1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв работен ден на осмиот македонски премиер

17 јануари 2022

Премиерот Ковачевски не очекува и не бара 100 дена грејс период за Владата. Ветува работа веднаш и влез во жарот на проблемите од првиот ден .

Новиот македонски премиер, Димитар Ковачевски знае дека неговата влада ќе биде во постојана трка со времето.
Новиот македонски премиер, Димитар Ковачевски знае дека неговата влада ќе биде во постојана трка со времето.Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Со примопредавањето на функцијата меѓу досегашниот премиер Зоран Заев и новоизбраниот македонски премиер, утрово и официјално стартуваше првиот работен ден на Димитар Ковачевски на „Илинденска" број 2. Осмиот македонски премиер во тридеценискиот период од самостојноста на државата, стапува на функција во тежок период, обременет со четири кризи - енергетска, епидемиска, економска и евроинтеграциска. Од тој аспект, премиерот знае дека неговата влада ќе биде во постојана трка со времето.

„Како граѓани, како држава, можеме да обезбедиме речиси се, но најмалку на располагање имаме време“, рече Ковачевски.
Целосно свесен во каков период стапува на должноста, јасно е дека ќе нема „меден месец“ за владата, ниту пак го побара тоа.

„Не очекуваме и не бараме 100 дена грејс период за новата Влада. Едноставно, нема време за запознавање и анализи. Влегуваме во жарот на проблемите и предизвиците и ќе сториме се да бидеме успешни и ефикасни, за што јавноста и вие пратениците ќе не контролирате“, рече Ковачевски и најави „работа веднаш!“

Девет нови имиња во новоизбраната македонска владаФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Густа агенда

Веќе за првиот работен ден, тој најави дека новата Влада ќе треба да носи решенија за енергетската криза. Првата средба со странски политичар Ковачевски денеска ќе ја има со министерката за Европа при Министерството за надворешни работи на Германија, Ана Лирман. Во фокусот на разговорот ќе бидат билатералните односи меѓу двете земји, економско-политички прашања, како и европската перспектива.

Премиерот денеска ќе мора да ги заврши и подготовките за утрешната средба со неговиот бугарски колега Кирил Петков, кој ќе пристигне во Скопје придружуван од шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и министерот за транспорт Николај Сабев. Средбата е исклучително значајна, бидејќи на неа треба да се постават основите низ кои пет работни групи од двете земји ќе го трасираат патот до решение на спорот, односно за деблокада на бугарското вето. А сиболчики уште позначајна, ако се има предвид дека Северна Македонија е првата земја што ќе ја посети Петков по неговиот избор за премиер, одлука што беше критикувана од бугарската опозиција, со став дека требало најпрво да ја посети Романија. Двајца поранешни министри за надворешни работи од редовите на ГЕРБ (Екатерина Захариева и Даниел Митов) тврдеа и дека одлуката за посетата на Скопје е „избрзана", бидејќи требало да се донесе откако официјално ќе биде избрана новата македонска влада, а не пред тоа. Сето ова ја зголемува потребата и обврската да се реализира ефикасна и плодна, а не само протоколарна и запознавачка средба. Во пресрет на посетата, Ковачевски испрати порака до граѓаните - за што нема да разговара новата Влада. 

„За Владата не постои никаква дилема - никој не смее и никој нема да преговара за идентитетот на македонскиот народ и за историски и научно потврдената специфичност и уникатност на македонскиот јазик. Разговорите со Република Бугарија ќе продолжат и ќе се интензивираат, бидејќи ние сме пријателска земја која развива добрососедство и бидејќи имаме исклучителен стратешки интерес да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ“, рече Ковачевски.

Новоизбраниот премиер Ковачевски, за време на собраниската седница за избор на новата владаФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Три пати мери, еднаш сечи

Додека повеќе социјалдемократски премиери и влади во минатото се стекнуваа со етикета за „ароганција“, Ковачевски настапи со речник кој е далеку од таков стартен впечаток. Апелираше на соработка со опозицијата, и не ги спореше епитетите што му се припишуваат.

„Многумина ме карактеризираат како технократ. Во ред. Се нафатив на оваа обврска и одговорност, не затоа што е лесно и убаво, туку затоа што е тешко и затоа што сум убеден дека мора да се најдат решенија. Во Владата ќе понудам концепт на управување и работа кој нема да објаснува зошто нешто не може да се заврши и колку е тоа тешко, туку модел во кој секој ќе знае што, како, кога и зошто ќе работи. И ќе се мерат резултатите на сработеното, а не на плановите. Бидејќи од ветувања и надежи не се живее", порача Ковачевски.

Повеќе: Мицкоски за ДВ: Во новата влада се истите лица чии политики беа поразени!

Вети модел на партиципативност и ја повика целата опозиција на заедничка работа и консензус за клучните прашања.

„Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме, и бараме сите да ни се приклучите да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и на ширење и поттикнување на песимизам. Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси настрана, бидејќи сега повеќе од било кога мора да соработуваме во интерес на граѓаните", повика Ковачевски.

Потенцираше дека не знае, не сака и нема да ги дели граѓаните и министрите на „наши“ или „ваши“, затоа што граѓаните се уморни од поделби, препукувања, постојани надмудрувања и борба на партиски соопштенија. За поделбите во општеството вината ја лоцираше во политичарите, и затоа смета дека промените мора да почнат во политиката. На функцијата стапува со ветување за политики на отвореност и стручност.

„Многу ќе слушаме, ќе бараме критика и сугестии, за да донесеме најдобри одлуки. Со целата Влада сме подготвени, како што се вели народски „трипати да мериме, еднаш да пресечеме“. Но, кога ќе се донесат одлуките, истите веднаш и неодложно да се применат, за да од нив сите граѓаните имаат корист", вети Ковачевски. 

Новиот и доскорешниот македонски премиер, Димитар Ковачевски и Зоран Заев.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Поддршка од 62

Неговата влада ноќеска беше избрана со 62 гласови „за“, со колку што беше избрана и претходната влада на Заев. Иако зголеменото владејачко мнозинство сега брои 64 пратеници, вчера за Владата сепак гласаа двајца помалку. Според собраниски извори, не гласала пратеничката од СДСМ, Лолита Ристова, поради Ковид-19 и пратеникот од ДУИ, Изет Меџити, за чија постапка има шпекулации, но не и образложение од негова страна.

Легитимитетот на новата влада беше една од најспомнуваните теми од страна на опозицијата, во дводневната дебата за новата влада. Од опозицијата критикуваа дека Ковачевски нема легитимитет, бидејќи не добил поддршка од граѓаните на избори, туку добил доверба од Заев.

Ковачевски во завршно обраќање пред гласањето, истакна дека легитимитетот на новата влада е неспорен.

„Легитимитетот на Владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржлив во следните две и пол години. Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш, ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин. Најавив и цврсто остануваме на нашиот модел за ефикасно управување и транспарентно, фокусирано и базирано на резултати", порача Ковачевски.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми