Прв странец - градоначалник во Германија
18 јуни 2019Ако во времето на Викинзите имало хипстери, веројатно ќе изгледале како новиот градоначалник на градот Росток, Клаус Руе Мадсен. 46-годишниот Данец носи густа, долга кафеаво-бела брада. Косата на двете страни од главата му е сосема кратка, а горе подолга и внимателно третирана со гел. Мадсен радо вози тркачки велосипед, тој е тренер за ракомет, трговец со мебел и планира Росток да го направи „попријатен“. Притоа, Мадсен е првиот странец кој раководи со германски голем град, без да има германско државјанство.
„Јас сум граѓанин на Росток“
Мадсен самиот се означува како Европеец и граѓанин на Росток. Германски пасош за него никогаш не била тема, како што изјави за германското радио НДР: „За мене, јас сум Росточанец, сеедно дали со или без пасош“.
Мадсен со сопругата дошол во Росток пред 21 година. Неговото мото во изборната кампања: „Раздвижување на Росток“. Слоганот тој го носи испечатен на маица и јакна, заедно со вицкаст приказ на неговото брадесто лице. Мадсен е бизнисмен, тој поседува пет продавници за мебел и бил претседател на Индустриската и трговска комора на Росток. Не е партиски определен, а во изборната кампања поентираше првенствено со темите клима, економија и дигитализација.Тој доби поддршка од ЦДУ и од ФДП, а во вториот изборен круг успеа убедливо да го победи кандидатот на Левицата, Штефан Бокхан, освојувајќи 57,1 процент од гласовите.
Правила за избор на граѓани на ЕУ
Изборот на човек без германски пасош за градоначалник го овозможуваат правилата на ЕУ од 1994 година. Според нив, граѓаните на ЕУ кои живеат во друга членка на ЕУ настрана од нивната татковина, имаат активно и пасивно избирачко право на локалните избори и тоа под исти услови како и државјаните на соодветната земја. Еден Данец значи може да гласа но и да биде избиран во Германија доколку има постојано седиште во одредена општина.
Правилата меѓутоа оставаат и слободен простор, а и нивната примена е малку различна, како во членките на ЕУ, така и германските покраини. Така, државите на ЕУ можат да одредат на водечки позиции да можат да бидат избирани само сопствени државјани. Таков случај е на пример во Велика Британија, Бугарија, Франција и Италија, каде странците- граѓани од ЕУ можат да бидат избирани во општинските совети, но граданачалничките функции се резервирани за сопствените државјани.
Во Германија секоја покраина ги применува ЕУ-правилата на своја територија. Во Минхен Мадсен ни би имал никаква шанса за градоначалничко место, зашто услов за тоа во Баварија е поседување германско државјанство. Со тоа Баварија е единствена германска покраина која постапува слично на некои ЕУ-држави, во останатите германски покраини странците како Мадсен можат да станат градоначалници.
Построги правила за повисоки позиции
Доколку пак Клуас Руе Мадсон има уште поголеми амбиции,на пример за функцијата покраински премиер, сојузен канцелар или претседател на германскиот парламент, Бундестагот, тогаш сепак ќе треба да се погрижи да добие германски пасош. Овие функции се пристапни само за германските државјани.