Први реакции на изборите во Берлин и Мекленбург Предна Померанија
18 септември 2006Шефот на социјалдемократската партија Курт Бек се осврна на фактот дека избирачите не ја поддржале христијанско демократкста унија на канцеларката Ангела Меркел дури ни во покраината од каде што доаѓа таа. Бек манифестираше и задоволство од фактот што неговата партија останува на власт во обете покраини во кои се бираше вчера.
„Се радувам затоа што Берлинчаните толку впечатливо го потврдија владеењето на Клаус Воверајт. Социјалдемократијата во Берлин повторно освои повеќе гласови и јасно е дека Берлинчани сакаат да го задржат премиерот на покраинската влада.„
Шефицата на Партијата на Зелените, Клаудија Рот смета оти изборниот резултат ја покажува волјата на избирачите на местото на помал коалиционен партнер на социјалдемократите во покраинската влада за Берлин да се најдат токму Зелените:
„Ова е неверојатен резултат за нас. Ние сме фактичкиот победник на изборите во Берлин. Сите други загубија дел од гласовите, а најмногу Партијата на левицата, која беше на власт со социјалдемократите. Сметам дека ова е јасна одлука на избирачите за коалиција меѓу СПД и Зелените, со акцент на Зелените.„
Шефот на Либералите Гидо Вестервеле се појави со следната оценка на изборите во двете покраини:
„Во Берлин остваривме одличен резултат, тоа е за нас втор најдобар резултат во таа покраина од повторното обединување на Германија. А во Мекленбург Предна Померанија остваривме триумфален резултат. Дотолку повеќе што цели 12 години не бевме воопшто застапени во тамошниот покраински парламент.„
Од името на владеачката Христијанско демократска Унија, генералниот секретар Роланд Пофала го призна поразот на неговата партија на обата избора. Ние навистина не ги остваривме зацртаните цели, ова е разочарувачки исход на изборите за нашата партија – нагласи Пофала.