Пресвртна точка во политиката кон бегалците
14 септември 2015 Одлуката дојде ненадејно. Германија воведува „привремена“ контрола на границата кон Австрија. Министерот за внатрешни работи Томас де Мазиер ја најави мерката на изненадувачка прес-конференција во неделата попладне. Тој рече дека Германија ќе помогне, но поддршката од неговата држава не смее да биде злоупотребувана.
Тоа може да се сфати и на следниот начин: практиката од изминатите недели на давање азил на сириските бегалци и дозволувањето на неограничен влез во Германија не успеа. Повеќе од 60 илјади луѓе пристигнаа во Минхен од крајот на август досега- премногу за градот- и премногу за државата, која ја загуби контролата над состојбата. Минатата ноќ во Минхен, бегалците мораа да спијат на железничката станица за првпат.
„Привременото“ враќање на граничните контроли е де-факто признание дека, додека во теорија основното право на азил не знае за горна граница, во пракса таа граница се постигнува за неколку дена.
Драматични последици
Кусорочните последици од ова признание се драматични. Железничките врски меѓу Германија и Австрија се привремено суспендирани, 21 полициски единици беа упатени на германско-австриската граница. Според извештаите, полициските конотроли ќе бидат воведени и на границите кон Чешка и Полска. Со други зборови, бегалци веројатно нема да бидат во можност преку овие земји да стигнат до Германија.
Истовремено тоа е и голем ангажман на полиција која сега ќе биде користена против истите луѓе кои поверуваа дека идејата за азил е основно човеково право- без ограничувања. Тие ќе се чувствуваат измамени, и ова прекршено ветување ќе натера повеќемина да ги преземат нештата во свои раце. Бидејќи легалниот влез е забранет, многумина ќе се обидат да ја минат границата илегално. Полициските единици наводно ќе треба да го спречи ова.
Арапскиот свет реагира
Сликите од овие акции набрзо ќе ги заменат оние на кои беше забележан германскиот топол пречек за бегалците. Тие ќе бидат видени и во арапскиот свет. Можеме само да се надеваме дека за оние во арапскиот свет тоа ќе биде доказ дека Германија го достигнала лимитот. Во спротивно, Германија од фалена набрзо може да стане критикувана меѓу многу Арапи.
Тоа нема да биде изненадувачки со оглед дека малкумина во арапскиот свет се запознаени со германската внатрешна дебата за ова прашање. Правото на неограничен азил беше жестоко дебатирано изминатите денови во Германија- помалку во мејнстрим медиумите, но далеку повеќе во онлајн дебатите. Многумина беа загрижени: како можеме да примиме толку многу? Дали социјалната држава тоа може да го издржи? Како ќе бидат бегалците интегрирани во општеството? Многу читатели се жалат дека се игнорирани во процесот на одлучување.
Соседните држави се незадоволни
Одлуката на Германија да дозволи неограничен влез на Сиријците беше причина за големо незадоволство во соседните земји, особено оние во Источна Европа. Овие земји сметаат дека ветувањето на Германија дополнително ги привлекува бегалците. Се додека надворешните граници на ЕУ остануваат необезбедени, согласно Шенгенскиот договор, Германија не треба да дозволува неограничен влез во земјата.
Одлуката да се воведат гранични контроли засега ќе им ја ограничи можноста да доаѓаат во Германија. Тоа ќе остави простор за ургентно-потребната хармонизација на азилантската политика на ЕУ. Квотите за дистрибуција на бегалците сега повторно можат да бидат дискутирани.
Во суштина, донесена е одлука да се промени политиката кон бегалците со поставување граници. Прашањето кои се тие лимити- колку среќни мигранти ќе влезат и колку несреќни ќе бидат одбиени- за ова прашање жестоко ќе се дебатира. Тоа е едно од најболните и етички најкомплицираните прашања досега. Но јасно е, државата мора да го постави тоа прашање.