1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прво дојдоа по социјалистите

Анастас Вангели28 април 2016

Организираното левичарско делување во Македонија се роди во истиот период кога Груевски полека преминуваше од технократ во автократ – во периодот 2006-2008 година. Гостинска колумна на Анастас Вангели

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Како што протестите во Македонија се омасовуваат и шират низ градовите, режимската пропаганда слабее, и затоа сега власта сѐ повеќе се ослонува на примената на сила како средство за гаснење на народниот револт. Мета на насилството на секој разјарен режим е секој неистомисленик, а на листата на разузнавачкото подземје во дадени моменти некои добиваат „посебен третман.“ Деновиве режимот презема посебни мерки против едни од најгласните и најистурените групи на протестите поттиканти од срамната аболиција на Ѓорге Иванов - новата политичка партија Левица, и левичарските движења Солидарност и Ленка.

Новата левица како опасен непријател најпрвин ја прозва самиот Иванов по немирната ноќ на 13 април. Потоа, дојдоа повици на забранување на организации и партии. На 25 април, приведени беа членови на партијата Левица, др. Здравко Савески и Владимир Куновски. Савески е член на президиумот на партијата, и долгогодишен активист со особен придонес за развој на новиот левичарски и независниот синдикален активизам. Останати членови на раководните органи на Левица се бараат за кривични дела. На 26 април, на насловната страница на провладиниот „Дневник“ се појави повик за линч на Солидарност полн со лаги, инсинуации и клевети, но и со лични информации, адреси и телефонски броеви, но и „општиот прекар“ „Бибер“ (дали е тоа кодното име под кое левицата е заведена во црните тефтери на службите?). Режимските портали кои ја пренесоа веста особено ликуваа поради објавувањето на овие „ексклузивни“ податоци за државните непријатели.

Анастас ВангелиФотографија: privat

Новата левица е закана на режимот затоа што претставува нов актер, кој не преговара, не простува и не се плаши од хајките. По долгогодишно делување под радарот, во новонастанатата револуционерна ситуација, левичарските организации избија во мејнстримот, заземајќи го радикалното крило на широкото протестно движење. Тие имаат големо улично искуство, силна идеологија, вешто ги користат социјалните медиуми за пропаганда и мобилизација, имаат поддршка од дијаспората, а нивната стратегија во очите на естаблишментот е непредвидлива.

Борба на два фронта

Организираното левичарско делување во Македонија се роди во истиот период кога Груевски полека преминуваше од технократ во автократ – во периодот 2006-2008 година. Со анти-авторитаризмот во својата срж, тие успеаја да развијат нов политички израз кој ги таргетира структурните проблеми на транзицијата, кој е надетнички, и кој критички ги преиспитува сите догми во општеството. Тоа им помогна околу себе да привлечат голем број млади и полетни луѓе кои се противници на власта, но кои во исто време не го споделуваат доминантниот либерален наратив во граѓанскиот сектор, ниту се приклонуваат кон најголемата опозициска партија СДСМ. Овие граѓани претходно немаа политички израз, па за режимската пропаганда беше лесно да спинува дека се работи повторно за веќе виден дуел помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Со влетувањето на новата левица во арената, во анти-режимската борба влегоа и многу не-СДСМовски анти-груевисти, и сега режимот мора да се бори на два фронта, а тоа нема да може да го издржи.

Режимската хајка против левичарските организации претставува обид тие да бидат скршени, исплашени и да се повлечат од протестите. Веројатно режимот смета дека со притисокот врз левичар(к)ите, ќе придонесе до растурање на широкото протестно движење. Разидувањата на левицата со СДСМ и дел од граѓанскиот сектор не се тајна, и на моменти испливуваат на површина (на пример, лани најголемиот опозициски весник исто така го стави Солидарност на насловната страница, нарекувајќи го „тројански коњ“ на режимот во опозициските редови).

Но, во моментов, приоритетната политичка разлика во Македонија е дали сакаме да градиме општество во кое ќе има место за политички разлики, или ќе дозволиме да завладее тоталитарно мракобесие. Енергијата на левичарските организации произлегува од солидарноста, другарствата градени на протести, и визијата за подобро општество. Токму затоа, тие апсењата и повиците за линч ги дочекаа само како дополнителна причина да протестираат со поголем интензитет.

Авторот е докторанд по општествени науки на Полската Академија на Науки.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми