Прва средба на Груевски со Пападимос во Брисел
1 март 2012![](https://static.dw.com/image/15684479_800.webp)
Груевски пред повеќе од еден месец иницира средба со Пападимос со цел продолжување на дијалогот по период на подолга стагнација. Пападимос ја прифати иницијативата и предложи средбата да се одржи во Брисел.
Ова ќе биде прв состанок Груевски - Пападимос, по серијата средби што ја имаа македонскиот премиер и поранешниот претседател на грчката влада, Јоргос Папандреу, од која последната се одржа во март лани.
Премиерот Груевски денеска во Брисел ќе учествува на состанокот на лидерите на Европските народни партии, најголема политичка сила во Европскиот парламент. На средбата на лидерите на европската десница што вообичаено се одржува пред секој самит на ЕУ, ќе учествуваат и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Франција Франсоа Фијон, на Шпанија-Мариано Рахој, на Шведска-Фредрик Реинфелт, на Унгарија-Виктор Орбан, на Словенија-Јанез Јанша, како и повеќе лидери на десничарски партии меѓу кои и поранешниот италијански премиер Силвио Бeрлускони и лидерот на грчката Нова демократија Андонис Самарас.
Автор: ЖА/ЕМФ/миа
Редактор: Е. М. Фиданоска