1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Челниците на ЕУ бараат јасност за потеклото на коронавирусот

СН/агенции
10 јуни 2021

Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Еврокомисијата Урсула фон дер Лајен, ја повикаа Кина да го разјасни потеклото на коронавирусот. Согласни се дека е неопходна целосна транспарентност.

Belgien Brüssel | EU-Gipfeltreffen -  Ursula von der Leyen und Charles Michel
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Лидерите на ЕУ денеска повикаа на непречена истрага за потеклото на пандемијата со Ковид-19, која најпрво беше идентификувана во централна Кина, среде критиките по првичната истрага на Светската здравствена организација.

Студијата на СЗО во јануари и во февруари беше „недоволна и неубедлива“, беше истакнато во соопштението на мисијата на САД во ОН во Женева минатиот месец, повикувајќи да се спроведе, како што се вели, навремена и транспарентна втора истрага, заснована на докази , вклучително и во Кина.

„На истражителите им е потребен целосен пристап до сѐ што им е потребно за вистински да се пронајде изворот на оваа пандемија“, изјави на прес-конференција во Брисел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Светот има право да знае што точно се случило за да можат да се научат лекциите“, рече претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел. Тој додаде дека ЕУ ги поддржува сите напори во таа насока.

Повеќе:

-Што знаеме за потеклото на пандемијата на коронавирусот?

-СЗО: Коронавирусот го пренесле лилјаци, не е „избеган“ од лабораторија

-„Дали армијата на САД го донесе коронавирусот во Вухан?“: Како Кина шири дезинформации за Ковид-19

„Ние повикуваме на напредок кон транспарентна втора студија за потеклото на Ковид-19, заснована на докази и предводена од експерти од СЗО, и која ќе непречено ќе се одвива“, стои во нацрт-текстот што треба да биде усвоен на самитот ЕУ-САД во наредната недела.

Американскиот претседател Џо Бајден во мај рече дека американските разузнавачки агенции разгледуваат спротиставени теории, потенцијално вклучувајќи ја можноста за лабораториска несреќа во Кина.

Во извештајот на СЗО се вели дека вирусот најверојатно бил пренесен од лилјаци на луѓе преку друго животно и оти „неговото проширување преку лабораториски инцидент се смета за крајно неверојатна патека“.

Дипломати на ЕУ изјавија дека поддршката на ЕУ за нова студија е претежно симболична, бидејќи Унијата не би била директно вклучена во неа.

Вирусот за првпат беше идентификуван во градот Вухан во централна Кина кон крајот на 2019 година.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми