1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори на ЕУ со Скопје би биле позитивен чекор

Марина Максимовиќ
3 јули 2019

Доколку Меркел успее да ги оствари ветувањата и Скопје започне пристапни преговори, тоа би бил позитивен чекор, но нема битно да ја промени ситуацијата во регионот, вели за ДВ експертот за Западен Балкан, Душан Рељиќ.

Europatag
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

ДВ: Господине Рељиќ, како од агол на Берлин би можеле во овој момент да ја согледаме политиката на проширување? Дали Берлин се држи до досегашниот курс, дали интересот за Западен Балкан е намален поради внатрешните прашања на Германија и ЕУ или е зголемен поради неможноста на Брисел да реши некои од отворените проблеми во регионот?

Душан Рељиќ: Германија е несомнено најважната држава-членка на ЕУ кога станува збор за проширување на Унијата. Не е оправдано мислењето дека политиката на проширување е нешто што се утврдува во Брисел и така се спроведува. Политиката на проширување е и натаму во целосна надлежност на земјите членки. Дури откако меѓу нив ќе биде постигнат договор, тогаш Европската комисија добива налог како да спроведува одделни детали од таа одлука. Земјите членки во секој момент имаат можност да ја запрат или променат таа политика. Германија во тој склоп игра најзначајна улога не само поради тоа што земјите од југоистокот на Европа се најмногу поврзани со Германија, туку и поради тоа што долга низа децении Германија, заедно со САД, има најголемо влијание врз политичките случувања во ЈИЕ. Германија стави до знаење и дека има интерес да продолжи да влијае врз случувањата на тоа подрачје. Во сѐ уште неофицијалните документи кои се подготвуваат за германското претседавање со ЕУ, кое ќе биде во втората половина на 2020 година, стои дека две тежишни надворешнополитички прашања ќе бидат ситуацијата во Африка и Западен Балкан. Затоа, сметам дека има континуитет во германскиот интерес за југоистокот на Европа, кој можеби во одделни моменти не е многу изразен поради внатрешни прашања во Германија и ЕУ.

Повторното одлагање на почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, блокадата на дијалогот на Белград и Приштина, БиХ без промена на статусот на евроинтеграцискиот пат - сето тоа доведе до ситуација која многумина најблаго ја опишуваат како застој, а некои и како последен здив пред умирање на политиката на проширување на ЕУ. Како Вие ги оценувате приликите во моментов?

Душан РељиќФотографија: CIFE

Јас се обидувам да замислам една поинаква ситуација. На пример, дека економскиот раст во земјите кои сакаат да пристапат во ЕУ изнесува седум до осум проценти годишно, дека прашањата на правната држава и демократијата се во подобра ситуација. Сето тоа би значело дека не би имало пречки за забрзување на политиката на проширување. Но, со оглед на тоа што стопанскиот раст е скромен, од два до четири проценти, со оглед на тоа што постојат сериозни прашања кога станува збор за почитување на владеењето на правото и функционалната демократија во целина, сето тоа ја отежнува кандидатурата на тие земји и ги оддалечува од ЕУ. Од друга страна, ЕУ првпат од своето постоење ќе биде намалена поради излегувањето на Велика Британија. Во рамки на Унијата постојат недоумици дали постоечките економски, политички и социјални модели на земјите-членки ја произведуваат таа ситуација која ја карактеризира јакнење на популизмот. Постојат многу нешта внатре во ЕУ што произведуваат недоумици и ја поттикнуваат да се сомнева сама во себе, додека од друга страна кандидатите за членство не се во добра положба. Во тој склоп на незадоволителна состојба кај двете страни треба да се бара одговорот на прашањето зошто политиката на проширување застана.

Дали Берлин го дели ставот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој сака прво да дојде до реформа во ЕУ, или пак е поблизок до позицијата на Европската комисија, чии претставници се залагаат за паралелен процес на интеграција и проширување на Унијата?

Емануел Макрон секогаш нагласуваше дека сака продлабочување на европската интеграција пред да дојде до наредното проширување. Сигналите на Берлин беа доста воздржани, зашто секое продлабочување на ЕУ-интеграцијата значи и повеќе пари и распределба во рамките на ЕУ. Тоа прелевање пари од една држава во друга избирачите тешко ја прифаќаат. Во Германија, која има одлични економски показатели, постои страв дека оние земји кои имаат послаби економски показатели, посебно на југ, би можеле да бараат поголема прераспределба.

Како моменталниот однос на Берлин и Париз околу внатрешните прашања на ЕУ се рефлектира на проширувањето и на Западниот Балкан? Имавме прилика да видиме дека германско-француската иницијатива на деблокада на дијалогот на Белград и Приштина се заврши без резултати и со откажување на состанокот во Париз. Дали Германија и Франција ја немаат потребната политичка тежина за да го решат отвореното прашање на Балканот?

Проблемите кои постојат на југоистокот на Европа, пред сѐ сецесијата на Косово, се многу тешки. Никаде не стои дека кој било од страна може брзо да реши такви прашања. Можеби лесно ветуваната брзина која се појавуваше кога Западот му пристапуваше на проблемот, влијаеше врз преголемите очекувања, прво од самитот во Берлин, а потоа и премногу значење му се придаде на откажувањето на состанокот во Париз. Моментот за брзи решенија во односите на Белград и Пришина, или за односите меѓу одделни делови на БиХ, не е поволен. Од тоа не би извлекувал заклучок дека опаѓа можноста Берлин, Париз и Вашингтон да влијаат врз приликите во регионот. Кое било решение кое тука ќе се роди, нема да може да се оствари без учество на западните земји и Русија. Дури тогаш, ако се создаде еден консензус на внатрешните и надворешните чинители, може да се очекува забрзан напредок. Таков консензус во моментов не постои, зашто станува збор за суштински прашања, како поделба на територии, поделба на Србија преку самостојност на Косово. Сето тоа се речиси единствени работи во европската историја и се плашам дека уште долго ќе имаме неразјаснета ситуација.

Ако го земеме предвид наредниот краткорочен период, почнувајќи од средбата во рамките на Берлинскиот процес, а потоа и октомври, кога се очекува одлука за почеток на пристапни преговори со Скопје и Тирана, дали тука гледате можност за конкретно поместување нанапред и оживување на процесот на проширување на Западен Балкан?

Не очекувам многу. Доколку канцеларката Меркел успее да ги оствари своите ветувања и Скопје ги започне пристапните преговори, тоа би бил позитивен чекор. Мислам дека меѓународните кулиси, како што се состаноците на Берлинскиот процес, суштински не ја поместуваат ситуацијата нанапред, но и самиот почеток на преговори со Северна Македонија не е нешто што одеднаш битно ќе ја промени ситуацијата во целиот регион. Она што е многу важно е дали регионот ќе успее да расне економски побрзо, а во моментов не гледам знаци за такво нешто. Со самото тоа, нема да има ниту можност за поправање на положбата во секојдневниот живот на луѓето. Она што во најголема мера влијае врз политичката ситуација е луѓето да се задоволни со својот живот. Сите истражувања на јавното мислење во регионот покажуваат дека тие не се задоволни. Ним прашањето на проширување на ЕУ им е сѐ помалку важно, а поважно им е каква тоа политика дома ги држи во таква ситуација.

Душан Рељиќ е шеф на бриселската канцеларија на германската фондација Наука и политика. Се занимава со актуелните случувања во земјите од Западен Балкан. Фондацијата Наука и политика го советува Бундестагот и германската влада околу сите прашања од надворешната и безбедносната политика.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми