1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преспански: Ние ка’о браниме, тиe ка’о напаѓаат

23 јануари 2020

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат доволно време за пресврт и поинаков пристап. Политиката „распамети па владеј” е веќе со изминат рок. И не пали кај граѓаните. Колумна на Арсим Зеколи.

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Како што бива често на нашата политичка сцена, небаре по непишан договор двете спротиставени партии од македонскиот кампус се сложија дека Преспанскиот договор ќе биде темата околу која ќе се кршат најголемите копја. И како што уште почесто бива, таквите непишани договори на крај гарантирано ќе се превртат во сабји врз самите глави кои ја промовираат таа старо-нова окосница. 

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека по освојувањето на власта ќе го „ревидира договорот од Преспа, но дека тоа нема да ги спречи интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, и странските инвестиции”. Заев контрира дека „без Преспа нема иднина”, изумувајќи притоа дека со поведението на неговата партија и со Преспа иднината не е баш гарантирано розева. Притоа, никој од партијата на Мицковски не излегува со минимум конкретна елаборација за начинот на кој би се извела таа операција со која, претпоставено, се цели зачувувањето на претходното име и спас на македонскиот идентитет. Иако, впрочем, дури и самата елаборација на ВМРО не нуди јасни и прецизни индикатори што точно целат да „ревидираат”.

За реализација на таквата намера постојат два модуса на делување-  правен и политички. Гледано од правен аспект, индикативно е што ВМРО избира да таквата операција ја нарекува како „ревизија”, додека пак СДСМ ги обвинува за „укинување”. Ѓаволот во овој детал се крие во наметнувањето на терминот „ревизија” со цел да се избегне или заобиколи попрецизната дефиниција на „модификација”, како што е употребено во Преспанскиот договор. Затоа, според самиот Договор, дефиницијата на СДСМ е поблиску до реалноста. Имено, прашањето на ревизија е регулирано со ставот дека „никаква модификација на овој Договор нема да биде дозволена”. Токму затоа, евидентно е дека составувачите на Договорот однапред ја антиципрале можноста дека некои идни фактори би можеле да посакаат ревизија на Договорот, па затоа и ја вклучиле клаузулата за неповлекување од истиот. Согласно Виенската Конвенција за Законот за Договорите од 1969 година.

Единствениот начин за премостување на таа правно дефинирана пречка е посегнувањето по политичкиот пристап. Кој несомнено ја побива тезата на СДСМ дека Договорот не може да се побие, укине или повлече. Примерот со повлекувањето и поништувањето на Договорот за нуклеарна програма на Иран е елегантно потсетување дека секој договор е резултат на политички интерес, а политиката е сепак подложна на промени. Затоа, точно, Договорот од Преспа може да биде изменет, дури и укинат, доколку постои политичка волја. И таа желба на ВМРО може да биде исполнета. Со непредвидиливи (најблаго кажано) или несакани (најтврдо кажано) последици по земјата.

Други колумни од авторот:

-Кој нѐ прашува?

-Западот пропаѓа ... повторно

-Принципите на непринципиелните коалиции

Мицкоски секако може да го искористи како илустрација договорот со Иран, но единствено доколку искрено ја осогледа политичката логика на моќта. Во дадената ситуација, токму дијаметрално спротиставените (взамено побивачки) аспирации на Мицотакис и Мицкоски на парадоксален начин ја градат логиката на Преспанскиот како формула за „уметноста на можното” која ја разбираат и прифаќаат сите меѓународни инстанци. Отстапувањето од таа позиција базирано врз привилегијата на освоената моќ неминовно ќе повлече реципрочно дејтсвување на спротиставените страни од позиција на демонстрирање на моќ. Во тој однос, треба ли да потсетиме, Македонија во најдобар случај би останала сама, додека во најлоша ситуација би добила подршка од фактори кои нема да и помогнат ниту во евро-атлантските институции ниту во привлекување странски инвестиции. И на крај, Мицкоски треба да разјасни (пред себе, првенствено) дали Македонија денес е во поповолна состојба за преговарање нов Договор отколку што тоа беше во времето на дружбите Заев-Ципрас? Дали меѓународните констелации денес даваат каква било надеж дека аргументот на Македонија (како оспорувач) би бил поприфатлив од аргументот на Грција? Дали поставеноста на администрацијата на Трамп кон Грција во регионалните односи е причина за патриотско куражење или реал-политичко освестување? И секако, дали и покрај сите контрирања токму Мицкоски ќе ги пожнее плодовите на дипломатијата на Заев, онака како што Заев профитираше од економијата на Ставревски?

Не верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ не се свесни за овие телеграфски наброени реалности. Уште помалку дека немаат пред себе куп други причини поради кои и самите не се сосема убедени во сопствените затрчувања кон маглите. Но исто така, ВМРО не би требало да биде убедена во сопствената итромаштина дека на јавноста не и јасно дека целта на нивната атака кон Преспанскиот не е самиот Договор, туку начинот на кој самиот  Договор се има преговарано, договарано, испишувано, претставувано, наметнувано, референдумски подметнувано и на крај ратификувано. Гледано од тој аспект, пристапот на ВМРО е сосема легитимен и во согласност со принципите на политичката борба. Но притоа самиот Мицкоски мора да биде свесен за ризичноста на таа постапка. Доколку ги  изгуби изборите, ВМРО мора да се соочи со реалноста дека победата на Заев ќе биде сметана и како ревалоризација на Референдумот како успешен и легитимен проект. И обратно, поразот на Заев ќе ја поништи аргументацијата дека Референдумот бил успешен и покрај масовната неизлезност, посебно во македонскиот кампус.

По сето изнесено, пореално е да се каже дека окосницата на судирот СДСМ-ВМРО не е мотивиран од самиот Преспански Договор (како државен акт) колку што е инспириран од политичкиот акт на Референдумот за Преспанскиот. Кој ја генерира тековната глума на „ние ка'o ќе браниме, тие ка'о ќе напаѓаат” урманиловка во која замислената одбрана-и-последни-дни на Преспанскиот е субститут за судир по и околу прашања за кои и СДСМ и ВМРО носат врз глава помалку или повеќе иста грамажа на путер.

Нагласената диференцијација кон Преспанскиот е диктирана од истата мака на немање убедливи одговори за криминалот, корупцијата и неказнивоста во сопствените – не во ривалските – редови. Преспанскиот Договор е воедно единствената демаркациона идеолошка дефиниција во која паралелно се истакнува прозападната, либерална, граѓанска определба на СДСМ, во чекор со патриотската, конзервативна, национална свест на ВМРО. Надвор од таа окосница, дебатата помеѓу СДСМ и ВМРО се сведува на канонадно редење аргументи од типот – ти Рекет, ја Траекториа, ти Сваровски, ја СЈО, ти ДУИ, ја БДИ. Ерго, потребата за Преспанскиот е потреба за држење на вниманието на јавноста кон пост-фестум завршени приказни и далеку од прашањата за кои двете партии ниту имаат издржливи решенија, ниту искрена желба за повдлабочено дебатирање.

Преспанскиот е насушна и споделена потреба за зачувување на кохезиите на двете партии, соочени со подемот на индивидуализмот во општеството. За двете партии, линијата на загрозеноста по доминацијата не се движи толку по линијата на диференцијација според идентитетски прашања, колку што е според линијата на личниот интерес. Во тој однос, желбата за пораз на СДСМ, за сведочење на нивното понижување е огромна. Споредбено, меракот за победа на ВМРО-ДПМНЕ е минискулен, безмалку маргинален. Мотивот за пораз на СДСМ е личен, интимен, емотивен, осветнички, мобилизирачки, горлив поттик инспириран од илјадници персонални приказни за понижувања, исмејувања, мајтапења приредени од ликови кои до стапнувањето во Шампитата беа олицетворение на на полтронство, плачење, кукумјавчење, глумење и лажење. За потоа, обвиени во фотелјските сточни кожи на Груевски, во себе ја откријат и пред јавноста ја обзнанат мрачната, вистинска слика и прилика на нивниот карактер на ноторна ароганција, дрскост, башибозлук, шпиунски менталитет, глад за кафани и лечење на комплекси. Во тој однос, секој гласач има свој „омилен” лик од СДСМ кого сака да го види поразен и секој лик од СДСМ има дадено доволно поводи за да одвлече доволно гласачи. Причините за казна на Заев за „предавствата" се далеку помалку мотивирачки отколку оние за „наплатување лични сметки" кон ликовите од неговото опкружување.  

Отсуството на мотив, движечки импулс за победа на ВМРО-ДПМНЕ е одраз на неспособноста на старо-новото раководство да се диференцира и дистанцира од таа традиционална, типично манипулативно-полицијска матрица на патетично опозиционерство. Немањето храброст и идеа за јасно дефинирање и образложување на владеењето пост-Заев ја сведува севкупната нарација на симплифициран семплинг „Заев предавникот” и рефренот „секој освен Заев ќе биде подобар”. Но тоа е најнискиот можен заеднички именител, кој можеби сеуште ја покренува базата на партијата, но не го потресува неопределениот дел на граѓаните. Мицкоски можеби замислува дека неговото туц-муц беседење околу Груевски е манифестација на политичка итрина, но во реалноста таквото лук-јал-лук-не-мирисал поведение повеќе служи за разоткривање на неговата домашно незавршена задача и прикриен страв од груевистичкото бунтовништво во сопствени пазуви. Неговите советници се можеби убедени дека недостатокот на идеа и визија повторно ќе биде компензирано со поплавување на јавноста со гадости, вулгарности, инфантилни мачизми и скарадности. Но на крај, од сето тоа извесно е  дека ќе се изроди подеднакво жестока индивидуално бројчана реакција на одбивност, како што е погоре опишано во случајот со СДСМ. 

Двете партии имаат доволно време за пресврт и поинаков пристап. Политиката „распамети па владеј” е веќе со изминат рок. И не пали кај граѓаните. Колумна на Арсим Зеколи. Ниту пак глупавите операции на застрашувања со Заев со ѓаволски рогови и Мицкоски со сотонски опаши предизвикуваат страв и потресување. Заев и Мицкоски, несомнено, ја сакаат Македонија. Но со ваков пристап на споделена толеранција кон неказнивоста, Македонија веќе нема премногу љубов за нив.  Под кое било име.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми