1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преземање на правдата во свои раце на интернет

Арне Лихтенберг/ Симе Недевски25 април 2012

Германската атлетичарка Ариане Фридрих во одбрана против нејзиниот демнач го објавила неговото име и адреса на интернет. Легитимна самозаштита или незаконско постапување?

Фотографија: dapd

Фејсбук страницата на Ариане Фридрих е преполна со коментари. „Кој не може да се истакне со спортските постигнувања, посегнува по вакви средства“, пишува Ото. „Драга Ариане! Те молам и натаму бори се со сите средства, кои ти стојат на располагање, ти си сега пример за сите жени и девојки“, стои во пораката на Симоне. Германската скокачка во височина, која ќе се натпреварува и на ЛОИ во Лондон, во моментов се наоѓа во фокусот на јавноста. Таа собира пофалби но и критики. 28-годишната спортистка е жртва на сексуално злоставување. Еден маж и‘ оставил безобразна порака на нејзината фејсбук страница проследена со непристојна фотографија. За Фридрих тоа беше капка што ја прелеа чашата.

Храбра но и контроверзна постапка

Фотографија: fotolia

Таа го објави целото име и адресата на нејзиниот демнач ( на англиски stalker). Од тогаш наваму на интернет следуваа бура реакции. Има многу поддршка за Фридрих, но и критика. Имено спортистката своерачно го постави злосторникот на електронскиот столб на срамот. Но ваквиот вид преземање на правдата во свои раце во Германија не е дозволено.

Многу луѓе и интернет корисници и‘ оддаваат признание на Фридрих за нејзината храборост јавно да говори за сексуалното малтретирање, но со оглед дека Фридрих по професија е полициска детективка нејзината постапка е контроверзна. „Тоа би можело да биде проблематично. Никој не би требало брзоплето да се става на столбот на срамот“, вели Јозеф Шојринг, претседател на Синдикатот на полицијата (ГдП). Досегашните искуства покажуваат дека ваквите преземања на правдата во свои раце и јавно осудување на наводните злосторници можат да предизвикаат големи проблеми.

Можни се затворска или парична казна

И на Фејсбук страницата на спортистката во меѓувреме се множат негативните коментари. „Кој ви кажал вас и на оние што читаат тука дека името и адресата му припаѓаат на вистинскиот злосторник?“ Доколку Фридрих навистина погрешно обвини недолжен човек, тогаш нејзе и‘ се заканува казна затвор до две години или пак парична казна.

Ариане ФридрихФотографија: picture-alliance/dpa

Во основа казнено-правните истраги се исклучиво задача на полицијата и на обвинителствата. Тоа важи како за реалниот така и за дигиталниот свет на интернетот, порача дополнително уште еднаш Сојузот на германски службеници за борба против криминалот. Казненото гонење не смее никој да го презема во сопствени раце, вели и Тобиас Гостомчик, професор за медиумско право на Техничкиот универзитет од Дортмунд.

Ариане Фридрих сега планира да молчи. И нејзиниот менаџер Гинтер Ајзингер повеќе не сака ништо да каже за аферата. „Обвинителството истражува. Постапката е во тек и повеќе не даваме коментари“, порача Ајзингер.

Покрај тоа 28- годишната скокачка во височина планира засилено да се концентрира на подготовките за претстојните Олимписки игри.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми