1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пред новите избори - расчистување на старите нерегуларности

Катерина Блажевска5 декември 2015

Ако изворот на кризата беше оспорувањето на регуларноста на изборите, логично е Специјалното обвинителство да почне со истрага за тоа, велат аналитичарите.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Добро е што пред новите избори ќе се почне со расчистување на нерегуларностите од претходните избори, едногласни се аналитичарите по вчерашната одлука на Специјалното обвинителство, кое соопшти дека кривичните дела поврзани со изборни нерегуларности ќе бидат првите за кои ќе биде отворена предистражна постапка.

Ваквата одлука вчера на прес-конференција ја соопшти Ленче Ристовска, обвинителка во тимот на Катица Јанева.

„Во изминатиот период беа направени анализи на доставените статистички податоци од Јавното обвинителство на Република Македонија, како и анализи на јавно објавените материјали од незаконското следење на комуникациите. Овие анализи покажаа основно сомнение дека се работи за предмети кои се во надлежност на ова обвинителство, што се потврди од увидот на списите на предметите. Од овој момент единствено надлежни за постапување по предмети поврзани со изборните нерегуларности за изминатиот период, а кои произлегуваат од незаконски следените комуникации сме токму ние - специјалното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“ објасни Ристовска.

Логичен почеток

Аналитичарот Даут Даути во изборот на првите случаи за предистражна постапка, гледа сосема логичен чекор.

„Ако изворот на кризата беше оспорувањето на регуларноста на изборите, логично е да се почне со истрага за тоа. Претпоставувам дека специјалното обвинителство потоа ќе се посвети на делата поврзани со финансиски и друг криминал“, вели тој.

Не е сигурен дали некои од предметите би можеле да имаат епилог пред изборите, но смета дека обвинителството ќе се соочи со опструкции во работата.

„Опструкции сигурно ќе има. Кога ќе се засегнат политички кариери на видни личности, одеднаш ќе се најдат многу пречки на патот на специјалното обвинителство“, смета Даути.

Тие опструкции може да бидат отворени, но и суптилни. Одреден лакмус ќе биде и односот кон кадровското екипирање на Специјалното обвинителство со потребните истражители. Тимот на Јанева побарал од МВР, од Министерството за финансии и од Финансиска полиција да му бидат доделени 11 истражители во согласност со Законот за кривична постапка, и очекуваат тоа да се реализира наредната недела, бидејќи сега имаат само двајца истражители.

„Мислам дека нема да има опструкции во однос на одобрувањето истражители“, вели политикологот Горан Јовановски.

„Оној што евентуално сака да ја блокира работата на обвинителството, не би постигнал 'ефект' ако тоа биде јавно, очигледно и ако лесно биде адресиран. Напротив, искуствата со вакви ад-хок институции покажале дека во отпорот кој доаѓа од страна на засегнатите, се користат многу посуптилни и пософистицирани методи, кои ја замаглуваат заднината и спречуваат точно да се лоцира изворот на блокадата“, вели Јовановски.

Изборите под лупа на Специјалното обвинителствоФотографија: MIA

Јасна порака

Но, ако се остават настрана стравувањата за трнлив тек на работата на Специјалното обвинителство, во јавноста очекувањата од него се големи. Засега никој не може да предвиди дали ако бидат покренати обвиненија, некои од овие предмети ќе добијат и судски епилог до изборите до април, но се смета дека е важна и порака што се испраќа преку ваквиот почеток. Професорот Ѓорги Спасов се согласува дека е добро што Специјалното обвинителство почнува со предмети за изборни нерегуларности во пресрет на предвремените избори.

„Со самата постапка за вакви дела, се праќа јасна порака дека ќе бидат казнети оние кои на следните избори ќе се обидат да ги повторат изборните нерегуларности од претходните избори“, укажува тој.

Поранешен член на ДИК, пак, сугерира дека сега е особено важно Специјалното обвинителството сите капацитети и ресурси да ги насочи кон истражување на претходните изборни нерегуларности.

„Тие добија многу предмети, но важно е за овие први предмети поврзани со изборни нерегуларности, да обезбедат квалитетни и кредибилни докази. Состојбата во општеството е многу поларизирана, се ближат нови избори, и само со солидни докази пред судот, јавноста ќе се увери дека станува збор за квалитетна правна постапка“, вели тој.

Побараа 5, добија 36 предмети

Но, прашање е дали Специјалното обвинителство ќе има таков комодитет да постапува предмет по предмет, со оглед дека роковите течат, а тие наместо побараните пет предмети, вчера од Јавното обвинителство добија 36, односно 31 предмет повеќе. Јавното обвинителство преку соопштение го објасни ваквиот потег.

„Основните јавни обвинителства ги предадоа и останатите предмети (31) што се оформени за кривични дела поврзани и што произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите. Предавањето на предметите е согласно на Законот за кривична постапка, според кој, за постапување по овие предмети е стварно надлежно Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, се вели во соопштението од ОЈО.

Но, според Законот за специјално обвинителство, ако не се покрене обвинителен акт во рок од 18 месеци по добивањето на предметот, постапката треба да се прекине, а сомненијата да се отфрлат. Од Специјалното обвинителство велат дека оваа постапка им ја нарушува динамиката на работа.

„Таквото постапување на овие обвинителства е надвор од доставеното барање и со него се нарушува динамиката и планот на работа на ова јавно обвинителство. Сепак, ја уверувам јавноста дека во предвидениот законски рок од 8 дена ќе биде донесена одлуката за тоа дали врз сите предмети ќе биде воспоставена стварна надлежност на ова јавно обвинителство и врз кои предмети“, рече обвинителката Ристовска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми