1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прва пратка германско оружје во Ирак

Кристоф Рикинг/ Жана Ацеска 26 септември 2014

По долготрајна серија проблеми: доцнење на визите за инструкторите, технички проблеми на транспортниот авион, првата германска пратка оружје конечно пристигна во Ирак.

Фотографија: Reuters//Fabrizio Bensch

Германската поддршка на Курдите во северен Ирак конечно започна. По тимот инструктори за ракување со оружје, во Ербил, курдскиот главен град, пристигна и првата пратка германско оружје за борба против терористичките милиции од „Исламска држава“. На курдските Пашмерга борци ќе им бидат предадени рачни противоклопни фрлачи, шушки и муниција. Германија планира да вооружи вкупно 10.000 борци.

Првата германска пратка стартуваше со доцнење. Поради технички проблеми, холандскиот транспортен авион со 27 тони оружје и муниција полета со 12 часа доцнење во однос на планот од аеродромот во Лајпциг (на насловната фотографија). Пратката содржи 50 панцерфаусти-рачни противоклопни фрлачи, 520 пушки и 20 автоматски пушки. По меѓуслетувањето во британската база Акротири на Кипар, летот продолжи кон Ербил.

Проблеми и со инструкторите

Кратко претходно во Ербил стигнаа и воените инструктори од Бундесверот, исто по серија доцнења. Шесте падобранци и еден санитетски работник треба да ги обучат курдските борци за ракување со германските системи на оружје. Припадниците на Бундесверот за Ирак тргнаа уште минатиот петок, но поради дефект на авионот мораа да слетаат во бугарскиот град Бургас. Бидејќи предвидениот авион на војската беше дефектен, тој мораше да биде заменет прво со друг, а потоа со трет транспортен авион. Сега, конечно војниците се на целта. Истовремено, припадниците на Бундесверот немаа добиено дозвола за влез во земјата од страна на ирачките власти, но тој проблем беше решен.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен го напушти Ербил неколку часа пред пристигнувањето на оружјето и воените инструктори. При ненадејната кратка посета таа на Курдите им вети долгорочна солидарност во нивната борба против терористите од „Исламска држава“. Покрај тоа, таа вети и натамошна поддршка на стотиците илјади бегалци во северен Ирак.

Крупни недостатоци кај Бундесверот

Додека министерката за одбрана беше во Ирак, во Берлин возбуда предизвика опсежен каталог со недостатоци кај Бундесверот. Тој ги содржи дефектните уреди во Бундесверот. Претставниците на Партијата на левицата го нарекоа скандалозен фактот што и покрај проширениот буџет за одбраната, Бундесверот е практично „условно подготвен за акција“. Експертот за одбрана од редовите на Социјалдемократската партија Ханс-Петер Бартелс, поради проблемите, побара подобрувања во реформатана Бундесверот.

„Не е никако добро што војската има само 70 проценти од опремата која и‘ е потребна според плановите“, истакна тој.

Поранешниот министер за одбрана Томас де Мезие одлучи во рамките на реформата на Бундесверот дека не секоја воена единица мора да има, на пример полн број на тенкови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми