1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Прва либерална џамија во Германија

Штефан Деге
21 јуни 2017

Во Германија дошла кога имала шест години. Сејран Атес во меѓувреме не е само адвокатка, писателка и борец за женски права. Таа сега во Берлин отвора либерална џамија. Зошто токму сега во време на терор?

Berlin Seyran Ates Eröffnung  Rushd-Goethe Moschee
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sohn

 Во берлинската населба Моабит, на третиот кат на евангелистичката црква „Јоханискирхе“ во петокот (16.06) беше отворена џамијата „Ибн Рушд - Гете“. Името, џамијата го добила според исламскиот научник, доктор и филозоф Ибн Рушди, познат и како Аверосе, и германскиот книжевник и мислител Јохан Волфганг Гете. Во оваа џамија, мажите и жените заедно се молат и држат проповеди. Сејрен Атес (насловна фотографија), писателка и борец за женски права од турско-курдско потекло изјави дека оваа џамија е отворена за сите, со еден исклучок: „Во џамијата никој не може да влезе со бурка или никаб“. Покриеноста на целото тело нема ништо со религијата, тоа е политичка порака, изјави Атес за „Шпигел“.

Атес, која е муслиманка, е лута поради фундаменталистичките тенденции во исламот. Таа вели дека во Германија владее „турски државен ислам“. Мнозинството имами имаат пореметен однос кон верската слобода, еднаквоста на половите и правото на хомосексуалност. Тие го толкуваат исламот од минатото. Последицата од тоа е што либералните муслимани во Германија се пропуштени сами на себе.

Сејран Атес неодамна заврши обука за имамка. „Долго сонував за тоа да се здружат либералните муслимани и да живеат ислам кој исклучиво ќе ги потврдува демократијата и рамноправната заедница на верниците“, напиша Атес во еден новинарски текст. „Чекав од луѓето, односно подобрите познавачи на Куранот од мене, да отворат адекватна џамија. Во еден момент се чинеше како сѐ да е како од драмата 'Чекајќи го Годо'. На крај самата одлучив да ја реализирам својата визија“.

Сејран Атес ги претставува килимите за молење во либералната џамијаФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

„Со отворањето на џамијата за либерални муслимани, Сејран Атес се изјасни како личност која го отелотворува модерниот ислам“, вели Фабијан Витрек, професор на Универзитетот во Минстер. Тој во изјава за ДВ вели дека во прилог на тоа оди и нејзиното дистанцирање од конзервативните исламски здруженија.

Модернизација на исламот?

Исламот, според Атес, под итно мора да биде модернизиран. Сѐ повеќе муслиманки и муслимани сакаат мирољубив ислам кој негува дијалог со другите религии, изјави таа за „Ди Цајт“. Но, тој ислам во Европа речиси и да не наоѓа место. „Постојат само етаблирани конзервативни заедници кои речиси и не дозволуваат критики и сомнеж“.

Либералната џамија е сместена на третиот кат на евангелистичка црква во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Сејран Атес од 1997 година работи како адвокат и се бори против насилството во семејството и принудниот брак. Беше и членка на Исламската конференција во времето кога министер за внатрешни работи на Германија беше Волфганг Шојбле. По исламистичките терористички напади во Манчестер и Лондон, Атес им предложи на муслиманите да сторат повеќе против екстремизмот во религијата. „Мнозинството муслимани кои молчат конечно мора да сносат одговорност и да преземат нешто против тоа. Се плашам дека денес секоја муслиманка и муслиман се изложени на прашањето: што правиш ти за твојата религија да не се дискредитира и злоупотребува? Тешко е да се одговори на тоа прашање, а чувството на немоќ е големо. Во џамијата Ибн-Рушд-Гете сака да се обиде да даде одговор на тоа прашање“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми