Преку 20 милиони инфицирани со коронавирус во светот
ЖА
11 август 2020
Во изминатите шест недели бројот на потврдени нови инфекции е удвоен. Американските научници сметаат дека вистинската бројка е многу поголема. За тоа постојат две причини. СЗО сепак укажува дека постојат зраци на надеж.
Реклама
Корона-инфекциите стануваат потврден случај кога луѓето се тестираат, но капацитетите за тестирање се ограничени. На тој начин бројни инфекции остануваат неоткриени. Истоот ваќи за инфицираните лица кои не манифестираат никакви симптоми. И тие проаѓаат низ „ситото" на статистиката.
Од 20 милиони познати случаи на зараза со Ковид-19 во светот, според податоците на Институтот Џон Хопкинс, околу половината отпаѓаат на три земји. САД предводат со преку пет милиони инфицирани, Бразил има преку три, а Индија речиси два милиони потврдени случаи на коронавирус. Но и во Русија, Јужна Африка, Мексико и повеќе држави од Јужна Америка пандемијата брзо се шири.
Жртвите на коронавирусот на пазарот на труд
Пандемијата на коронавирусот веќе има катастрофално влијание врз голем број индустрии. Милиони работни места се загрозени, стотици илјади веќе укинати. Издвојуваме некои од досега најпогодените компании и сектори...
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Циркусот остана, уметниците ги нема
Легендарниот „Cirque du Soleil “ поднесе барање за течајна постапка по тримесечен прекин на работата поради пандемијата на коронавирусот. Славниот циркус најави отпуштање на 3.480 од вкупно 5.000 вработени. „Cirque du Soleil“, со седиште во канадски Монтреал, овој потег го образложи со „огромното нарушување и присилно затворање на шоуто како последица на пандемијата на Ковид-19“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Düren
„Ербас“ ќе се раздели со 15 илјади луѓе
Европскиот авиоконцерн „Ербас“ предупреди на масовни укинувања на работните места. Тој има намера да укине околу 15.000 работни места поради падот на побарувачката како последица на пандемијата. Еден од шест вработени би можел да го загуби работното место во одделот за транспортни авиони - најважниот и најголемиот во „Ербас“. Само во Германија треба да се укинат 5.100 работни места.
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Турбуленции за „Луфтханза“
Најголемиот авиопревозник во Германија, е заробен во турбуленции поради коронавирусот. Авиоконцернот беше исклучен од индексот на акции Дакс, во кој членуваше 32 години. „Луфтханза“ ќе добие 9 милијарди евра директна финансиска помош и државни гаранции за заем, но 26.000 работни места се изложени на ризик. „Во случај на опасност, ние ве спасуваме вас, а кој ќе нè спаси нас?“- прашува стјуардесата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
На едно небо
Британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ планира да укине 12 илјади од вкупно 42.000 работни места. Нејзиниот француски ривал „Ер Франс“ ќе отпушти над 7.500 вработени поради пандемијата. Британската авиокомпанија „Изи џет“ предвидува од долгорочен пад на побарувачката. Концернот планира да го намали бројот на вработените за 30 проценти - околу 4.500 луѓе може да ги загубат своите работни места.
Иако производителите на автомобили сè уште немаат предвидено застрашувачки сценарија, светскиот пазар на автомобили може да се намали за 18 проценти во 2020 година. Германскиот стручњак за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхофер веќе изнесе разочарувачко предвидување: околу 100 илјади работни места во Германија се изложени на ризик. Автомобилската индустрија во земјата вработува 800.000 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Тешка опрема
Германскиот концерн „MTU Aero Engines AG“ планира да го намали бројот на вработени за 15 проценти. Производителот на мотори за авиони, со седиште во Минхен, вработува 10.000 луѓе низ целиот свет. Околу 1.500 места се под закана за укинување. Во 2019 година компанијата беше во топ-лигата на индексот на акции Дакс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MTU Aero Engines AG
Отпаѓа ли модата?
Седењето дома и забраната за масовни настани обесхрабри многумина да купуваат нова облека. Падот на потрошувачката се почувствува во трговијата. Германскиот концерн „Галерија Карштат Кауфхоф“ затвори околу 80 од своите 170 стоковни куќи, кои главно продаваат облека. Повеќе од 5.000 од вкупно 28.000 вработени ги загубија работните места.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich
Сите на одмор
Еден од најголемите светски туристички концерни „ТУИ“ најави укинување на 8.000 работни места како последица на пандемијата. Менаџментот на компанијата, која веќе доби финансиска помош од германската држава, соопшти дека овие мерки се неопходни за да се зачуваат претставничките канцеларии на концернот во светот. „ТУИ“ очекува дека така ќе ги намали административните трошоци за 30 насто.
Германија засега релативно добро се справува со пандемијата, информациите на Институтот Роберт Кох сведочат за околу 217.000 регистрирани инфекции и 9200 починати (состојба на 11.08.2020).
„Зад овие статистики се кријат многу болка и страдање...Но, морам уште еднаш да истакнам: постојат и искри на надеж. Уште не е доцна за да застанеме на патот на пандемијата“, изјави вчера шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом Гебрејсус. Тој ги повика владите во светот да не попуштаат во борбата против пандемијата.
Институтот Џонс Хопкинс во меѓувреме соопшти дека по инфекција со коронавирус досега во светот починале преку 730.000 луѓе. Бројот на жртви во последно време расте многу побавно отколку бројот на новоинфицирани, благодарение првенствено на подобрите методи за третман. Вирусот Сарс-КоВ-2 е и натаму посебно опасен за луѓето во поодинати години и оние со хронични заболувања.