мора да се согласат за завршување на расправата за некое прашање пред да може да се прејде на гласање.

Исто така се поставува и прашањето дали Бајден повторно ќе се кандидира за претседател?

„Веројатно не, и тоа е јавна тајна во Вашингтон,“ вели колумнистот Брет Стивенс. Секако дека голема улога игра и возраста на Бајден. Тој во 2020 со 78 години беше најстариот новоизбран претседател, а на следните избори во 2024 би имал 82 години.

Брет Стивенс затоа смета дека Бајден треба да се концентрира на главните задачи и предизвици за земјата. За тоа време Демократската партија би требало да пронајде добри кандидати за изборите во 2024, бидејќи Републиканците на тие избори ќе бидат силни и моќни предизвикувачи, смета Стивенс.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми