1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Напад врз Одеса: Што не раскажува руската пропаганда

Еуген Тајзе
27 април 2022

Украинскиот пристанишен град Одеса стана цел на руската војска. Москва молчи за цивилните жртви од ракетните напади. Оттогаш, Украинците кои зборуваат руски дефинитивно ѝ го свртеа грбот на Москва.

Жители на Одеса пред нивната зграда, која беше оштетена во руското гранатирање на Велика Сабота
Жители на Одеса пред нивната зграда, која беше оштетена во руското гранатирање на Велика СаботаФотографија: Max Pshybyshevsky/AP/dpa/picture alliance

„Чудо е што е Олекси жив“, ни раскажува Михаило (20) од Одеса. Тукушто го посетил пријателот во болница. Олекси е итно опериран, поради тешки изгореници. На пријателот му кажал дека бил во бањата кога во саботата во 14 часот и 30 минути руски проектил ја погодил станбената зграда во која живее. „Бил под урнатините и кусо бил без свест, но се извлекол. Отишол до подземната гаража каде му помогнале соседите“, вели Михаило за ДВ. Тој веќе успеал да собере 7.000 евра за лечење на својот некогашен училишен другар.

Одеса е во шок поради руското ракетирање на станбена зграда на Велика Сабота. „За Велигден многу семејства се вратија во Одеса, откако со недели се криеле на село или на западот од Украина. Но, Одеса долго беше поштедена од напади, затоа многумина мислеа оти тука е безбедно“, раскажува Михаило.

Фронтот досега беше повеќе од стотина километри источно од Одеса, пристанишен град на Црното море.

Први цивилни жртви од војната во Одеса така станаа една жена и нејзиното тримесечно бебе, како и млада брачна двојка која очекувала дете. Според украинските власти, загинале 8 лица, а повеќе се ранети.

Целосно уништен: Вака изгледа домот на Олекси по руското гранатирањеФотографија: Privat

„Ужасен ден“, раскажува за ДВ, Виктор Јорш, домар во погодената зграда. Вели, нема многу време за разговор, бидејќи треба да ги расчисти последните урнатини.

„Во оваа зграда, 30 до 40 стана се уништени или оштетени.“

Русија го негира нападот

Москва негира дека има цивилни жртви. Според руските наводи, цел бил воениот аеродром кој наводно е погоден со ракета со „висока прецизност“.

Погодената зграда се наоѓа, пак, на километар и половина југоисточно од воениот аеродром Шкилни. Тоа се совпаѓа со тврдењата на украинската војска дека проектилот дошол токму од југоисток, од Каспиското Море. 

Ни стручњаците не се согласуваат колку руските ракети можат да бидат прецизни, кога се испукуваат со илјадници километри далечина. Извесно е оти руската армија не ја засегаат ни таканаречените „ексцесивни колатерални штети“, како што се викаат во хуманитарното меѓународно право. Покрај споменатиот аеродром се наоѓаат станбени блокови, трговски центар, зоолошка градина, манастир...

Меѓу урнатините: Припадници на итните служби помагаа во евакуацијата на жителите на погодената зграда во ОдесаФотографија: State Emergency Service of Ukraine/AFP

Нареден Мариупол?

Олга (23) чиј стан, исто така, е уништен, не верува во колатерална штета. „Русите сакаат да предизвикаат паника во Одеса. Подготвени се да нѐ избришат како што тоа го сторија со луѓето во Мариупол“, вели младата претприемачка за ДВ. Во нападот се здобила со полесни исеченици.

„Варев јајца во кујната кога ракетата го погоди соседниот стан. Претходно сирената за узбуна се слушаше десетина минути, но јас ја игнорирав. Ако, како што советуваат, се сокриев во бањата - ќе бев мртва. Бидејќи, удри точно на таа страна во мојот стан“, раскажува Олга.

Студентот Михаило е бесен. Смета дека е перфидно тоа што Русија како повод за нападите ја зема наводната заштита на русофилното население во Украина. И тој израснал зборувајќи руски. „Отсега зборувам само украински. Не сакам ништо повеќе да имам со Русија, дури ни ист јазик“.

„Ќе ја браниме Одеса“

Многу набљудувачи веруваат оти руската војска ќе се сврти кон Одеса, по падот на Мариупол. „Ќе ја браниме Одеса“, вели  Михаило. Тој големиот број Руси кои веруваат во пропагандата на нивното државно раководство ги смета за соодговорни за оваа војна.

Но дека не секој во Русија верува во државната пропаганда покажува видео пораката на популарниот руски комичар и модератор Максим Галкин. „Русија во меѓувреме е виновна за толку многу работи. А постојано вели, ние не сме виновни.  Масакр во Буча? Тоа не бевме ние. Соборениот Боинг на „Малезија ерлајнс“? Тоа не бевме ние. Срамнувањето со земја на Мариупол - исто така не бевме ние. Ракета на Одеса - не ние! Но, што тогаш ние воопшто правиме во Украина?“ Галкин, кој сега живее во егзил во Израел, ја доведува во прашање руската аргументација. Неговото видео е споделено на социјалните мрежи стотици илјади пати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми