1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предупредување од Трамп до Русија и Иран

ЖА / агенции
4 септември 2018

Во Сирија се очекува скора офанзива на армијата во провинцијата Идлиб, контролирана од исламистички бунтовници. Американскиот претседател ги предупреди сојузниците на Асад да не преземаат напад.

Donald Trump NAFTA Pressekonferenz
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Dietsch

„Русите и Иранците би направиле тешка хуманитарна грешка, доколку се вмешаат во оваа евентуална човечка трагедија“, напиша американскиот претседател на Твитер. Тој го предупреди сирискиот претседател Башар ал-Асад од неразумни потези во провинцијата Идлиб. „Можат да загинат илјадници луѓе, не правете го тоа!“, напиша Доналд Трамп.

Сирискиот претседател во изминатите денови концентрираше голем број војници околу Идлиб. Русија и Иран истакнуваат дека екстремистите во Идлиб мора да бидат поразени. Се очекува двете земји да ја поддржат сириската армија во претстојната офанзива.

Околината на градот Идлиб во североисточна Сирија е последната поголема територија во земјата која сѐуште е под контрола на бунтовниците. Меѓу нив доминираат припадници на крилото на Ал Каеда, Хаиат Тахрир ал-Шам, поранешен Нусра-фронт. Техеран веќе најави своја поддршка на сириското раководство во нападот врз бунтовничкото упориште.

Повеќе на темата: 

Битка за Идлиб - битка за Сирија

Сомнително предупредување од Москва

Во регионот Идлиб живеат близу три милиони луѓе, од кои 1,4 милиони протерани луѓе од останатите делови од земјата. Со оглед на тоа што бунтовниците таму немаат повеќе прибежишта во Сирија, набљудувачите очекуваат масовни бегства во Турција. Хуманитарните организации укажуваат на бројните цивили во областа и алармираат од нова хуманитарна катастрофа.

В петок треба да се одржат разговори меѓу Русија и Иран како поддржувачи на сириската влада и Турција како заштитник на опозицијата околу кризата во Сирија. Можно е на овој состанок да биде одлучена судбината на Идлиб. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми