1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите може да чекаат, градењето нов клиентелизам - не!

Катерина Блажевска15 јуни 2015

Договорот од 2 јуни на никаков начин не го ограничи Груевски во трошењето буџетски средства за јакнење на гласачката машинерија, што ја компромитира искрената намера за барање излез од кризата, велат аналитичари.

Фотографија: picture-alliance/dpa/RIA Novosti/D. Vinogradov

По неуспехот во Брисел, неизвесно е кога ќе продолжат разговорите на македонската лидерска четворка за надминување на политичката криза. Иако и натаму им даваат шанса на преговорите, партиските лидери не знаат кој би ја иницирал новата средба, а и никој од нив не смета дека треба да покаже домашна иницијатива во таа насока. Засега сите се зафатени со внатрепартиско утврдување на позициите за натамошните чекори. Синоќа во Охрид заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а вечерва ќе заседава Извршниот одбор на СДСМ, откако вчера завршија консултативните средби со коалициските партнери и со 80 граѓански организации кои ја сочинуваат натпартиската коалиција „Граѓаните за Македонија”. Од граѓанската коалиција соопштија дека од разговорите произлегле неколку предлози и сугестии. Им даваат шанса на разговорите, но најавуваат порадакални мерки во случај на нивен неуспех.

„Продолжувањето на разговорите под покровителство на ЕУ може да се разгледува и поддржи уште многу кратко време. Веднаш започнува подготовка на идни чекори кои ќе ги преземеме и кои ќе бидат порадикални од моменталната форма претставена преку Кампот на слободата, а ќе стартуваат веднаш по краткиот период даден како можност за продолжување на разговорите. Продолжува проектот ’Вистината за Македонија’ со објавување нови докази и аргументи. Барањата на коалицијата ’Граѓаните за Македонија’ остануваат непроменети, а тоа е оставка од Никола Груевски, формирање преодна влада која ќе обезбеди пречистување на избирачкиот список, ослободување на јавниот сервис МРТ од контрола на власта, избор на независен Јавен обвинител, како и организирање целосно слободни и демократски избори, кои ќе ја одразат реалната политичка волја на граѓаните на Македонија“, соопшти коалицијата, додавајќи дека му дава силна поддршка на претседателот на СДСМ и на принципиелните позиции и ставови со кои настапува во разговорите под покровителство на ЕУ.

Груевски: ВМРО-ДПМНЕ во секој момент е подготвена за избориФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ВМРО-ДПМНЕ подготвена за избори

Но на терен, повеќе од разговори, се спомнува зборот избори. Премиерот Никола Груевски викендов потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ во секој момент е подготвена за изборно соочување.

„Дали СДСМ би сакал изборите да бидат сега, веднаш, кон крајот на јули, бидејќи законски е да се имаат минимум 45 дена за организирање избори, или ако сакаат во август, септември, ноември или во април следната година“, рече премиерот.

Во ДУИ сметаат дека брзи предвремени избори не може да бидат решение на политичката криза. Според нив, тоа дополнително би ја влошило политичката атмосфера во земјава, бидејќи е јасно дека опозициската коалиција нема да учествува на нив и бара расчистени прашања околу изборната регулатива и избирачките списоци. Актуелната состојба во државата, одржувањето избори најдоцна до април идната година и насоки како партијата да дејствува во однос на актуелните прашања и договорот од 2 јуни, беа теми за кои ВМРО-ДПМНЕ расправаше на синоќешната седница на Централниот комитет во Охрид.

„Преговорите за разрешување на политичката криза во Брисел со посредство на ЕУ најверојатно ќе продолжат“, изјави премиерот пред почетокот на седницата. Тој не одговори кога би продолжиле, но рече дека ВМРО-ДПМНЕ е отворена за разговори.

Пред седницата, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, потенцираше дека партијата секогаш ги базира своите активности на поддршката на граѓаните.

„Ние сме доведени во ситуација како држава, една партија која во континуитет губи на избори да ја уценува целата земја и да предизвикува политичка криза, со тоа надевајќи се дека без избори, без поддршка ќе добие некои функции и некои позиции за себе. За жал, тие не водат сметка за најсуштинските интереси на граѓаните и на државата. Се нанесува штета на економски план, впрочем тоа им е целта, надевајќи се дека тоа ќе оди на контото на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Димовски. Тој додаде дека СДСМ бара начин да ги блокира сите обврски кои ги преземаа партиите со договорот од 2 јуни.

Јакнење на гласачката машинерија

Додека преговорите чекаат нов импулс, на сцена повторно доминираат методите за создавање нов клиентелизам. Тоа создвава недоверба дека партиските субјекти воопшто некогаш ќе можат изборно да настапуваат од рамноправни позиции. Груевски како да доби крила по двете средби со еврокомесрот Хан, вели професорот Ѓорги Спасов.

„Тој брза, во овој 'транзициски период' да вработи што е можно поголем број лица во јавната администрација, буџетските установи и јавните претпријатија. Дели грантови од буџетот за самовработување и дели ветувања од програмата 'Македонија вработува'. Сече ленти на спортски сали, најавува дека до септември ќе започне со изградба и на нови патишта на кои ќе работат над 2.500 градежни работници. Објаснува колку илјади лица ќе вработат странските компании од Германија само во Охрид. Не се симнува од телевизиите говорејќи за големите успеси што ги прави владата и големата штета што и‘ ја прави опозицијата на економијата, но и на земјата во целина“, укажува Спасов.

Вчера министерот за здравство на 113 волонтери им подели решенија за редовно вработување во Градската општа болница „8 Септември“, а уште 210 добија уверување дека етапно ќе добијат решенија.

„Со мерката за трансформација во редовен работен однос, само во здравството по оваа основа се доделени вкупно 1.939 согласности за вработување“, истакна министерот Тодоров.

Според Спасов, со ваквите потези премиерот в лице им кажува на претставниците од ЕУ и на САД дека нема намера да не ги злоупотребува сите државни институции за изборни цели.

„Нема намера да не го користи буџетот за купување на изборите. Нема намера да се откаже од монополот врз клучните медиуми. Нема намера да му дозволи на судството, кое на дневна основа го прогонува и суди Заев, да процесуира макар една од кривичните пријави против него. Груевски кажува дека нема намера било што да промени во неговото однесување кое е извор за кризата во Македонија. Тој од средбата со еврокомесарот Хан на 2 јуни во Скопје, се чини дека запаметил само три работи: дека ќе има избори до крајот на април, дека Заев не смее да објавува инкриминирани материјали, а тој може да го обвинува и суди за се‘ и сешто, и трето - дека опозицијата треба да се врати во Собранието. Би било добро да знаеме, дали по тие разговори од 2 јуни, нешто му е забрането и на Груевски? Или ќе му биде доделен уште некој странски кредит за да ја зајкне диктатурата?“, прашува Спасов.

Продолжува проектот ’Вистината за Македонија’ , најавува опозициската коалицијаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Аналитичарот Лулзим Хазири, извршен директор во Асоцијација за демократски иницијативи, во ваквите практики гледа класично одржување на гласачката машинерија на власта, но и дека власта нема искрени намери во преговорите.

„Да се продолжува со старата практика на вработувања по партиска припадност, и тоа по објавувањето на прислушуваните разговори од кои јасно се гледа партизацијата на јавната администрација, е политичка неодговорност. Тоа не покажува надеж и волја за подобрување на состојбите, туку практика на делување со цел одржување на гласачката машинерија. Настојувањето на ваквиот начин на владеење, е јасна порака дека ВМРО-ДПМНЕ нема искрени намери во преговорите и дека и‘ одговара политичката криза како притисок врз процесот на преговорите. А и април не е далеку! Изгледа, на премиерот не му кажале како завршила кампањата 'America works' од филмот 'House of cards'“, вели Хазири.

Извештајот на експертскиот тим ангажиран од Европската Комисија, кој во минатиот период ги скенираше состојбите во проблематичните области, а ќе бидат составен дел од Извештајот за напредокот на Македонија, ќе покаже дали и за „милиметар“ се сменети критикуваните практики на власта, или и покрај кризата тие непречено продолжуваат да функционираат.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми