1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вухан: 50 проценти повеќе починати од коронавирус

ЖА
17 април 2020

Уште одамна постои сомневање дека Кина не ги објавува вистинските бројки за жртвите од коронавирус. Вухан, епицентарот на епидемијата, сега призна дека постојат значително поголем број жртви на Ковид-19 уште 1290.

China Wuhan Flughafen Rührung vor Abreise
Фотографија: AFP/H. Retamal

Изненадувачки, кинеската метропола Вухан го коригираше бројот на смртни случаи од коронавирус за 50 проценти нагоре. Како што соопштија властите денеска, во централнокинеската метропола, каде започна пандемијата, како последица од зараза со коронавирус починале уште 1290 лица повеќе од досега изнесуваните бројки. Со тоа бројот на жртвите од белодробната болест во Вухан порасна на 3896. Досега се известуваше за 2579 починати.

Вкупната официјална бројка од 3342 за цела Кина до денеска уште не е официјално коригирана, но би следувало таа да изнесува преку 4600. Новите податоци ги потврдуваат одамна постојните претпоставки дека во официјалната кинеска статистика не се внесени бројни случаи. За корекцијата се наведени повеќе причини. На пример, дека на почетокот доста пациенти починале дома. Болничките капацитети за прием и лекување првично не биле доволни, изјавил неименуван службеник на Кризниот центар за справување со Ковид-19 на Вухан за кинеската државна новинска агенција Ксинхуа. „Неколку здравствени институции на почеток не се приклучија навремено во системот за превенција и контрола“, изјавил службеникот. Според него, дел од болниците биле преоптоварени, а лекарите и медицинскиот персонал биле премногу зафатени со навалата на инфицирани: „Како резултат на тоа, дојде до задоцнети, нецелосни и погрешни извештаи, како и нецелосни податоци за бројот на починати“, тврди службеникот.

Но, службите наново ги обработиле постоечките статистики за да добијат комплетна слика. Во прашање е „веродостојноста на владата“, истакнал службеникот, индиректно реагирајќи на скепсата дека официјалната статистика ја отсликува вистинската димензија на епидемијата на коронавирус во земјата. Кина и натаму тврди дека го има вирусот под контрола. Националната здравствена комисија денеска соопшти за 26 нови инфекции, од кои 15 се „увезени“ случаи на САРС-КоВ-2од патници и 11 локални заразени. Во Кина, според официјалните податоци, досега се инфицирани преку 82.000 луѓе, од кои 78.000 веќе оздравеле. Експертите претпоставуваат дека постојат многу повисоки црни бројки на нерегистрирани случаи.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми