Преодна оценка за процесот, критики за медиумите и етничката поделеност
14 април 2014Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска во Скопје ги соопшти првичните оценки за првиот круг од гласањето за избор на шеф на државата. Во услови на намален број на набљудувачи и покриеност на помал дел од избирачките места, оценката е дека изборите биле спроведени ефикасно, а кампањата била активна со умерена реторика:
„Основните слободи беа испочитувани и кандидатите имаа можност да ја водат слободно кампањата. Таа беше активна и кандидатите имаа динамична агенда на митинзи, меѓутоа теренот за натпревар не беше рамноправен. Актуелниот претседател и кандидат имаше значителна предност во однос на ресурсите и доминираше во платеното политичко рекламирање. Постојаната јавна поддршка и присуство од страна на премиерот и владините министри не ја испочитуваа во целост одвоеноста помеѓу партијата и државата. Во принцип и на овие избори можеше слободно да се изрази волјата, иако некаде движењето не беше лесно“, порача шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР амбасадорот Герт Аренс.
Речиси идентична е оценката и на делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа од каде сепак изразија длабока загриженост поради како што рекоа растечката етничка поделеност во земјата што била изразена во предизборитео:
„Кампањата го подели општеството по етнички линии, а повикот од страна на една етничка албанска партија до припадниците на оваа заедница да не гласаат е предмет на загриженост. Да повикувате на бојкот во еден демократски процес не помага во демократијата. Едно е да не учествувате со сопствен кандидат, а друго е да агитирате да не се гласа“, порача шефот на делегацијата Штефан Шенах.
Од Советот на Европа констатирале и одредени неправилности како групно или семејно гласање што било регистрирано во Шуто Оризари, недоволна застапеност на кандидатите во рекламирањето, намалената доверба во избирачкиот список. Во услови на повик на бојкот како што рече, погрешна била одлуката гласачите да се обележуваат со мастило како потврда за учество во процесот.
Неизбалансирани медиуми
Клучните забелешки се насочени кон медиумите кои според оценките биле главно пристрасни во известувањето и во најголем дел во полза на владејачката ВМРО ДПМНЕ и кандидатот Иванов и против СДСМ и нејзиниот кандидат Пендаровски:
„Наспроти постоењето на голем број медиуми, многу од соговорниците со кои се сретнаа набљудувачите наведоа дека постои индиректна контрола врз медиумите од страна на владејачката партија како резултат на владината доминација на рекламниот пазар. Имаше недостаток од политичка анализа и независно известување, јавниот радиодифузер не обезбеди избалансирано покривање, а присутна беше и самоцензурата“, изјави Аренс.
Набљудувачите констатирале добра подготвеност на изборната администрација на денот на изборите и професионален и транспарентен начин на пребројување на гласовите. Генерално позитивно ја оценија и работата на Државната изборна комисија иако предупредија на политичката инволвираност при решавањето на одредени прашања. Реагираа на тајмингот на измените на Изборниот законик во кој биле вметнати само некои од нивните препораки од претходните извештаи. Од ОБСЕ/ОДИХР предупредија и дека барањето за 40% излезност во вториот круг претседателски избори и долготрајноста на жителството како услови за номинирање на кандидатите може да доведе до циклуси на неуспешни избори. Прелиминарната оценка ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа ќе ја соопштат на 28 април, по вториот круг претседателски и предвремените парламентарни избори кои се закажани за ден претходно.