Пред Хоризонт се отвораат европските хоризонти
30 ноември 2012Турново е село со 200 куќи, со број на жители, кој варира во зависност од периодот, бидејќи многумина во текот на годината се на работа во странство, па тешко е да се утврди точната бројка.Таа е некаде е околу 1000 души. Но, Турново е место, кое поради фудбалот станува се попрепознатливо. Клубот „Хоризонт“, формиран во 1950 година, деновиве предизвикува еуфорија. Ване Стојанов, до неодамна најпознатото македонско атлетско име е во својство на извршен директор на клубот:
„Во последниве 5 години се натпреваруваме во Првата македонска лига, од кои во последниве две се работи многу професионално и организирано. Така, овие успеси беа очекувани.“
Која е тајната на напредокот на Хоризонт? Стојанов вели, примарна е желбата за успех, но и добрата клупска организираност:
„Во клубот имаме категории на фудбалери од пионери до првиот тим. Се работи стручно, а луѓето кои го водат клубот пред себе имаат цели.“
Најфудбалско село во Македонија
Турново е матицата, главниот собирен центар за талентираните момчиња од целиот регион. Се помасовно посетените фудбалски школи, исфрлаат квалитетни играчи, се изнедруваат и репрезентативци:
„Од сите категории на фудбалери на „Хоризонт“ имаме партиципација во репрезентативните селекции на Македонија. Двајца голмани во кадетските селекции, Ѓорќи Стоилов во младинската репрезентација,а Дејан Блажевски деновиве дебитираше и во А репрезентацијата на македонија во пријателскиот натпревар против Словенија. Го поканивме селекторот Чедомир Јаневски в недела да присуствува на дербито против Вардар, па би сакал да забележи уште некое име. Сето тоа само е потврда за доброто селектирање и квалитетното работење во нашиот клуб.“
Турново со капацитет и за Европа
По 15 одиграни кола, во трката за шампионската титула Вардар има бод повеќе од Хоризонт. Ване Стојанов зборува за резултатските амбиции во оваа сезона:
„Имаме респект за секој наш противник, бидејќи во македонското првенство секој секого може да победи. Се надевам дека на крајот од сезоната ќе бидеме на едно од првите 4 места на табелата,што значи излез во Европа. Тоа е нашата годинешна цел.“
Блажевски, Балдовалиев, Митрев, Панов, Димовски се предводниците на најуспешната генерација . Ги води тренерот Љупчо Димитковски. Пред Хоризонт се поизвесно е, се отвораат европските фудбалски хоризонти.Ќе има ли клубот капацитет да се соочи со меѓународниот натпреварувачки предизвик:
„Организациски ги следиме сите потребни стандарди за Европа, лиценцниот систем и финансиското работење, меѓународни ТМС трансфери...Останува само да продолжиме со добри резултати и Турново да стане дел од европските купови.“
Ване Стојанов истакнува, во подемот на Хоризонт свој удел има и големата поддршка од мештаните:
„Турново е многу мало место со само 200 куќи, но струмичката област е со голема љубов за спортот. Имаме поддршка од сите, се навива за нас , се поздравува секоја наша победа. А, тоа во моментов ни е многу важно!“- заклучува Стојанов
В недела, Турново одново ќе биде на нозе. Следи кулминација на фудбалската треска. Гостува Вардар! Стадионот, кој го носи името „Кукуш“, со капацитет за гледачи кој е поголем одошто е бројот на жителите на Турново, ќе биде центарот на македонските фудбалски збиднувања.