Предизвикувачот Пер Штајнбрик
9 септември 2013„Тој го може тоа“, рече уште во 2011 година поранешниот канцелар Хелмут Шмит од СПД за својот сопартиец Пер Штајнбрик, фалејќи ги квалитетите на својот страстен соиграч во шах. За Шмит е без значење што денес 66-годишниот дипломиран економист од Хамбург и подоцнежен министер за финансии како ученик имал слаби оценки по математика и до матурата дури двапати повторувал.
За препораката на Шмит е решавачко тоа што Штајнбрик, по завршувањето на економските студии, благодарение на своите стручни знаења, напредуваше од референт во кабинетот на канцеларот (1978 - 1981. во времето на Хелмут Шмит) преку позициите во повеќе служби и министерства до функцијата премиер во Северна Рајна Вестфалија и конечно, до сојузен министер за финансии во 2005 година.
Како носител на листата на Социјалдемократската партија, тој ги загуби покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија. Кратко потоа, на кандидатката за канцелар од ЦДУ-ЦСУ, Ангела Меркел по сојузните избори за Бундестагот и‘ требаше соработка со СПД за да состави мнозинска влада. СПД во големата коалиција го предложи Пер Штајнбрик за шеф на ресорот финансии. Во оваа улога Штајнбрик во тесна и полна со меѓусебна доверба соработка заедно со Меркел се бореше против финансиската криза. Во 2009 година , во времето на нејзиното заострување, се закануваше јуриш на штедачите врз германските банки и повлекување на нивните пари од банкарските сметки. Во заеднички јавен настап, Штајнбрик и Меркел ги убедија- нивните пари се сигурни во банките.
Во времето додека беше министер за финансии, пред избивањето на финансиската криза, Штајнбрик се залагаше за многу финансиски инструменти кои подоцна беа спорни. На пример, беше поттикнувана праксата на инвеститорите во недвижности своите кредити да ги поврзуваат во пакет и така натамошно да ги продаваат.
Политичките хендикепи на Штајнбрик
Политичкиот стил на Штајнбрик е груб, надмен и недипломатски, зашто тој често го кажува тоа што го мисли. Соработниците на овој човек од акција често го опишуваат и како исклучително нестрплив. Кога се работеше за спречување на затајувањето данок, а Швајцарија, омилено место за даночните бегалци, одбиваше размена на информации, Штајнбрик се закани со присилни мерки. Неговата силна формулација „да се испрати коњицата кон Швајцарија“, предизвика големи дипломатски непријатности.
Штајнбрик ја поддржуваше т.н. Агендата 2010 уште додека беше покраински министер за финансии, а подоцна и покраинки премиер на Северна Рајна Вестфалија. Со драстичните реформи поранешниот канцелар Герхард Шредер од СПД сакаше да го реформира пазарот на труд и да ја намали тогашната висока невработеност. Обидот за смалување на државните социјални давачки и зголемувањето на сопствената одговорност во случај на невработеност, требаше да биде поддржан преку поедноставено вработување на позајмени работници и проширување на секоторот на ниски плати. Штајнбрик оваа идеја ја сметаше за добра. Навистина, се случи еден вид чудо на пазарот на работна сила, од кое до денес профитира владата на Меркел. Но, не и Штајнбрик. Имено, многу од правилата се искористени од работодавачите. Денес, околу 20 проценти од сите вработени во Германија заработуваат плати од кои едвај можат да живеат.
Пер Штајнбрик, сега како кандидат за канцелар, констатира: „Тука нешто отиде сосем погрешно. Се заканува опасност од цепење на општеството/“
А тој сака тоа итно да го спречи. Штајнбрик пропагира социјално пазарно стопанство, на кое во прв план ќе му биде општото добро. Критичарите меѓутоа, политичкото свртување на Штајнбрик го сметаат за неверодостојно. Во тоа спаѓа и откривањето на социјални цели како што е барањето за воведување законски загаратнирани минимални плати во цела Германија. Аналитичарите на предизборната кампањаго поврзуваат недостигот на веродостојност кај Штајнбрик со неговото потекло. Кандидатот потекнува од добростоечко хамбуршко трговско семејство и изгледа премногу граѓански. Постои и уште една слаба точка.
Лош старт на предизборната кампања
На сојузните избори во 2009. година Ангела Меркел со ЦДУ/ЦСУ и Либералите освои толку гласови, што можеше да владее и без СПД. Пер Штајнбрик стана повторно обичен пратеник и најави повлекување од политиката на сојузно ниво. Наместо тоа, тој напиша успешна книга ( „Unterm Strich" - „Кога ќе подвлечам линија“) за своето време време поминато во владата; беше хонорарен прпфесор на универзитетите и држеше добро платени говори. Уште во 2010 година Штајнбрик не веруваше дека повторно ќе преземе некоја од водечките политички должности. Но, потоа се случи поинаку.
Со речиси 94 проценти од гласовите, тој на вонредниот конгрес на Социјалдемократската партија беше избран за канцеларски кандидат за 2013. година. Еуфоријата не траеше долго. Зашто, кратко потоа во јавноста излезе информацијата - Штајнбрик со предавањата во банките и во претпријатијата заработил над еден милион евра. Уште полошо: тој во ова гледаше чисто приватна работа и долго не сакаше да ја открие целосно.На крајот, изнесе се‘ пред јавноста. Кога кратко потоа критикуваше што платата на канцелар е премала и изјави дека н еби пиел евтино вино, популарноста на канцеларскиот кандидат на СПД падна многу ниско. Сето тоа не вклопуваше со имиџот на еден борец на СПД за правата на обичните луѓе. Анкетите на јавното мислење не изгледаат добро, се чини дека Пер Штајнбрик не може да ја достигне Ангела Меркел. Но, но тој не дозволува да се обесхрабри, тој се бори.
„И во 2005 година на изборите изгледаше дека СПД стои лошо, но потоа се покажа поинаку“, вели Штајнбрик.
Кандидатот за канцелар од СПД во последниве недели се залага за својата програма со претежно стручен тон. Со зголемување на данокот за оние со највисоки примања, би требало да се води борба против сиромаштијата и да се помагаат оние кои „сакаат нешто да унапредат“.
Тој на таков начин посебно би ги поддржувал вработените жени. Тие треба да добијат иста плата како и мажите, подобрено згрижување на децата и подобро пензиско осигурување. Според мислењето на неговите приврзеници, Штајнбрик има уште еден адут во ракавот. Тој е автентичен и како политичар човек од доверба исто како и приватно. Пер Штајнбрик веќе 38 години е во брак со својата сопруга, биолог и наставник по политика, има две веќе возрасни деца. Штајнбрик веќе не гледа политички партнер во ЦДУ и Ангела Меркел. Неговиот аргумент: „Госпоѓа Меркел само уште управува со Германија, таа малку обликува“. Посакуван коалициски партнер за Штајнбрик сега се Зелените.