Коронавирусот стигна и во Швајцарија, Австрија и Хрватска
БГ /РТР
25 февруари 2020
Уште три европски земји пријавија први случаи на болеста КОВИД-19 и велат дека сите заболени неодамна пристигнале од регионот Ломбардија во Италија каде со денови се шири епидемијата.
Реклама
Италијанските власти денеска информираа за голем раст на случаите на коронавирус во земјата, со 322 заболени и 11 мртви. Тоа е пораст за 40 проценти во однос на понеделникот. Сите четири жртви се постари лица. Во меѓувреме, вирусот од северот на Италија се прошири и на соседните земји.
Еден 70-годишен човек од Швајцарија покажал симптоми на коронавирус по враќањето од патување во Милано, Италија, соопштија швајцарските власти. Лицето е изолирано во клиника во Лугано додека властите истражуваат дали бил во контакт и со други луѓе. Тоа првиот регистриран случај во Швајцарија, но властите велат дека очекуваат повеќе во иднина.
И во Хрватска е регистриран првиот случај. Се работи за човек кој патувал во Милано. Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека се работи за „млад човек со блага форма на болеста“, и дека е „изолиран, а неговата состојба е добра“.
Во австриската покраина Тирол регистрирани се два случаи, 24-годишна жена и маж кои тукушто се вратиле од Бергамо во Ломбардија. Тие во Австрија пристигнале со приватен автомобил. Обајцата најпрво развиле висока температура, а потоа се пожалиле и на болки во грлото. Двајцата сами се пријавиле кај властите и се наоѓаат во стабилна состојба, но се чуваат во изолација.
Австриските служби истражуваат дали заболените попатно имале контакт и со други луѓе. Жената работела во хотел во Инсбрук кој е привремено затворен.
Политичари од австриската десничарска Слободарска партија побараа од владата да ги затвори границите кон Италија. Но италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца изјави дека на средбата со неговите колеги од Австрија, Швајцарија и Хрватска било одлучено дека затворањето на границите би било „несоодветно“.
Германскиот Црвен Крст соопшти дека ќе им забрани на лица кои неодамна престојувале во Италија да даруваат крв во следните четири недели.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.