Скопје се присетува на еден од најтешките денови во историјата на македонскиот главен град, кога на 26 јули 1963 година катастрофален земјотрес одзеде над илјада животи, а многумина останаа без покрив над главата.
„Накратко запре срцето на Скопје. Катастрофалниот земјотрес однесе многу човечки животи и направи огромна материјална штета. Но, со трудот и пожртвуваноста на скопјани и на пријателите од целиот свет кои несебично подадоа рака, од рушевините се роди едно ново Скопје. Скопје кое стана синоним на солидарност, етничка и архитектонска шареноликост, на еден нов, модерен космополитски дух. Тоа е вистинскиот код на градот“, порача премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, 26 јули е потсетник дека должност е на новите генерации да им се пренесе љубовта, еснафскиот дух и пожртвуваноста со кои градот се градеше и развиваше, но и да им се остави аманет никогаш да не ги забораваат жртвите од земјотресот на кои денес им се оддава почит.
Градот убав...
На малку повеќе од еден месец пред годишнината од катастрофалниот земјотрес Скопје доби уште едно урбано катче во сутеренот на Градскиот трговски центар. Графити и мурали сега го красат подземниот премин
Фотографија: DW/B. Georgievski
Прва галерија на отворено
Иницијатива за проектот е на архитектот Филип Конески, а во нејзината реализација учествуваа и Младинскиот културен центар и Градот Скопје. Сместена е во сутеренот на ГТЦ спроти автобуската постојка.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Уметници
Во реализацијата на проектот учествувале дваесетина уметници: Антонио Илиевски, Блаже Атанасков, Давор Кешкец, Драган Китановски, Ермал Мусовиќ, Васил Димовски, Цветан Неделковски, Ирина Цоневска, Иван Петрушевски, Марјан Димиќ, Миро Грчев, Младен Трендевски, Сали Ертунч, Сања Симоска, Селмир Алими, Зоки Мише, Трајче Павлов, Владимир Милиќ, Воскресија Андреевска и Филип Конески.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Мотиви
Најголем дел од уметниците најдоа инспирација во урбани мотиви карактеристични за Скопје, иако има мурали и со апстрактни содржини.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Шанса за домашните уметници
Според одговорните, целта на галеријата е да се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963-та година.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Уметност и функционалност
Дополнително, галеријата на отворено му дава и дополнителна функција на архитектонскиот простор, кој е еден од најзначајните објекти од современо Скопје.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Скопје сонува
Во Скопје цртањето графити е забрането со закон, па оваа иницијатива им дојде како добра можност на уметниците да споделат дел од својата инспирација.
Фотографија: DW/B. Georgievski
55 години од земјотресот
Еден од муралите го одбележува точното време на катастрофалниот земјотрес од 1963 година: 5:17 часот. Во скопскиот земјотрес загинаа повеќе од илјада луѓе, а поголемиот дел од градот беше целосно уништен.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Модерна метропола?
Скопје беше обновено, но никогаш не успеа да израсне во современа метропола со сите атрибути. Идеите на архитектот Кензо Танге беа само делумно реализирани, а со почетокот на транзицијата започна и систематското уништување на урбаниот дух на градот кое кулминираше со проектот „Скопје 2014“.
Фотографија: DW/B. Georgievski
Зборува Скопје
Градските власти деновиве организираат серија настани по повод одбележувањето на годишнината од земјотресот. На зградата на Старата железничка станица беше вратена пораката на Јосип Броз Тито, а паралелно деновиве ќе се одржуваат и серија изложби, концерти, поетско читање и крводарителска акција.
Фотографија: DW/B. Georgievski
9 фотографии1 | 9
Град на солидарноста
Скопје сè уште живее со споменот за настраданите во катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Оваа незаборавна трагедија, според претседателот на државата Стево Пендаровски, е потсетник дека најважна е безбедноста и дека само заеднички може да се надминеме секоја природна и човечка катастрофа.
Глобалната помош и поддршка од 87 нации ширум светот го трансформираше Скопје во град на солидарноста. „Поуката од тоа ја носиме сите, скоро 6 децении, дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет и дека само со заедништво можеме да го изградиме општеството за сите. Да не се заборават настраданите, да не се заборави хуманоста на светот!, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Со повеќе активности и манифестации денеска беа одбележани 59 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој животот го загубија 1.070 лица, а повредени беа околу три илјади.
Делегација на Владата, предводена од вицепремиерот Бојан Маричиќ, во придружба на министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за правда Агим Нухиу, положија свежо цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот. Почит кон загинатите лица во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието и Канцеларијата на претседателот, како и амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во Северна Македонија.