1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресметка на опозицијата со Вестервеле

9 септември 2011

Воздржувањето на Германија да гласа во ОН за воената интервенција во Либија и политичкиот курс кон земјата го нарушија угледот на шефот на дипломатијата Вестервеле. Опозицијата остро се пресмета со него во Бундестагот

Гидо ВестервелеФотографија: dapd

Во Германија е вообичаено министерот за надворешни работи да ужива голем углед и тоа да ги надминува границите на партиската припадност. Но, тоа правило не важи за либералот Гидо Вестервеле. За неговата работа опозицијата дава исклучително лоша оценка. Политиката на Вестервеле му штети на германскиот углед во светот, изјави Фритјоф Шмит од партијата на Зелените.

„Коментарите во земјата и во странство се јасни. Германија го губи угледот во светот и тоа е билансот од работата на министерот за надворешни работи. Тоа е недозволиво за еден германски шеф на дипломатија!“

Со политичкиот курс кон Либија, Вестервеле се оддалечи од блиските сојузници Велика Британија, Франција и САД, смета социјалдемократот Гернот Ерлер.

„Довербата и сигурноста можат многу лесно да се изиграат и тоа со произволна политика, непресметливост и неподготвеност во поглед на новата ориентација на германската надворешна политика. Господине министре, сфатете дека ни германската, ниту меѓународната јавност не веруваат дека вие тоа можете да го поправите“.

Гернот ЕрлерФотографија: Anila Shuka

Последниот удар од сопствените редови

Вестервеле овие обвинувања ги слушаше со скаменето лице. Покрај него седеше новиот лидер на Либералите, Филип Реслер кој исто така не беше одушевен.

По острите критики на негова сметка, токму Реслер го убеди Вестервеле конечно да го пофали придонесот на НАТО во уривањето на режимот на Гадафи. Потоа уште и изјави дека тој, како шеф на Либералите, го одредува надворешно-политичкиот курс на партијата. Тоа прозвучи како јавна деградација на актуелниот шеф на дипломатијата и поранешен претседател на партијата, оцени Ерлер.

„Ви упативме содржајни критики. Но, вашите сопствени соработници немилосрдно Ве демонтираа. Вашите Либерали ве деградираа и Ве доведоа до министер за надворешни работи во оставка“, рече Ерлер.

Во јавноста деновиве се шпекулираше околу тоа уште колко долго Вестервеле ќе може да се одржи на функцијата. За време на дебатата во Бундестагот тој внимателно настојуваше да избегне ситуација, во која повторно би го објаснувал курсот кон Либија. Не се осврна ниту на критиките од поранешните канцелари Хелмут Шмит и Хелмут Кол.

„Германската надворешна политика има јасен фундамент. Тоа е ЕУ и германската политика е политика на мирот. Тоа се константите на надворешната политика на оваа германска влада“, изјави Вестервеле во парламентот.

Автор: Нина Веркхојзер/Борис Георгиевски

Редактор: Горан Чутаноски 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми