Постар маж на северот на Италија почина од инфекција со корона-вирусот. Тоа е прв смртен случај на еден Европеец во ЕУ.
Реклама
Станува збор за 78-годишен Италијанец, соопшто италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца. Тој поради друга болест пред една и пол недела бил пренесен во болница во регионот Венето.
Во Италија постои голема загриженост од ширење на новиот корона-вирус. Бројот на заразени се зголемува особено во соседниот регион на Венето - Ломбардија. Според официјални наводи, во Ломбардија има 15 лица заразени со SARS-CoV-2.
„Под контрола“
Властите издадоа наредба за итно затворање на училишта, институции и други јавни објекти во повеќе северноиталијански градови. Најмалку една недела ќе останат затворени и продавници, барови, дискотеки и спортски центри, изјави Сперанца по кризната седница за корона-вирусот Италијанскиот премиер Џузепе Конте, пак, уверува дека „се’ е под контрола“.
Во Кина од декември досега од белодробното заболување COVID-19 починаа над 2300 лица, а инфицирани се околу 76.000. Првиот смртен случај на територија на ЕУ беше регистриран во Франција, на средината од месецов, каде почина турист од Хубеи, кинеската провинција каде што изби епидемијата.
Коронавирусот го парализира кинескиот туризам
Забранетиот град е напуштен, а делови од Кинескиот ѕид се затворени. Коронавирусот ги принуди врвните туристички атракции во Кина да ги затворат своите порти, бидејќи културните настани се откажани или стопирани.
Фотографија: AFP/G. Baker
Глобално влијание
Епидемијата на коронавирусот создава последици за меѓународните културни настани. Уметничкиот саем „Арт Базел Хонг Конг“ е откажан. Кина го намали своето учество на 70-тиот меѓународен филмски фестивал во Берлин. Исто така, беше откажан и новогодишниот концерт на кинеската национална опера во Берлин, музичарите и изведувачите не смееја да заминат од земјата поради кризата со коронавирусот.
Фотографија: Getty Images
Затворено за туристите
Вообичаено, голем број туристи се шетаат низ Забранетиот град. Сега, овој турист ја има само за себе Империјалната палата во Пекинг. Таа е изградена од 1420 до 1644 година, се смета за архитектонско ремек-дело, а од 1987 година е дел од светско наследство на УНЕСКО. Првично бил седиште на династијата Минг, а подоцна и на династијата Кинг, и таму живееле императорот и неговите дворјани.
Фотографија: AFP/G. Baker
Туристичките атракции на чекање
Дизниленд во Шангај засега ги затвори вратите кон Волшебното кралство. Избувнувањето на коронавирусот се засили на почетокот на кинеската Нова година. Последователните карантини и патни ограничувања предизвикаа да пропадне годишниот прилив од патувањата за одмор во и до Кина. Минатата година индустријата пријави промет од 71,5 милијарди евра само за време на еднонеделните празници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Kyodo/Maxppp
Нема пристап
Во борбата против коронавирусот, кинеските власти не се двоумеа да ги затвораат и историските знаменитости. Делови од Големиот ѕид во Кина, моќниот симбол на земјата, се затворени. Делот од ѕидот во Бадалинг, северен Пекинг (на фотографијата горе), кој е многу популарен кај туристите, е затворен. Затворени се и гробниците на династијата Минг и на пагодата Јиншан.
Фотографија: Reuters/C. G. Rawlins
Танцот на змејот
Пролетта 2019 во Шенјанг: Танчерска група го изведува танцот на змејот по повод фестивалот Лонгтаиту, кога Кина го прославува вториот ден од вториот месец во кинескиот лунарен календар. Познат е како „денот кога змејот ја крева главата“, а земјата и природата ја повраќаат силата. Годинава, тој паѓа на 24 февруари, но епидемијата од коронавирусот би можела да ги спречи славеничките манифестации.