Првиот школски ден
Н. Домазетовиќ24 август 2016 За учениците во Германија денеска е првиот училишен ден.
Фишеци полни подароци, специјални училишни ранци, кутија за ужинка, благослов, училишна приредба и на крајот семеен собир.
Така изгледа првиот училишен ден на секое германско прваче.
Како се одбележува првиот школски ден во Германија
Некои деца се возбудени, други се ужаснати, но никој не може да го избегне. Првиот школски ден во Германија е исполнет со ритуали, а дел од нив се стари стотици години.
Фишек полн подароци
Најважниот дел од првиот школски ден на секое германско дете е т.н. Шултуте, или школскиот фишек со подароци. Изгледа дека помислата на првооделенците, дека секој нареден ден во следните 12 или 13 години ќе го поминат на училиште, мора да биде „заблажена“ со чоколади и подароци – традиција која датира од раниот 19 век. Родителите ги полнат подароците во фишеци.
Почеток на нова фаза
Најголемиот дел од децата во Германија имаат шест години кога за прв пат одат во училиште, во зависност од регионот во кој живеат тоа се случува во август или септември. Повеќето од нив веќе поминале неколку години во градинка или забавиште, што не е дел од јавниот школски систем и поради тоа нема голема педагошка улога. За децата и нивните родители првото одделение е голем предизвик.
Избор на „вистинскиот“ ранец
Родителите на своите првачиња им купуваат ранци, познати како „Шулранцен“. Тие често се изработени со правоаголна рамка со цел книгите и хартијата сместени во нив да не се извиткаат, а храната да не се згмечи. Во повисоките одделенија важен е брендот на фармерките, но за првачињата клучно е нивните ранци да го имат најмодерниот дизајн. Војна на ѕвездите или Супермен, на пример.
Основни потреби за училиште
Ранецот треба да се наполни со моливи, пенкала, линијари и папки пред почетокот на првиот школски ден. Во Германија, особено помалите деца немаат ручек во школите. Наместо тоа, имаат време за ужина во утрото, а на пладне имаат слободно време кое може да го искористат да ручаат дома или во школската кантина. За транспортот на ужинката потребна е соодветна кутија или „Паузенброт“.
Ден за паметење
Многу деца од целиот свет позираат за фотографијата од нивниот прв школски ден. Во Германија, децата ги држат своите неотворени торби со подароци и слатки (Шултуте), кои често се поголеми и од нив самите, а често држат и знак на кој пишува: „Мојот прв ден на училиште“. За многу од првачињата, ова не е најсјајниот момент во големиот ден.
Испраќање со благослов
Првиот школски ден во Германија не започнува со училишен час туку со специјална церемонија. Родителите, роднините и кумовите се поканети да се придружат. Вообичаено, традицијата вклучува црквена церемонија со која на првоодделенците им се дава благослов и се одбележува отпочнувањето на школувањето и нова фаза во нивниот живот. За учениците муслимани, некои школи нудат интер религиозна церемонија.
Водство од поискусните
За време на прославата, повозрасните деца или учителите прават приредба и им објаснуваат на новите ученици како функционира училиштето. Во одредени училишта, на првооделенците им се доделува пријател од трето или четврто одделение за да им помага.
Чувствувајте се како дома
Во фестивалите за запознавање е вклучена и тура во училиштето и на првоодделенците им се покажуваат нивните училници, кои се одбележани со „1А“, „1Б“ или „1Ц“ зависно од големината на училницата. На таблата на сликата пишува: „Добредојдовте, клас 1А“.
Семеен собир
По церемонијата на училиште, семејствата организираат своја прослава. Дедовците и бабите, роднините, како и пријателите се поканети на ручек или на торта за да ги видат младите и да го поздрават нивниот влез во новиот свет. Првоодделенците веројатно се нервираат поради сето галење по главата и штипкање по образите - но вообичаено добиваат подароци што ќе им надокнадат за тоа.
Втор ден на училиште
Откако церемонијата ќе заврши, тортата е изедена и подароците се одвиткани, првиот ден на училиште завршува. Следниот ден, првоодделенците мора да ги најдат своите нови училници за првата лекција. Основното училиште во Германија се одвива од прво до четврто одделение. Потоа, учениците продолжуваат кон едно од трите видови на секундарно образование, во зависност од нивните академски перформанси.