1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресметката на Меркел со Путин

Кристина Дунц (дпа) / ЕМФ17 ноември 2014

Германската ланцеларка Ангела Меркел во говор во Сиднеј остро ја критикуваше политиката на рускиот претседател Путин. Таа предупреди дека Молдавија, Грузија и Србија се изложени на особен ризик.

Фотографија: AFP/Getty Images/S. Loeb

Германската канцеларка Ангела Меркел ретко држи значајни говори во странски институти. Канцеларката токму во Сиднеј одржа говор, каков што во австралискиот Лови-институт за меѓународна политика се држи само еднаш годишно од страна на истакнати личности. Притоа, таа се откажа од воздржаноста кон Путин и предупреди од можен пожар.

Меркел направи широк пресек - почна со Првата светска војна. Поради тоа што политичките елити пред 100 години не го кренале гласот, дипломатијата потфрлила и немало желба за мир, светот влегол во катастрофа, рече таа. Преминувајќи накусо преку настаните од Втората светска војна и крајот на Студената војна, Меркел брзо дојде до својата порака: светот мора да погледне прецизно на настаните во Украина. Во спротивно е можен пожар, ширум светот.

Канцеларката ја премолча содржината на разговорот во четири очи со рускиот претседател Владимир Путин на викендот во Бризбејн, на самитот на Г20. Тоа е доверливо, нагласи таа одговарајќи на прашањата за време на посетата на Австралија. Но средбата најверојатно не променила многу во губењето на нејзините илузии и фрустрацијата во врска со Путин, кои продолжуваат. Да беше поинаку, Меркел немаше да ја искористи веќе следната прилика за да го критикува и да покаже со прст кон него.

Извадок од говорот: „Во Европа се‘ уште има сили, (...) кои наводно се потпираат врз правото на посилниот и не ја почитуваат силата на правото. Токму тоа се случи со анкесијата на Крим од страна на Русија спротивна на меѓународното право.“ Тоа, според Меркел, го доведува во прашање мировниот поредок во Европа. Канцеларката праша: „Кој сметаше дека е можно 25 години по падот на Ѕидот и крајот на Студената војна и поделбата на светот на два блока, во Европа да се случи такво нешто - старо размислување во сфери на влијание, кое го погазува меѓународното право?“

Меркел во говорот потенцираше: „Сега мора да покажеме дека од сето тоа сме извлекле поука. Од историјата знаеме дека (...) зборовите треба да се слушаат прецизно и да се третираат сериозно. Од друга страна, знаеме дека регионалните конфликти можат многу брзо да се прошират во пожар.“

Канцеларката исклучува можност за воено мешање во Украина. „Тоа би довело до воен конфликт со Русија кој сигурно не би бил локален.“

Таа изрази подготвеност за употреба на секакви други мерки на притисок, како економски санкции. Можно е Меркел пред да го држи говорот во Сиднеј да го слушнала интервјуто со Путин што се емитуваше вчеравечер (16.11) на првата програма на германската телевизија. Путин во интервјуто опоменува дека санкции против Русија ќе имаат сериозни последици и за Германија. Меркел во Сиднеј рече дека и Германија мора да биде подготвена на последици. „Но економската сила е јака страна на западните држави“, нагласи таа.

Фотографија: picture-alliance/dpa/Gambarini/Druzhinin

Неволјата на Путин кај Меркел е што таа е израсната во поранешна ГДР. Таа го предупредува Путин дека ЕУ нема да ја моли Москва, како што тоа го правеше ГДР. „Ако тоа не е така, тогаш ќе мора да кажеме дека сме преслаби и дека не можеме веќе да примаме никого, дека прво ќе мора да ја прашаме Москва дали е тоа можно. Така беше 40 години и не сакам да се враќам во тоа време.“

И тогаш канцеларката изговори нешто, што публиката во салата го слушаше со особено големо внимание: „И не станува збор само за Украина. Станува збор и за Молдавија, за Грузија, ако вака оди натаму, (...) ќе мора да се види како е со Србија, како е со државите од Западен Балкан.“ Вознемирувачки е колку е Меркел вознемирена.

Меркел уште му порача на Путин дека ако мнозинството граѓани на Украина одлучеше да и‘ пристапи на Евроазиската економска унија, „во цела Западна Европа немаше никому да му падне на памет да почнуваме немири на полско-украинската граница“. Германската канцеларка уште го потсети шефот на Кремљ дека таа беше таа што во 2008 година, на самитот на НАТО во Букурешт, за разлика од американскиот претседател Џорџ Бу и многу други членки на НАТО, која гласаше против план за подготовки за пристапување на Украина кон НАТО. И таа успеа во тоа. Затоа не е точно обвинувањето на Москва дека Западот сака да се приближи најблиску што е можно до границите на Русија.

Настапот на Меркел во Сиднеј траеше еден час. Еден час пресметка.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми