1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекршените ветувања на Фидел Кастро

Амир Вале
29 ноември 2016

Слично како на Ленин, Мао и Сталин, светот ќе се сеќава и на Фидел Кастро. Посебно на сите негови неодржани ветувања, на тоа дека ги излажа Кубанците.

Kuba Fidel Castro
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Ernesto

Не игра веќе никаква улога тоа што милиони луѓе го сакаа како наводно последниот водач во борбата за подобар свет. Исто така, тоа што можеби исто толку луѓе го мразеа како демагог, политички камелеон, кој иако многумина го сметаа за месија на сиромашните во светот, владееше апсолутистички со целата земја како да е таа негов приватен имот. Важно е единствено што е тој мртов, а не исполни ни едно од многуте ветувања кои му ги даде на кубанскиот народ. Тоа што „светлата иднина“, која им ја предвидуваше на Кубанците, никогаш не дојде.

Неговите обожуватели на интернет веќе зборуваат за историската неминливост на Кастро, дека вечни се не само неговите идеи, туку и тој самиот. Фактот што Кастро преживеал преку 600 атентати се става во функција на доказ дека идејата за неговата физичка бесмртност, барем што се однесува на неговите „верници“, воопшто не е наивна. На овој начин уште еднаш оживува пропагандниот мит за „последниот револуционер на 20. век“.

Фидел во „земјата на чудата“

Куба која ја оставиФидел Кастро зад себе, не се разликува многу од онаа која зад себе ја остави диктаторот Фулгенсио Батиста по неговото бегство од земјата во декември 1958 година. Кубанците уште чекаат нивната земја да стане богата, сите Кубанци да бидат вистински рамноправни, да постои вистинска независност во сите национални односи и така натаму, кои Фидел Кастро ги вети во својот историски говор „Историјата ќе ми даде за право“, со кој тој самиот се бранеше пред суд во 1953 година, по безуспешниот обид за соборување на Батиста. 

Доволна е само споредбата на тогашната економска, политичка и социјална ситуација на Куба со денешната за да се стигне до констатацијата - Куба по 57 години „револуционерна“ социјална програма се наоѓа дури во полоша состојба, владее поголем хаос и нееднаквост, назадување на етички, економски, финансиски и социјален план.

Амир Вале, кубански писател Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Blume

Двајца легендарни луѓе, кои се бореа рамо до рамо со Фидел, на крајот јавно се спротиставија на тоталитаристичкиот курс на кастризмот: командантот Елој Гутерес Менојо во 2004 година во Хавана и командантот Хубер Матос во 2010 година во Пуерто Рико. Двајцата еднаш ги прашав што би рекол Фидел на обвинувањето дека не ги одржа своите ветувања, а нивните одговори беа идентични: „Фидел живее во паралелен универзум, во кој сите негови ветувања се исполнети“, рече Менојо. Матос одговори: „Исто како и за грофицата во 'Алиса во земјата на чудата', и за Фидел е сѐ добро. За лошите работи се виновни неговите непријатели, а на сите кои се противеа на неговите планови, им беа отсекувани главите. Во неговата глава неговата Куба е перфектна.“

Ослободителна пресуда од историјата

Фидел Кастро по смртта зад себе остави остров кој претставува една од најсиромашните економии во Америка. Секојдневно се зголемуваат репресиите против растечкото опозициско движење, а веќе одамна не може да стане збор за здравствен и образовен систем на западно ниво. Официјалните анкети на јавното мислење велат дека емигрирањето е единствениот сон на младината. А старите кастристи ја предаваат својата моќ на своите непопуларни наследници: неокастризмот. 

Во својот славен говор од 1953 година Фидел Кастро вети Куба да ја претвори во рај на земјата, а на оние кои го изведоа пред суд, гордо им порача: „Осудете ме, тоа не игра никаква улога. Историјата ќе ми додели ослободителна пресуда.“ Куба можеби беше приватен рај на Фидел, на кланот Кастро и неговите најверни следбеници во сферата на политичката моќ. Доколку тој сепак има право и историјата му изрече ослободителна пресуда, тоа би бил доказ за точноста на мислењето на многумина луѓе за историјата: дека е таа една недостојна и лицемерна стара дама.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми