1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преспанскиот договор како салата - сите се „мезат“ со него

30 октомври 2019

Играњето на „преспанската карта“ за внатрешна или надворешна употреба, предизвикува реакции во Атина. Дали предизборните игри со Договорот од Преспа може да завршат како издуван балон?

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Matthew Nimetz
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Грчка или македонска салата - во што може да биде претворен Договорот од Преспа по француското „не“ уште пред да започне изборниот период во Северна Македонија, но и во вербалните пресметки меѓу власта и опозицијата во Грција? Прашањето добива внимание во грчките медиуми, кои ја пренесуваат изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дадена во вчерашното интервју за српска „Политика“.

Мицкоски во интервјуто вели дека Преспанскиот договор овозможил грчката страна да стекне права, додека за Скопје е неповолен, и потсетува дека „ВМРО-ДПМНЕ не учествувала во процесот на преговори и срамниот чин на уставни измени преку уцена на пратеници и непринципиелни компромиси со правото и законите“.

„Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатите на изборите. Доколку имаме двотретинско мнозинство во парламентот и мнозинство кај пратениците од другите етнички заедници, се отвора можност за враќање на чекор наназад, во спротивно не чекаат многу реформи и работа. Македонија мора да се врати на брза лента до моментот на полноправно членство во ЕУ и одвнатре мора да ги коригираме грешките. Не постои договор кој може да ми забрани да бидам Македонец кој говори македонски јазик и кој е од Македонија. Нашиот концепт е: ‘не' за антиквизација и ‘не' за севернизација, туку за големо ‘да' за враќање на македонизмот во Македонија“, изјави Мицкоски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Атина внимателно ќе следи

Ваквите изјави создаваат неспокојство кај властите во Атина, но не се помалку критични ни кон изјавите на Заев, при што „во пакет“ упатуваат и критики кон грчката опозиција заради „штетниот договор“. Повод за последното незадоволство е изјавата македонскиот премиер Зоран Заев за грчкото издание на „Еуроњус“, во која тој потсети дека одредени фундаментални делови од Договорот со Грција се поврзани со напредокот на пристапувањето на земјава кон ЕУ. 

„Одредени поглавја ќе бидат замрзнати, затоа што тие не можат да се спроведат. Ние ќе се обидеме да ги спроведеме, но тие две работи се поврзани едни со други“, изјави Заев, нагласувајќи дека спорните поглавја главно се однесуваат на домашната употреба на новото име на земјата. Притоа тој нагласи дека земјата нема друга алтернатива освен - членство во ЕУ.

Повеќе:

-Дали француското вето го проблематизира Преспанскиот договор?

-Со европскиот или на „славјанскиот“ штит

-Преспанскиот договор е историски исчекор

„Ако светлината на ѕвездите на знамето на Европската унија се изгаснат, ние ќе бидеме како во зандана. И може да се изгубиме во таа зандана. Ако на радикализизацијата и национализмот им се постави тло, тие ќе направат огромна штета на целиот Балкан. А кога Балканот има проблем, тогаш и Европа има проблем“, заклучи Заев.

„Ние ќе продолжиме внимателно да го следиме целосниот одговор на соседите на нивните обврски“, бил ставот на шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, по оваа изјава на премиерот на Северна Македонија, пренесува „Катимерини“, цитирајќи соопштение од грчкото МНР.

„Г-дин Заев уште еднаш ги искористи проблемите содржани во Преспанскиот договор, за што знаевме и предупредувавме. Договорот веќе даде резултати, а Северна Македонија ги повлекува придобивките со отворањето на патот кон НАТО. Нашата цел е преку европски начин да ги решиме проблемите и да ги ублажиме негативните последици од договорот. И за таа цел, ние ќе продолжиме внимателно да го следиме целосниот одговор на соседите на нивните обврски“, изјавил Дендијас.

Тој, исто така, ја повикал грчката опозиција „конечно да размисли за нејзината одговорност за недостаток на ерга омнес“.

Отворена Пандорината кутија

Зоран Андоновски, главен и одговорен уредник на новинската агенција „Мета“ и поранешен дописник од Атина, констатира дека само една недела по француското „не“ во земјата има настани со светлосна брзина - итна лидерска средба, договор за предвремени избори, посета на високи функционери, за сега да се отвори и последниот адут - Пандорината кутија со ставање под прашање на Договорот од Преспа.

„Изјавата на премиерот Зоран Заев дека недавањето датум може да го доведе во опасност Договорот од Преспа, бидејќи двата процеси биле меѓусебно поврзани, личи на внесување на ново плашило или, како што веднаш искоментираа во Грција, ‘ново коцкање' на Заев. Со тоа што Заев смислено или не си дозволува да го заложи Договорот за името, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја остава отворена можноста „ако формира влада и има 2/3 мнозинство во Парламентот“ да покрене постапка за негово поништување, речиси се доведовме во ситуација нејголемите бранители на Договорот за името сега да се - од Грција! ‘Преспанската карта' на која се чини дека заигра (или реши да се коцка) Заев е опасна, ако не и најопасна игра на овие балкански простори, на кои системот ‘се или ништо', обично завршува со ова второто. Оттаму, за очекување е тој балон со закани да спласне, или да го спаснат други, како што тоа вчера специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, во Скопје јасно порача  - дека доаѓа со цел уште еднаш да ја потврди и зајакне силната поддршка на САД за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива“, оценува Андоновски.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми