1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресврт во американските медиуми

Рајнер Траубе / Е.М. Фиданоска17 ноември 2014

Навиките на медиумските корисници се менуваат драстично, браншата се наоѓа во криза. Новинарот на ДВ Рајнер Траубе, како стипендијант, го почувствува огромниот притисок кој владее во американските медиумски куќи.

Фотографија: DW/R. Traube

„Сите сме на овој долг пат во непознатото.“ Филип Бенет, директор на Центарот за медиуми и демократија „ДеВит Валас“ на Дјук-универзитетот во Северна Каролина, погаѓа во сржта уште на почеток. Браншата е во потрага по својата иднина, или појасно кажано - по модели за преживување. Бенет долго време беше еден од водечките луѓе на „Вашингтон пост“ и знае дека се‘ се решава според одговорот на прашањето: „Од каде ќе ги добиеме повторно парите кои сега ги губиме?“ Ние, под тоа Бенет мисли пред се‘ на големите стари институции на новинарството. Значи, ако сакаме да ги најдеме одговорите, мора да заминеме во Вашингтон и Њујорк.

Њујорк Тајмс Тауер се издига на триста метри височина над градот. Транспарентни столбови од стакло и челик, керамика и алуминиум. На еден од редакциските катови, некаде на половина пат меѓу Мидтаун Менхетен и небото, весникот има почесен ѕид за големиот број добитници на Пулицеровата награда. Врамено сеќавање на цел век констатно новинарско врвно достигнување. Но дигиталниот свет веќе не може да се врамува. „Потребни ни се многу повеќе онлајн-корисници за да ја компензираме загубата од печатените изданија“, оценува Лидија Полгрин, заменик шеф на Меѓународниот деск на „Њујорк тајмс“. Звучи како ехо на она што го вели Филип Бенет. Лидија раскажува како ја открила огромната важност на социјалните медиуми во времето кога била дописник од Африка и Азија. Тоа било време кога во нејзината матична куќа во Њујорк темата Твитер се‘ уште се избегнувала. „Ние новинарите мораме во иднина да си создадеме своја читателска база, поинаку не оди“, убедена е таа и укажува дека во меѓувреме повеќе корисници го читаат „Њујорк тајмс“ преку мобилните апарати, отколку преку својот статичен компјутер. Весникот во меѓувреме има улога на предводник во т.н. дигитален пресврт на класичните печатени медиуми.

Грег Вајс, главен уредник на „Њу Рипабликан“Фотографија: DW/R. Traube

Неколку блока јужно и Грег Вајс си ја чука главата околу тоа како да спаси еден традиционален весник - „Њу Рипаблик“. Тоа е магазин за политички и културни теми, леволиберален, со силен став, истражувачки, отскочна штица за многу американски новинарски кариери. Малиот редакциски тим е значително помлад од своите читатели и знае дека иднината зависи од дигиталниот настап. „Мора да успееме да најдеме свој тон, своја атмосфера, како диџеј на добра забава.“

Нашето патување се покажува како патување во една бранша која е во пресврт. Старите институции се разнишани, нивната традицонална самоубеденост е заменета од дрскоста на оние кои се дома во дигиталниот свет, кои знаат само за иднината и настапуваат во стилот „сега сме ние на ред“. Дел од нив се „Базфид“, „Вајс“ или „Хафингтон пост“. И сега големиот „Вашингтон пост“, по многу години пад, би требало да се спасува токму со богатството на Џеф Безос, кое тој го стекна на дигиталниот пазар со Амазон. Интернет тајкунот од Калифорнија финансира сто нови соработници. Карин Брујар од Меѓународниот деск потврдува дека тимот конечно, по годините на пад, гледа повторно напред. Но и нејзе и‘ е јасно дека го снемува класичното огласување и рекламирање, дека загубите растат и дека за тоа засега никој нема решение.

Онлајн-дескот на „Вашингтон пост“Фотографија: DW/R. Traube

Само еден ден по нашата посета на „Вашингтон пост“, Фејсбук јави за изненадувачка добивка - бројот на корисници се зголемил на 1,35 милијарди, бизнисот со реклами бележи бум. Потенцијал кој ги става под се‘ поголем притисок класичните медиуми. Над 30 проценти од возрасните во САД во меѓувреме се информираат преку Фејсбук. Во канцеларијата на Фејсбук во Њујорк ни го покажуваат ѕидот на кој сите вработени напишале по нешто. Убава метафора: секој шрктнал нешто и се влеал во големиот заеднички графит. Чиста спротивност на осамените Пулицерови херои во рамката на „Њујорк тајмс“.

Печатените изданија изумираатФотографија: picture-alliance/AP Photo

Една од привилегиите кои како стипендијант на Дјук-универзитетот ја делам заедно со останатите студенти е дневниот бесплатен примерок на „Њујорк тајмс“. Секојдневно од една кутија земам весник и го читам на појадок или ручек. Во еден момент додека се „борам“ со форматот на весникот, ми паѓа в очи дека сум единствениот во просторијата со печатено издание в рака. Сите останати втренчено гледаат во нивните лаптопи, таблети и смартфони. Никогаш не сум се почувствувал поосамено. Последниот читач на печатен весник, „Last Man Standing“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми