1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првиот лакмус: честитка, што беше тоа?

13 декември 2021

По изборниот ден во двете најголеми партии, ветени се нови концепти за државата, повици за единство и обединување, и против поделби. Ќе го положат ли првиот тест?

Nord-Mazedonien Skopje | Dimitar Kovacevski zum neuen Präsidenten der Sozialdemokraten gewählt
Димитар Ковачевски со претходниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, и кандидатите Јован Деспотовски и Фросина Ременски Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Социјалдемократите го избраа новиот лидер на партијата - Димитар Ковачевски, а Христијан Мицкоски по втор пат ја доби довербата да го води ВМРО-ДПМНЕ. Ова е епилогот од вчерашниот изборен ден во двете најголеми партии во македонскиот блок, кои најавија нови страници во партиските, но и во визиите за државата.

Она што привлече внимание, е говорот на Мицкоски по неговиот реизбор на лидерската позиција, на вчерашниот 17-ти, редовен партиски конгрес. Различен од досега, говорот беше посветен исклучиво на партиските цели, со повици за обединување, и без критика кон опонентите.

Христијан Мицкоски, стар и нов лидер на ВМРО ДПМНЕФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Влегуваме во она што го нарекувам втора епоха. Во втората епоха кај нас е потребно да направиме општествена мобилизација на секоја интелектуална сила и поединец во земјата, да допреме до секоја слободомислечка индивидуа и да подадеме рака во насока на преродба на државата, промени во партијата и во државата, кои ќе ја донесат новата иднина“, рече Мицкоски.

Најави нов концепт на заедништо наречен Нов договор, за праведен напредок и еднакви можности за сите, низ нов заеднички патриотизам.

„Заедничкиот патриотизам не е само празна флоскула туку филозофија врз кој почива оваа втора епоха. Заедничкиот патриотизам е да создаваме едно искрено пријателство, подавање на рака едни со други во име на напредок кој заеднички го сакаме. Заедничкиот патриотизам значи создавање на имунитет кон секој обид на манипулација на власта кон етничките прашања кои нè разединуваат. Видовме дека нема ваши и наши, дека сите ние сме под истиот покрив кој подеднакво прокиснува за сите, кому му треба поправка и силно реновирање за да го вратиме сјајот и да биде подеднакво заеднички“, порача Мицкоски.

И самиот потсети дека во неговиот говор не ги искоментирал Зоран Заев и СДСМ.

„Тоа е затоа што се надевам дека ќе се променат и дека ќе сфатат дека на народот му е доста од поделби и конфликти, туку потребни се напредок и работа“, рече реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Делата ќе покажат

Аналитичари ја нотираат изменетата реторика, но очекуваат да видат дали таа преку дела ќе заживее и во практика.

„Со оглед дека на последниот конгрес на ВМРО ДПМНЕ победата на актуелниот лидер Христијан Мицкоски беше очекувана, а прашањето во јавноста беше дали тоа ќе биде конгрес на еуфорија и ‘исчекување на новата победа’ која само што не дошла, пријатно бев изненадена од новоговорот на Мицкоски“, вели поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Изменета реторика на Мицкоски по неговиот реизбор на лидерската позицијаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Не знам на што или на кого сe должи, меѓутоа  реториката  беше многу пристојна, со добро лоцирање на проблемите со кои се соочува Македонија, без никаква поетска патетика типична за сите негови досегашни настапи, и клучното - без напади на актуелната власт. Напротив, согласно со кредото на конгресот, повика на сеопшто помирување и собирање на целокупниот потенцијал во, и надвор од партијата, за изнаоѓање на решенија за излез од актуелната политичка, економска, здравствена криза“, вели Марковска.

Очекува практиката да покаже дали и навистина ќе има  промени во начинот на дејствување,  или тоа се само флоскули. Нејзината дилема е поттикната од неодамнешни изјави на лица од партијата.

„Пред само неколку дена имавме ‘сеирџиско’ потсмевање со доза на триумфализам, од типот ‘датум за почеток на преговори со ЕУ нема и ќе гo нема во догледно време’, и тоа од високи партиски функционери, чиниш зборуваме за две различни држави, а не за истата Македонија во која сите живееме и ги споделуваме истите проблеми и радости. Граѓаните кои се ‘ежат’ од длабоко вкоренeтиот клиентелизам и идолопоклонство кон лидерите на двете најголеми партии, секогаш ги поддржувале оние кои нудат решенија, кои имаат визија и навреме дејствуваат, кои се храбри и одважни во клучни времиња, и пред сѐ, без никакво лицемерие со политика за ‘дома’ и за ‘надвор’, како што обично ја нарекуваме меѓународна заедница. Времето во кое живееме е прилично тешко, на граѓаните им е доста од ‘зла крв’ и ќе видиме колку желбата за обединување околу  клучните прашања за државата  е вистинска или само ‘пригодна’ флоскула. Времето и состојбите на терен тоа ќе го покажат. Нам на граѓаните, ни останува да почекаме и тоа единство да го видиме и почувствуваме преку направени дела“, вели Марковска.

Ветувањата завршуваат, почнува реализација

Првичен лакмус против поделбите и за нова култура во комуникацијата, би бил гест на размена на честитики меѓу новоизбраниот лидер на СДСМ и на реизбраниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, меѓусебна покана за средба како политички опоненти а не непријатели, следење на таа повисока политичка култура и во комуникацијата на сите други нивоа во партиите, како и партиски соопштенија без досегашната реторика во која не се соопштува ништо ново освен - дискавалификации.

Но, првото соопштение од ВМРО-ДПМНЕ по изборот на партиски претседател на  СДСМ,  кое синоќа го пренесоа медиумите, не води кон посочената насока.

Димитар Ковачевски се залага за силен СДСМФотографија: Petr Stojanovski /DW

Новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера не го коментираше конгресот на опонентите, ни реизборот на партискиот претседател.

„Наша е одговорноста за се што ќе се случува со партијата, но и во државата во годините што следат. Секогаш кога  СДСМ  е силен и има јасна агенда која одлучно се спроведува, државата оди напред. Затоа ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за нивно спроведување. (...) Вечерва завршуваме со ветувања, од утре почнуваме со реализација. Нѐ чека напорна работа ако сакаме  СДСМ  да биде таков каков што сите го посакуваме, силен и обединет. Сите што се подготвени на посветено, чесно работење во интерес на сите граѓани ги сметам за дел од мојот тим. Лично сметам на трудот, енергијата и квалитетите на секој социјалдемократ, секој прогресивен граѓанин и секој кој сака искрено да помогне и да се вложи во успехот на нашата политика и нашата држава“, рече Ковачевски.

Тој му се заблагодари на досегашниот претседател на СДСМ,  Зоран Заев, што во неговиот мандат остварил многу победи за СДСМ.

Зоран Заев  го консолидираше СДСМ во многу тешки услови. Заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски, ги врати слободата и демократијата, воспостави едно општество за сите, ја внесе државата во НАТО и ја донесе пред портите на преговори со ЕУ.  Зоран Заев  нѐ научи што е лидерство, што е партиско другарство и што вистински значи да се биде демократ и прогресивен политичар. Тој ни остава аманет да го продолжиме патот на демократскиот развој и грижа за сите. Ние од тој пат нема да отстапиме“, порача новиот лидер на СДСМ.

Неговите противкандидати Јован Деспотовски и Фросина Ременски му го честитаа изборот, со пораки за единство и обединување, за да се постигнат уште подобри резултати за граѓаните. Деспотовски посочи дека македонската јавност вчера имала можност да види два модела на внатрепартиска демократија: една политичка партија каде 500 луѓе гласаат за претседател, и модел во кој 50.000 луѓе избираат во отворен и транспарентен процес, и во кампања која и доликува на најголемата политичка партија во државата.

Без оглед на моделот за избор на партиски претседател, од денеска двете раководства на партиите ќе бидат под лупа на јавноста, која ќе следи дали, и во која мера, дадените ветувања се совпаѓаат со нивната практична реализација.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми