1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе испорача оружје за Украина

БГ /дпа
26 февруари 2022

По долго колебање, германската влада одлучи да и испорача оружје на Украина и да поддржи дополнителни санкции за Русија. „Во оваа ситуација, наша должност е да ја поддржиме Украина, изјави канцеларот Олаф Шолц

Германија Ракетни фрлачи
Ракетни фрлачи на германската армија ќе и бидат испорачани на УкраинаФотографија: Sebastian Gollnow/dpa/picture alliance

Германската влада одобри испорачување оружје од резервите на Бундесверот за Украина, соопшти портпаролот Штефен Хебештрајт во саботата. Берлин ќе дозволи и целно исфрлање на Русија од СВИФТ системот. 

Украинските воени сили ќе бидат поддржани со 1.000 анти-тенковски орудија и 500 „Стингер“ ракетни системи, соопшти Хебештрајт. Германската влада претходно и дозволи на Естонија да испрати артилериски орудија во Украина, и на Холандија да испрати 400 ракетни фрлачи, кои претходно биле сопственост на Германија. 

Руската инвазија врз Украина е пресвртна точка во историјата, изјави канцеларот Олаф Шолц откако владата се согласи да им донира оружје на Украинците.
„Во оваа ситуација, наша должност е да ја поддржиме Украина најдобро што можеме во нејзината одбрана од армијата на Владимир Путин“, рече Шолц.

Дополнително, на Украина ќе и бидат испратени и 14 специјално заштитени оклопни возила. Возилата треба да се користат за лична заштита и за евакуација. Властите во Киев, преку Полска, ќе добијат и уште 10.000 тони гориво. Во Берлин се разговара и за дополнителна помош во следните денови. 

Германскиот канцелар Олаф Шолц вели дека руската агресија врз Украина е пресвртна точка во историјата. Фотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Германија досега одбиваше да ја снабди Украина со оружје поради одредбата која забранува испорака на оружје во воени зони.

Исфрлање на Русија од СВИФТ 

Истовремено, Германија се согласи и да ги поддржи напорите за исклучување на Русија од банкарскиот систем СВИФТ. Берлин досега беше резервиран за оваа мерка и сметаше дека таа ќе донесе штета насекаде, а не само на Русија. Министерката за надворешни работи Аналена Бербок и министерот за економија Роберт Хабек соопштија дека „во итност работат на ограничување на колатералната штета од исклучување од СВИФТ, со цел мерката да ги погоди вистинските луѓе“.

„Потребно ни е таргетирано и функционално ограничување на СВИФТ“, соопштија тие во заедничка изјава.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше до ЕУ да воведе дополнителни санкции кон Русија, и ги именуваше Германија и Унгарија како земји кои ја блокираат таа одлука. 

„Постои речиси целосна поддршка во ЕУ за исклучување на Русија од СВИФТ. Се надевам дека Германија и Унгарија ќе имаат храброст да ја поддржат одлуката“, рече Зеленски. 

Унгарската влада остро ги демантираше тие тврдења, оценувајќи ги како „лажни вести“, но досега не се изјасни дали би ги поддржала. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми