1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Предлог за реформа на реформата во образованието

28 април 2021

Изгледа дека уживаме да реформираме нешто што страда од (пре)реформираност. Затоа и прилично сум сигурен дека и оваа реформа ќе трае до следната влада која ќе најави нова реформа на реформата. Пишува Никола Тодоров.

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Образованието, доколку го исклучиме влијанието на лошата политика или геополитиката, е основната компонента која влијае дали едно општество ќе биде богато или сиромашно. Велам да го исклучиме факторот на лошата политика или геополитиката затоа што тие може да доведат до војни, изолација, санкции, па во таков случај не е директно влијанието на образованието и неговиот квалитет на општата благосостојба во општеството.

Но, дури и во таква ситуација, добро изграден и квалитетен образовен систем кој продуцира(л) висококвалитетен човечки потенцијал, ќе биде факторот за брзо закрепнување на државата, економијата и индустријата. Затоа велам, за мене образованието е најважниот предуслов за тоа каква ќе биде земјата, богата или сиромашна, средена или не.

Некој ќе рече, ние имаме добро образован кадар, но заради државата или политичарите, најдобрите бегаат во странство. А сме се запрашале ли што е државата и кои се политичарите? Па нели државата е составена од луѓето, од нас, кои тука сме се едуцирале? Ако не чини државата или ако не чинат политичарите, дали може да се каже дека тој нивен (наш) недостаток е последица на образовниот систем и неговиот (не)квалитет. Дали ова значи дека нашиот образовен систем продуцира неспособни политичари, кои впрочем во најголем дел и не се политиколози, туку доаѓаат од други струки?

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Дали ако не сме задоволни од судството тоа значи дека нашиот образовен систем продуцира лоши правници? Или пак доктори, инженери, архитекти. Дали фактот што економијата ни е слаба значи дека продуцираме лоши економисти? Ова се прашања за кои вреди добро да се размисли.

Повеќе на темата:

-МОН го демантира Милошоски - законот за учебници останува во Собрание

-Модернизација на образованието, но без укинување на книгите

Едноставен одговор би било дека докторите, правниците и економистите ни се супер, ама судството, економијата и здравството не ни чинат затоа што овие супер образовани правници, економисти и доктори не се доволно добро едуцирани за да изградат добар здравствен систем, квалитетно судство или силна економија. Контрадикторно нели!

Можеби одговорот е дека сепак не сме толку квалитетно едуцирани колку што мислиме. Ова ми личи на, можеби брутален, но помалку контрадикторен одговор на претходните прашања, затоа што за да еден систем функционира одлично, потребни му се силни финансиски и силни човечки ресурси. Ако немаме силни финансиски ресурси значи дека не сме способни да створиме силна економија, што повторно не сведува на тоа дека нешто ни недостасува во делот на едукацијата на човечките ресурси.

Некој ќе го негира ова со аргументот дека нашите кога ќе отидат во странство се одлични и квалитетни кадри. Ќе прашам, колку Македонци се претседатели на мултинационални компании и дали тие што се високо позиционирани во силни компании своето образование го оформиле целосно кај нас или пак дел од образованието го стекнале на некои од најдобрите универзитети во светот? Воедно, тука не треба да се заборави и неформалното образование и искуството со кое нашите иселеници се стекнуваат додека работат во добро поставени системи градени од некои кои имале поквалитетно образование од нашето. Ова што го пишувам можеби делува брутално, но по мене е клучот за состојбата во која се наоѓа секоја држава, па и нашата.

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Реформи за назадување

Актуелно во последниов период е најновата реформа на образованието. Доста контроверзи во јавноста предизвикаа новите наставни програми, а во последно време и најавата за дигитализација на учебниците. Сум бил министер за образование и искуството ме научило дека понекогаш кога по секоја цена буткаш една реформа, опозициската партија ја гради својата, во случајов образовна, политика на основа на критика на она што се предлага или имплементира како реформа. Замислете сега да се воведат електронски учебници, учениците од четврто одделение од септември да почнат со електронски учебници, и така да учат во следните две или три години додека не се смени оваа влада или актуелниот министер. Со тоа ќе се смени и образовната политика и реформата ќе биде заменета со нова реформа, а дигиталните учебници ќе бидат укинати, затоа што тоа ќе биде едно од предизборните ветувања на следната влада. Ова значи дека денешните четвртоодделенци кога ќе бидат шесто или седмо одделение повторно ќе ги заменат дигиталните со хартиени учебници, а новата влада ќе преземе и некоја друга реформа која потоа ќе биде укината или заменета од таа влада после неа. Имам чувство дека секоја влада кога ќе дојде, сака да направи реформа во образованието која потоа трае се до следната влада и до следната реформа. Мислам дека после судството, образованието ни е најмногу пати реформирано. Изгледа дека уживаме да реформираме нешто што страда од (пре)реформираност.  Затоа и прилично сум сигурен дека и оваа реформа ќе трае до следната влада која ќе најави нова реформа на реформата. Ако ова вака продолжи, односно ако постојано се реформираме и ре-реформираме, останатите држави кои ја научиле оваа лекција или пак кои имаат поквалитетно едуциран човечки капитал ќе направат уште поголема компаративна предност во однос на нас кои сме опседнати да си го губиме времето со постојани реформи кои во основа се критика и ревизија на претходната реформа.

Фотографија: DW/K. Delimitov

Други колумни од авторот:

-Кој краде на избори?

-Слугата на Заев

-Да му дадеме уште една шанса на Мицкоски

Причината за ова, како и за се добро и лошо во државава, се разбира, се политичките партии. Денес СДСМ сака да направи реформа на образованието која за ВМРО е бесмислена исто како што реформата која ја спроведуваше ВМРО за СДСМ беше бесмислена и штетна. Постојаните препирки во стилот вие го уништивте образованието, не вие го урнисавте образованието, водат кон нова реформа на некоја нова власт која потоа ќе биде заменета со најнова реформа од следната власт. На сето ова треба да се додаде и фактот дека кај нас има преку 300 илјади министри за образование, бидејќи секој од нас- родителите на учениците- знаеме како треба наставникот да предава, како да ги воспитува децата, што треба да се смени во образовниот систем итн.

Надпартиски консензус

Имајќи во предвид дека мојот став е дека секоја критика мора да биде придружена и со предлог решение, ќе го предложам следното: Секоја партија да определи експерти кои заедно со МАНУ и некои од најдобрите универзитети во светот, ќе изработат 10-годишна стратегија за образованието со конкретни мерки, проекти, наставни програми, законски измени, едукации и доедукации на наставниот кадар, буџет и подобрување на образовната инфраструктура и која потоа ќе биде едногласно усвоена од страна на Собранието. Ако сите партии се усогласат околу еден концепт, стратегија или правец кон кој треба да се движиме, многу е веројатно дека следната влада нема да посегне кон реформа на реформата, односно ќе имаме предвидливост и стабилност на системот. Ова ќе помогне да немаме повторна ситуација некои добри решенија или пристапи во образованието да бидат жртва на политичката потреба за негирање и промена на се што е продуцирано од политичкиот противник.

Училишта без учебници

02:56

This browser does not support the video element.

Ако пак не сме способни да се договориме дека сакаме да имаме богата и средена држава, односно ако не се договориме дека сакаме да имаме економија заснована на знаења и технолошки базиран економски раст, па повторно заглавиме на учебниците по историја, само ќе докажеме дека оваа земја има повеќе историја од иднина. Затоа потребно е да се надминат суетите, да се има визија и храброст да се погледне објективно на слабостите кои ги имаме и да се изгради консензус околу патот по кој ќе се движи државата.

А образованието е најважниот пат. Едноставен е светот луѓе, ќе бидеме толку развиена и богата држава, колку што сме образовани. Се друго е замајување и продавање на магла за гласови кои носат моќ и пари на мал број квалитетно (не)образовани луѓе. На крај ќе потсетам дека погрешното е погрешно дури и доколку сите го прават, а исправното е исправно дури и доколку никој не го прави.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми