1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за размена на заробеници во Сирија

ЖА/афп/дпа26 јануари 2014

Двете страни во сирискиот конфликт ги продолжија преговорите на Конференцијата во Женева. Тема е меѓу другото меѓусебната размена на заробеници. Разговорите не се водат директно, иако двете страни седат на иста маса.

Фотографија: cc-by-nc-nd/UN Photo/Jean-Marc Ferré

Делегациите на сириската влада и на опозицијата во зградата на ОН повторно се на иста маса, но не разговараат директно едни со други, туку му ја препуштаат улогата на посредувачот на ОН и на Арапската лига, Лакдар Брахими.

Сириската опозиција денеска во Женева достави список за размена на заробеници, изјави претставникот на Националната коалиција на опозициските и револуционерни сили, Монзер Акбик.

Тој истакна дека опозицијата не држи во заробеништво цивили туку само воени заробеници. Акбик потенцира и дека Сириската слободна армија не е поврзана со Ал Каеда.

Сириската владина делегација тврди дека опозицијата е одговорна за киднапирањето на илјадници луѓе. Сирискиот министер за информации Омран ал Зуби истакна дека вооружените групи во последните две години киднапирале илјадници луѓе и оти опозицијата е должна да ги достави нивните имиња, како и да преземе одговорност за нивната состојба. Ал Зуби побара опозицијата да ги ослободи заробениците.

Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Виена зборува за 17 илјади луѓе кои се водат како исчезнати и десетици илјади затвореници во затворите на владата. Освен тоа, илјадници луѓе се наоѓаат како заробеници во рацете на вооружени групи како џихадистите од Исламската држава во Ирак и Леванте (ИСИЛ), Фронтот Ал-Нусра и други бунтовнички групации. Меѓународниот црвен крст од 2012. година нема пристап до затворениците во Сирија.

„Не постигнавме многу, но продолжуваме натаму“, изјави Брахими по вчерашните разговори, кој средбата сепак ја оценува за добар почеток во посредуваните разговори, иако ситуацијата е исклучително комплицирана.

Целта на Конференцијата за Сирија која се одржува во Швајцарија е наоѓање излез од сириската граѓанска војна. Бидејќи никој не очекува целосен пробив, разговорите се ограничуваат на теми како ограничен прекин на огнот, хуманитарни коридори и размена на затвореници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми