1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првомајски слики, дамнешни и сегашни

2 мај 2022

Првомајските паради и партизанските филмови ни ја претставуваа војната и милитантниот дух како херојски еп, но, тоа, сепак, не ги воспита трајно југословенските граѓани на педагогија на мирот. Пишува Кица Колбе

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Кога мислам на Први мај од детството, паметењето ме уверува дека тоа беше празник на кој секогаш врнеше. Уште го чувствувам студенилото, додека со сандалите купени за Велигден газев нив кревката свежозелена трева, а од росата или од дождот што паднал во ноќта, веднаш ми се накиснуваа новите бели чорапи-доколенки. Мајскиот утрински воздух ме боцкаше по голите колена. За најголемиот број на децата во југословенскиот социјализам Први мај беше најомилениот празник. Поради првомајските излети во природа и првомаските паради. Јас не бев восхитена ниту од излетите, ниту од парадата. На овој празник најчесто врнеше уште од утрината, а неретко се истураше пороен дожд и среде пладне.Толку многу првомајски слики имам сочувано во паметењето на луѓе што се кријат под стреите, додека чекаат на автобуските постојки за да се вратат дома од Првомајската парада. Ги гледам пред себе и сега социјалистичките мајки, како се враќаат низ дождот боси по скопските улици, носејќи ги новите штикли в раце. Ми се чинеше дека тогаш сите мајки беа купиле за Први мај нови чевли кои ги „убиваа“. Автобусите по излетите мирисаа на ракија и лук, на пот и на цигари.

-други колумни од авторката: Велигден во егејското гето

На парадите ме плашеа турканиците на толпата од луѓе на тротоарите. Уште повеќе ме плашеа војниците што маршираа, придружени од гласната музика. Кога денес ги гледам документарните филмови за југословенските првомајски паради, ми станува јасно дека ме плашеше латентната милитантност на духот на парадите. Дури и кога парадираа камиони, украсени со знамиња и цвеќиња, во кои седеа гордите работници на социјалистичките фабрики, воената музика на се‘ му даваше милитантен ритам. Ми станува јасно колку со временската дистанца се менува перцепцијата на нештата. Денес родителите не би отишле на Први мај со своите малечки деца на парада, на која празнично се покажува воената сила на една земја. Тоа славење на армиските сили беше уште подрастично на парадата во Москва во Советскиот Сојуз, која ја гледавме на телевизиските вести. Всушност, неброени генерации во социјализмот беа воспитувани преку ритуали во кои се славеше војната и воениот етос. Првомајските паради и партизанските филмови ни ја претставуваа војната и милитантниот дух како херојски еп, но, тоа, сепак, не ги воспита трајно југословенските граѓани на педагогија на мирот.

Тој латентно милитанетен дух на хероизирање на војната и армијата беше сигурно еден од сегментите кои доведоа до постјугословенските војни.

Први мај го сакав само заради месецот мај и раскошно расцутената природа. Јас бев дете кое имаше очи за скришната убавина на најкревкото и најситното, на тоа што е навидум безначајно. Расцутените перуники крај потоците во излетиштето Сарај, во Ергеле и безбројните диви нарциси во ливадите близу Хиподром. Први мај за мене беше мојот детски празник на зеленилото, на природата во сите нејзините чудесни нијанси. Кога одевме на излет, се криев во расцутените грмушки од неубавите обичаи на возрасните, чекајќи да си одиме дома. Ми се чинеше дека на првомајските излети сите татковци беа пијани. Ме растажуваа преморените мајки, кои ги држеа во скутот заспаните деца. Уморот на ноќта спроти Први мај, кога готвеле и печеле зелници и колачи за излетот, кога до доцна ја пеглале празничната облека за цела фамилија, им се читаше на мајките во очите кои со мака ги држеа отворени. Освен тоа, социјалистичките автобуси секогаш се тетеравеа во заспивен ритам. Го сакав мигот кога на крајот на празникот животот повторно се враќаше во секојдневното, здодевно еднолично темпо. Јас од дете се восхитував на неговата тајна. Кога завршуваше Први мај веќе се радував на близината на Ѓурѓовден и на лулашките што се врзуваа врз секоја подебела гранка. Тоа беше мајскиот рај за децата од предградието во кое пораснав, барем така ми се причинува денес.

Мајско дрво во ГерманијаФотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Како дете бев убедена дека мај е магичен месец, затоа што сиот е преполн со цветови, миризми и чуда. Затоа што за мене беше чудо кога во мај ќе ги здогледав на небото јатата од ластовици. Или кога, неочекувано, во едно обично утро, на највисоката бандера, во старото гнездо, ќе се појавеа штрковите. Во мојата прва пролет во Германија го доживеав како малечко чудо германскиот обичај со накитените мајски дрвја. Младите момчиња и мажи во ноќта спроти Први мај, поставуваат такви дрвја пред куќата на девојката во која се вљубени. Тоа се најчесто млади дрвја од бреза, кои ги сечат самите во шумите или ги купуваат на продажни штандови во големите паркови. Гранките ги украсуваат со разнобојни ленти, а на стеблото прицврстуваат картон во форма на срце со името на љубената. На Први мај многу балкони, влезови и улични светилки во германските градови изгледаат како да расцутиле и разлистале преку ноќта.

-други колумни од авторката: Да се биде во ЕУ и без ЕУ-членство?

Освен тоа, во вечерта спроти Први мај се одржуваат насекаде музички прослави. Тоа е прочуениот „Танц во мај“ (Tanz in den Mai). Тој потекнува од постари обичаи со кои на последниот ден од април се празнува со танц разделбата од зимата и од студот. Во германскиот јазик месецот мај се нарекува и „месец на радоста“ – „Wonnemonat“. Други објаснувања говорат дека обичајот да се палат „мајски огнови“, но и „танцот во мај“, се остаток од паганските обичаи, како  Валпургиската ноќ.  Кога првпат ги запознав овие германски обичаи, си реков дека мојата детска интуиција, според која мај го доживував како најмагичниот месец во годината, не била погрешна. Во „мајските дрвја“ на вљубените јас денес ги гледам и зелените гранки со кои пред Ѓурѓовден се украсуваа вратите. Секој мај го разбудува во мене скопското детство, со сета негова скромност и живописност. Денес, додека со внука ми од прозорецот го набљудувавме небото над раскошното зеленило во нашата келнска улица, ми се пристори дека во синилото ја здогледав првата ластовица во оваа година. Шртковите одамна не се враќаат во големите германски градови. Нив ги гледам само уште во паметењето.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми