Преживување со улично свирење во Берлин
23 јануари 2015 Секое утро, сонце или снег, 35 годишната Романка Ионела Лакатуш им свири на патниците, додека тие се пробиваат преку пешачкиот мост под железничките пруги на берлинската станица Фридрихштрасе.
Околу 2 часот попладнето, Лакатуш завршува со свирењето за тој ден. Таа го пакува својот инструмент и својата чанта, внимателно го собира нејзиниот картон и го сокрива во металната рамка на мостот. На пат кон кафетерија, застанав за да направам фотографија од нејзиниот млад син. Неговата љубопитност е нескротлива, додека скока од едно место на друго. Лакатуш ги става нејзините раце на неговите рамена. Се смеат заедно.
Нивниот живот се сведува на тоа: туѓ јазик, студ и звукот на монетите. Сепак тоа значи подобра шанса за нејзиното дете, отколку што ќе имаше во нејзиниот претходен живот.
„Овде е добро“
Во кафетеријата, комуницираме на мешавина од германски, англиски, шпански и романски. Лакатуш заминала од својот дом во градот Бакау пред 10 години. Сега таа живее со нејзиното семејство во населбата Нојколн. Вели дека го сака Берлин.
„Се е добро за мене. Берлин е подобар. Затоа што, овде јас заработувам. Во Романија немав работа - стан да, но не и работа. Тешко е за мене, имам две деца. Имам девојче, 16 години и син, 5 години. Тешко е во Романија, но, овде е добро. Секој ден, секој ден“.
Нејзиниот син Алекс е живо момче со светло-кафени очи, ведра насмевка и очигледно незаситна потреба да истражува сѐ што му е пред очи - но, тој е срамежлив за зборување. Покрај нормалната срамежливост на дете пред непознати возрасни, тој исто така се соочува и со јазични бариери. Тој се’ уште не е запишан во училиште и не зборува течно германски. Но, неговата мајка координира со друга жена да го однесе во градинка. Тој учи и таа инсистира дека тој ќе оди на училиште кога ќе дојде време.
Нејзината ќерка не беше толку среќна. Веќе навлезена во нејзините тинејџерски години, таа може да зборува само ограничен германски и не е запишана на часови. „Нема училиште“, кратко вели Лакатуш. Кога ја прашав што прави сега нејзината ќерка, таа ја тресе главата и ги врти очите.
Лакатуш свири хармоника уште откако ја напуштила својата татковина - пред околу 10 години. Таа тоа не го гледа како особено тешко. „За мене, ништо комплицирано“, вели таа, во повеќејазична мешавина типична за нашиот разговор. Таа немала никаков формален тренинг, но, собрала некои техники од двајцата родители и почнала да повторува традиционални модели на песни.
Деновиве таа се потпира на импровизацијата за да ги обликува мелодиите со кои ја шармира бизнис толпата во Берлин. Лакатуш свири по чувства и инстинкт, додека нејзините мисли талкаат. На што таа мисли за време на долгите утра на пешачкиот мост? „Децата, градинката, се“.
Ниски температури
Со приближувањето на зимата, Лакатуш почна да додава слоеви на облека, но, ништо не може целосно да го задржи студениот воздух кој доаѓа од реката. Кога ја прашав како се справува со часовите студ и како ги оддржува прстите загреани за да свират, таа стоички одмавнува. „Студено е, но, ова го правам 10 години, сѐ е исто“. Таа како повеќе да не го чувствува студот на ветрот.
Прашав дали има проблем да се разбере со берлинците родени во Германија. Се разбира, Берлин е место каде многу иселеници се снаоѓаат без воопшто да го користат локалниот јазик, но, многу од нив зборуваат добро англиски. Лакатуш се двоуми. За тоа што нејзе и’ е потребно, зборувањето не е толку комплицирано, вели таа, иако берлинците зборуваат многу брзо - но, од друга страна пак, таа често нема време да води долги разговори со оние надвор од нејзиното семејство. „Нема зборување, јас немам време да зборувам“.
Нејзината улична свирка на мостот Фридрихштрасе и’ носи околу 20 евра на ден, за свирење од седум часа. Дали е тоа доволно за да преживее? „Не. Не е доволно. Комплицирано е. За децата, за мене и мојот сопруг“, воздивнува таа.
Кога ја прашав дали таа добива некаква помош од државата, Лакатуш одмавнува со главата. Секако дека би сакала финансиска помош, крева со рамениците, но таа не и е на располагање. Таа и нејзиното семејство мораат да го сторат најдоброто што можат од себе. Потоа, постојат јазични курсеви, програми за интеграција и други ресурси за имигранти, кои се нудат од страна на официјални теренски центри, но, таа не може да отстапи од дневниот распоред со кој го издржува нејзиното семејство, за да се посвети на други нешта. „Училиштето е таму, но, секој ден, јас морам, морам да работам. Немам пари“.
Насмевки и пајаци
Нејзината егзистенција можеби не е лесна, но, Лакатуш не покажува никаква горчина и никаква неблагодарност - само желба да се направат работите да функционираат и благодарност за начините на кои нејзиниот живот се подобри во текот на последната деценија. Таа инсистира дека сака да создава музика и дека има топло добредојде за секој кој поминува и остава паричка. Кога никој од минувачите нема да застане, таа се загледува во далечината, со мирна насмевка на Мона Лиза која е слатко добронамерна во нејзиното прифаќање на светот - без разлика што е студено, мрачно и преполно со пајаци- вообичаено за мостовите во Берлин.
Нејзината публика исто така, има репутација дека е груба, арогантна и сомничава - и вечно во брзање. Како и да е, таа има да каже само убави нешта за берлинците. Какви се тие навистина, како луѓе? Таа се замислува за момент. „Добри, за мене, сите“.
Сепак, улиците на секој град се опасни места. Се сеќавам дека ја сретнав на мостот во раното попладне, токму во моментот кога група на пијани, најверојатно невработени сконхедси минуваа покрај неа. Тие забавија, ја погледнаа, и јас почувствував нелагодност во стомакот, загрижена дека можат да станат агресивни кон оваа мала Романска жена и нејзиното дете. Но, тие продолжија натаму.
Подоцна, Лакатуш ме убедуваше дека нејзината работа е доволно безбедна - таа инсистираше на тоа дека никогаш, ниту еднаш не и’ била ограбени заработувачката или заплашувана за нејзиното место на пешачкиот мост. Многу од останатите забавувачи на мостот се натпреваруваат за вниманието и паричките на минувачите - од панкерот и неговото куче рано наутро, до психоделичниот гитарист со танчер во ноќите - но, таа е дел од релативно стабилен екосистем без насилство. „Не сме непријатели, но, не сме ни конкуренција“, вели таа.
Алекс изгледа дека го дели нејзиниот оптимизам. Како и секое друго дете, тој прави енергични авионски звуци и турка играчка камион со ентузијазам, по масата во кафетеријата, длабоко во светот на фантазијата. Посакувам да можам да ги надминам тие јазични бариери и срамежливоста и да го прашам дали тој сонува да лета со авион, да вози камион - или ако не, што всушност, сака да биде кога ќе порасне. Кога се обидувам, тој се смешка и погледнува настрана, Лакуташ се смее и врти со главата - тој можеби се’ уште не знае. Или можеби неговите надежи се веќе таму, се вгнездуваат во неговиот ум, чекајќи ги зборовите за да им даде форма.