1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред Босна, пред Палестина, пред Израел

20 мај 2021

Некој, некаде кажал дека мирот во Ерусалим ќе завладее кога сиот свет ќе гори. Оние кои го слушнале, уште се двоумат дали кажаното било пророштво или предупредување. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Филмот на Јасмила Жбаниќ Quo Vadis, Aida за почетокот на геноцидот во Сребреница не успеа да добие Оскар, и покрај масовната глобална гледаност. Во сенка на популарноста на филмот падна еден друг документарец за Сребреница, далеку постудиозен во третманот на состојбите кои претходеа на геноцидот и улогата на европските предрасуди во неговото подготвување. Станува збор за настан во подготовка на австрискиот музеј Künstlerhaus Büchsenhausen со наслов Неоколонијални поделби: Среде двата типа на Европа, одржан на 16 февруари 2021. Основицата на дебатата се стотина видео-записи во кои се документираат воените обуки на холандските миротворци при ООН, пред нивното испраќање во Босна.

Во фокусот на соговорниците се потенцирани „пост-ефектите на холандските империјални, расни и религиозни имагинарности, доминантни во нивните колонијални воени сили, кои повторно испливуваат на површина пред испраќањето на војниците во Босна”. Во дискусијата се потенцираат расистичко-сексистичките предрасуди на младите Холанѓани кон жените Босанки испишани како графити во одаите на DutchBat во Поточари. Се потенцираат записите за различниот однос кон босанско-муслиманските и српските воини, со јасно и напати подвлечена инструкција за „разоружување на сите муслимани”. Оттаму и насловот на документарецот на Ана Дасовиќ за Сребреница: „Пред падот, немаше пад”. Како алузија на слепилото на миротворците во кое можноста за геноцидот било однапред отфрлено како можност, токму благодарение на позитивната предрасуда кон агресорите и негативна предрасуда кон жртвите.

Датумот на геноцидот во Сребреница е општо-познат факт, комемориран секоја година. Но историски гледано, самиот датум е само фигура доколку не се стави во поширок контекст на современието на настанот. Сребреница се случи шест години пред нападите врз кулите близначки, седум години пред војната во Авганистан, девет години пред војната во Ирак, девет години пред убиството на Тео ван Гог, две децении пред бегалската криза во Европа и во времето во кое либералниот дух доминираше ширум обединета пост-воена Европа. Сребреница, затоа, е потсетник дека духовите на омразата се немаат родено во денешницата, туку тлееле и мирувале во пазувите на нарцистичката теорија за „крајот на историјата” и трумфот на современата свест за поуките од минатото. И тоа во самата срцевина на модерниот либерализам во Европа. 

Сеќавањето за Сребреница содржи и една друга, временски трансцендентална поука за дуалитетот на идентитетите, поделени на категории помеѓу она како се чувстуваме и начинот на кој сме гледани. Во тој поделен идентитет лежи и трагедијата на Босна и Босанците, Бошњаците и нивниот поделен национал-религиски идентитет наследен уште од времето на Австро-Унгарија и ставен во постојан предизвик на соседите.   

претходни колумни од авторот: Последниот излез од вакуумот

Предизвикот на Босна и Босанците ќе доживее, навидум, среќно но краткорочно решение во рамките на СФРЈ. Велам навидум бидејќи, инсистирањето на религиозниот дистинктив помеѓу национално дефинираните народи (Срби и Хрвати) ќе ги вкотви Босанците-муслимани во речиси консензуално и погубно прифаќање на фасадниот југословенски идентитетско-политички конструкт. Но сега со доброволна редукционистичка логика на откажување од националното и себесведување на религиозно малцинство. Што ќе доведе до закржлавување на етно-национална еволуција и ќе ги сведе босанските муслимани на егзотичен утилитарен инструмент на надворешната политика на СФРЈ, со нагласено присуство во источниот (арапско муслимански) и отсутство од западниот (евроцентичен) свет. Додека во сопствените редови, со перпетуалната глорификација на југословенството како субститут на етнички дефиниран идентитет ќе обезбедат идентитетска фалинка која ќе биде користена за пенетрација и манипулација од соседите, особено од Србија. 

    ***

Популарната, пропагандно диктирана меморија за односот на СФРЈ кон арапскиот свет и Израел е сеуште доминирана од сликите на бакнежи помеѓу Тито и Јасер Арафат, „неврзаните” дружби со Насер и Нехру, гоштевките под пустинските шатори на Гадафи, поддршка за ПЛО и осудите на Израел за односот кон Палестинците и неоколонијализмот на Америка. Нарација која траела од создавањето на Југославија па се до апсењето на југословенката Викторија Давид во 1990 година, под обвинение дека како агент на ПЛО ги сликала воените инсталации во Хаифа. Во реалноста нештата биле малку поинакви.  

претходни колумни од авторот:Пак тој!

Според наодите од научниот труд на словенскиот истражувач Матеја Резек објавени во 2013 година врз основа на сознанијата од архивите на Словенската УДБ (SDV), „тајните контакти помеѓу СФРЈ и Израел биле значајно повеќе врамковени во споредба со дипломатските односи и често во спротивност со она ште се случувало на дипломатско ниво”.  Што подразбира на сметка на арапскиот свет близок до В. Британија и во прилог на создавањето на Израел, како и илегалната миграција на Евреите од источна Европа кон Палестина преку Југославија во периодот 1946-48г. Во тој период се воспоставуваат контактите и блиската соработка помеѓу Едо Брајник - Штефан, шеф на контра-разузнавачката служба на УДБ и израелскиот агент Шаике Дан, како претходница на директната соработка помеѓу југословенската УДБ и Mossad LeAliyah Bet, огранок на еврејската паравоена организација Хаганах во Палестина во рамките на Британскиот мандат. Според договорот, СФРЈ дозволувала делување на Мосад на нејзина територија и транзит на еврејските бегалци, со исклучок на оние од Југославија.

Но тоа не било се. Југославија дала не мал придонос и во првата Арапско-израелска војна во 1948г преку организирање на илегално доставување на оружје и авиони од Чекословачка до Изрaел, „обезбедувајќи го токму она што беше најпотребно за младата еврејска држава – луѓе и оружје”. Стратегијата на СФРЈ била едноставна, првично под влијание на Сталин а потоа и самостојно, да се подрива на влијанието на Британија во Палестина и нејзините позиции во арапскиот свет. Приближувањето на Израел кон САД подоцна ќе доведе до пресврт во пресметките на Тито и нагласената политичка, разузнавачка, дипломатска, воена подршка на Палестинците и арапскиот свет.

Оттаму поттекнува и сеуште доминантната позитивистичка визура на Палестинците и арапскиот свет кон Југославија. Симпатиите на Палестинците денеска се префрлени во односот кон Србија и Белград со нагласена поддршка за непризнавањето на Косово како независна држава, како што палестинскиот амбасадор постојано нагласува во неговите настапи. За разлика од амбасадорот на Палестина во Сараево и неговата молчаливост во однос на Република Српска или пак ставот на палестинскиот претседател во одбрана на политиките на Кина кон Ујгурите. Што јасно укажува дека ни самите Палестинци не се лишени од сопствените „империјално адаптирани наративи”, кои така лесно ги увидуваат кај другите, но не и во сопствените пристапи.

претходни колумни од авторот:Македонски иредентизам и сепаратизам

Сето наведено е повод  да уште еднаш се потсетиме дека односите Израел – Палестина се прекомплексни за да бидат сведени на рамниште на унилатерална подршка кон едната или другата страна, ниту пак е упатно да однапред се отфрлат оценките дека во крајна основа навистина станува збор за трагедии на два народа. Во циклични периоди на внатрешни доживувања на Холокауст или Накба и надворешни интерпретации на нивните крвопролевања. Во тој расчекор лежи можеби најболниот аспект на палестинско – израелската трагедија,  дискрепанцата помеѓу реалноста на теренот и интерпретацијата на настаните од страна на (ин)директно засегнатите страни од глобалната заедница.

Во реалноста на теренот станува збор за борба за територии помеѓу два народи и нивните толкувања на правото на земјопоседништво базирани врз историските тапии и егзистенциални потреби. Едноставноста (во недостаток на помалку болен израз) на таа равенка се комплицира поради преплетот на интерпетации кои се наталожуваат со тек на времето и согласно менливите гео-политички интереси. Таа едноставност ќе доживее фатален пресврт со ерозијата на етно-националниот наратив на Палестинците следен од ПЛО / Фатах и вбризгувањето на религиската компонента преку подемот на Хамас и Хезболах. Пресврт кој ќе влијае да западот, но и арапскиот свет – соочен со сопствените религиозни фанатизми и подемот на Иран – заземе драматично покритичен став кон Палестина и во прилог или поголемо разбирање за позициите на Израел.

Она што е помалку дебатирано во глобалните дискусии за израелско – палестинските односи е фактот што слични поместувања се имаат случено и во односот кон Израел и тамошните претопувања помеѓу етно-националната политика на еврејската држава и подемот на религијата како фактор во државните политики. Процес кој започнува уште во 90-тите години на минатиот век и посебно по нападите во САД во 2001 година и е карактеризиран по длабокото поврзување на прашањето на Израел со влијателните евангелистички кругови во САД и Европа. Додека во арапскиот свет се случуваше подемот на политичкиот ислам како замислено врзивно ткиво на сите муслимани, во западниот свет се раѓаше новата наратива за еврејско-христијанската цивилизација и сегашниот тренд на промоција на Месијанско (христијанско) еврејство во Израел. Индикативно е што и двата тренда наидуваат на оштро спротиставување кај етно-националистички настроените Арапи и Евреи  и растечка популарност кај надворешните интерпретатори на спорот. Причината за одбивноста лежи во неспремноста на Арапите и Евреите да сопствените идентитети ги жртвуваат во прилог на религиското претопување, во прилог на замислените интереси на надворешните актери на гео-политиката.

претходни колумни од авторот: Тавук и Авго

На прв поглед, таквата реалност упатува на заклучок дека спорот е во својата основа сепак религиски вдахновен и диктиран. Но доколку повнимателно ги согледаме актерите, ќе увидиме дека не станува збор за судир помеѓу религиите, туку за последиците на секташките движења во рамките на исламот и христијанството родени на почетокот на 19 век, поточно заживувањето на Евангелистичката црква во Европа и САД и раѓањето на Вахабизмот во Саудиска Арабија. Вдахновени од идејата на реформизмот, ривалскиот дух кон католицизмот и шиизмот, одбојноста кон националната самобитност и наклонети кон благодетите на капитализмот, и двете движења со тек на времето ќе станат двигатели на процеси во име на религијата и во прилог на гео-политичките ривалства на современието. Во таа еволуција, нивниот однос кон Евреите и Израел ќе минува низ паралелни, вртоглави, навидум неспоиви манифестации  на фило-семитизмот и анти-семитизмот. Но, како што ќе наведе еден еврејски истражувач, фило-семитизмот има голема сличност со анти-семитизмот. Бидејќи и двата пристапа го третираат еврејството како апстрактен монолит, со одредена историска мисија и улога (негативна или позитивна) согласно политичкиот интерес на часот. Улога за која самите Евреи немаат можност да донесат сопствено решение.

Налик на скорпионите осудени на самодеструкција кога се опколени со оган, трагедијата на Палестинците и Евреите ќе трае се додека нивните судбини се диктирани од комотно дистанцираните набљудувачи. Некој, некаде кажал дека мирот во Ерусалим ќе завладее кога сиот свет ќе гори. Оние кои го слушнале, уште се двоумат дали кажаното било пророштво или предупредување.   

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми