1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Предлог за измена на полицискиот час

ЕМФ
21 април 2020

Создадени се услови за благо олабавување на рестрикциите за движење, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Тој оцени дека земјата е успешна во борбата против ширењето на епидемијата.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Со оглед на тоа што последните анализи и проекции покажале дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, македонското Министерство за здравство и Комисијата за здравствени болести до Владата доставиле предлог за измени на мерките за ограничување на движењето и за воведување нови мерки за лична заштита на населението, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Се предлага полицискиот час во работните денови да започнува во 19 часот, наместо во 16 часот, како што тоа беше досега.

За возрасните граѓани се предлага да продолжи времето на движење и тоа од осум до дванаесет часот, наместо како досега од десет до дванаесет часот.

Младите до 18 години, според предлогот, би требало да можат да се движат од 13 до 16 часот, а што се однесува до полицискиот час за време на викендот се предлага тој да почнува во сабота во 13 часот, а да завршува во понеделник во 5 часот наутро.

Полицискиот час, според предлогот, треба да почнува во 19 часот, а не во 16 часот како досегаФотографија: DW/P. Stojanovski

Оценката на министерот за здравство Филипче е дека земјата е успешна во спречувањето на ширењето на епидемијата:

„Имаме линеарен пораст на бројот на пациенти. Здравствениот систем успешно се справува со третман на заболените, болничките капацитети воопшто не се оптоварени. Оваа наша првична стратегија очигледно добро функционира и дава резултат во досегашното менаџирање“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Повеќе:

Олабавување на мерките: двапати мери, еднаш сечи

Коронавирус: Парадокс со заштитните маски

Над 17 проценти од инфицираните се здравствени работници

Тој им се заблагодари на граѓаните кои ги почитуваат мерките. „Ја сфатија важноста на истите, дека само на овој начин може и еве очигледно се постигнуваат резултати. Препораките на стручните лица и Комисијата се дека мерките мораат да останат на сила се’ додека не сме целосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста“, потенцираше министерот за здравство.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Инаку, и натаму останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите.

„Воведуваме нови задолжителни мерки на лична заштита и како што веќе најавивме, граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната физичка дистанца од два метра. Заштитна опрема треба да се носи при движење во сите јавни места од затворен тип, како маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи. Сите затворени објекти во коишто има повеќе лица“, информираше Филипче.

Тој во однос на заштитната опрема објасни дека е важно да се знае дека под тоа се подразбира каква било форма која ќе го покрива делот на носот и устата, како маска за еднократна или повеќекратна употреба, или шамија, шал и слично.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми