Прекин на маршот кон Газа
20 јули 2005
Претпладнето противниците на повлекувањето ги спакуваа своите работи и се подготвија за тргнување дома.По две ноќи под отворено небо тие ги свиткаа вреќите за спиење и ги напуштија шаторите пред Кфар Маимон.Уште вчера попладнето полицијата ја прогласи демонстрацијата за официјално завршена:
„Автобусите стојат подготвени за да ги пренесат демонстрантите дома“.
Но десетината илјади не обрнуваа многу внимание на тоа и го продолжуваа протестот против повлекувањето од појасот на Газа.Хаим Друкман,познат рабин од една населба на Западниот брег,против расчистувањето на населбите од Газа:
„Ние сме повикани да делуваме,да го вратиме изрелскиот народ назад во неговата земја, а не,да не Господи чувај не,да биде протеран од својата земја.Ние сме повикани да го вкорениме израелскиот народ во неговата татковина,а не да го корнеме од неа.Ние веруваме и сме сигурни дека правото и вистината се на наша страна и дека иднината нам ни припаѓа.“
Израелското радио соопшти дека раководството на доселениците побарало од противниците на повлекувањето од Газа да си заминат дома.Но,Бенци Либерман,претседател на советот на населбата Јеша,не сакаше да се изрази толку јасно.Тој само соопшти дека до петок вечер најголемиот дел од демонстрантите ќе ги напуштат шаторите:
„Во секој случај ние од Кфар Маимон и натаму ќе раководиме една основна станица,одакеде и во наредните 30 денови ќе доаѓаат обиди за пробивање.Ние само сакаме да спроведеме една протестна акција,и тоа континуирана,чиј почеток беше пред три дена во Кфар Маимон.Сметаме дека по овие три дена дел од луѓето треба да одат дома.Кфар Маимон од наш аспект треба да остане база и цел за идните значајни протестни акции кои ќе ги има натаму.“
Некои други предводници на доселениците соопштија дека ќе се повлечат кон Гуш Катиф,населенички блок во јужниот дел од појасот на Газа ,така стои во еден леток кој денеска беше делен меѓу луѓето.Но,можно е овие противречни информации да се дел од психолошката војна на доселениците со полицијата.Суштината е следната:во Кфар Маимон противниците на раселувањето на еврејските населби од Газа заминуваат дома,тоа може да биде крај на нивниот протест.
Во појасот на Газа пак движењето Фатах на палестинскиот претседател Махмуд Абас и радикалниот Хамас се согласија околу крај на меѓусебните напади.Последниве денови се почесто доаѓаше до престрелки меѓу силите за безбедност со луѓето од Хамас.Само вчера во нив беа повредени 15 лица.Претставниците на двете страни договорот го соопштија на заедничка прес конференција.Водач од Хамас изјави дека против непријателот ништо не е подобро отколку палестинско единство.