1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преодна влада, стара реторика

4 јануари 2020

Ден по изборот на преодната Влада, власта и опозицијата си разменија нови критики.

Nord-Mazedonien neue Regierung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Преодната влада е дочекана со стара реторика. Иако Собранието вчера со 101 глас „за“, без „воздржани“ и без „против“ ја избра новата преодна влада која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори на 12-ти април, меѓупартиската комуникација продолжи во стариот манир.

„Ова е почеток на крајот на политичката кариера на Зоран Заев кој на сопствениот народ и сопствената држава им донесе само порази и срам во изминатите три години“, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинувањата продолжуваат и кон премиерот на новата преодна Влада.

„Заев привремено го замени негов слуга, најнеуспешниот министер за внатрешни работи во независна Македонија, Оливер Спасовски. Човек пред чии очи се случија десетици убиства, престрелки и запалени автомобили, а тој наместо да го гони криминалот се стави во одбрана на истиот“, се вели во соопштението.

Партијата потенцира дека 12-ти април е денот кога секој граѓани кој се почувствувал заборавен од власта, ќе излезе на гласачкото место и ќе го потсети Заев на сите неисполнети ветувања.

„Доаѓа време на чесни и принципиелни политичари во Македонија чиј збор има вредност и тежина. Македонија заслужува подобро “, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Не дојдоа кај Пендаровски

Министрите предложени од опозицијата, синоќа не се појавија на приемот што за членовите на Владата го организираше шефот на државата, Стево Пендаровски. Тоа се гледа од заедничката фотографија, на која ги нема министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и министерка за труд и социјална политика, Рахела Мизрахи, двајцата  предложени од ВМРО-ДПМНЕ.  Не се познати причините за нивното отстуство, а дел од медиумите блиски од опозицијата посочуваат дека новиот состав на преодна влада нема обврска по изборот на техничките министри да замине на средба со претседателот.

Фотографија: DW/F. Schmitz

Претходно, пак,  поранешниот премиер Заев  посочи која е обврската на Владата.

„Сега сите политички структури во Владата имаат обврска да обезбедат натамошно јакнење на институциите, а не опструирање внатре во институциите. Апелирам опозицијата да биде одговорна и да не го злоупотребува овој преоден период“, напиша лидерот на  СДСМ.

Според него, преодната Влада е во сигурни раце од повеќе аспекти.

 „Со изборот на преодната влада и со Оливер Спасовски на нејзино чело, извршната власт е во сигурни раце, особено кога станува збор за нејзината првенствена обврска да се организираат фер, демократски и ефикасни избори кои ќе обезбедат брза и легална институционална постапка за избор на нова влада“, напиша Заев.

Тој потенцира дека преодната Влада е во сигурни раце и кога е во прашање континуитетот на напредокот на земјата кој бележи силен нагорен тренд.

Остаток на режимот

Од СДСМ, пак, со критика се осврнаа на дополнителниот заменик министер во ресорот земјоделство предложен од ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.

„Опозициската партија останува верна на режимот, целосно раководена од Будимпешта. Последен доказ за тоа е назначувањето на Цветан Трипуновски, кој е кадар на Никола Груевски и остаток на режимот“, обвинија социјалдемократите.

Од партијата обвинуваат дека со години Трипуновски ги поддржувал погубните политики во земјоделството и дека бил меѓу главните организатори на партиските собири на ВМРО-ДПМНЕ кои лажно биле претставувани како протест на незадоволни земјоделци, иако на нив присуствувале само членови и активисти на опозициската партија.

„Против Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ има и кривична пријава за злоупотреба на службената должност со што го оштетил министерството за 117.000 евра (...) Со таквата понуда, ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со извесен пораз на изборите на 12 април. Граѓаните нема да дозволат режим никогаш повеќе“, соопшти СДСМ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми