1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот за реформа на НАТО, според опозицијата, е “автогол на канцеларот”

16 февруари 2005

Залагањето на германскиот канцелар за реформа на НАТО и за поставување на трансатлантските односи врз нови основи, предизвика силна дебата во Германија и спротивставени ставови, и досега главно воздржани или негативни реакции на меѓународната политичка сцена.

Едмунд Штојбер ги оцени предлозите на Шредер како „тежок дипломатски автогол“
Едмунд Штојбер ги оцени предлозите на Шредер како „тежок дипломатски автогол“Фотографија: AP

НАТО е примарното место за консултации на партнерите – оценија Доналд Рамсфелд и Јап де Хоп Шефер уште во текот на конференцијата за безбедносна политика во Минхен, каде што беше изложен предлогот на канцеларот. Но, американскиот министер за одбрана остави и маневарски простор велејќи дека прво сака да го проанализира текстот. Генералниот секретар на Алијансата Шефер, за германската телевизија изјави: “Мислам дека е важно – а тоа го кажа и канцеларот – дека НАТО може да игра поважна политичка улога и јас сум многу отворен за еден германски придонес во политичката улога на Советот на НАТО. Од друга страна морам да кажам дека НАТО од пред неколку години е во процес на промени, кои во изминатите три години беа поголеми отколку за 40, 50 години пред тоа”.

Во седиштето на НАТО реакциите ги карактеризира голема скепса, и тоа не во однос на дијагнозата за трансатлантските односи, туку спрема решенија предложени од Шредер: “Она што го има Шредер на ум или е едно сосем ново НАТО, со нови структури и други членови, или некоја нова организација покрај НАТО” – пренесе агенцијата ДПА став на неименуван дипломат.

Претставникот за заедничка безбедносна и надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана за “Берлинер Цајтунг” вели дека “НАТО не загуби ништо на значењето”.

Канцеларот, и покрај ваквите задршки, има намера консеквентно да ги следи своите планови за јакнење и обнова на НАТО: “Станува збор едноставно за тоа НАТО да зајакне со тоа што ќе се дискутира и за политички прашања кои не занимаат или ќе не занимаат во наредно време: како ќе оди натаму во Ирак, на Блискиот исток, како ќе успееме мирно да го решиме проблемот со Иран?”

Шредер во наредните денови и недели на партнерите ќе им ги објаснел своите предлози.

Германската опозиција се огласи со остра критика. “Ние уште еднаш разговаравме за безбедносната конференција и останува да се констатира дека со иритациите околу идната улога на НАТО настанаа значителни штети. НАТО мора да има предност” – рече претседателот на ЦДУ Ангела Меркел. “Неговите предлози за реформа на НАТО се недозреани и го засилуваат сомневањето кај западниот свет за улогата на Германија во НАТО” – прокоментира челникот на ЦСУ Едмунд Штојбер, кој во изјава за весникот “Ди Велт” зборува за “тежок дипломатски автогол” на канцеларот.

НАТО во изминатите години се реформираше побргу отколку другите институции, но неговиот “потенцијал не беше целосно искористен поради самостојните потези на различни држави. Поради тоа Алијансата мора да се врати на заедничко анализирање, решавањње и дејствување” – делумно му дава за право на Шредер претседателот на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот Фолкер Рие од ЦДУ. Партискиот шеф на либералите Гидо Вестервеле смета дека “не треба да се става под прашање една докажана структура пред да се има нешто подобро”.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми