1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Преспа“ помина во Скопје, на ред е Атина

11 јануари 2019

Со 81 глас „за“ вечерва беа изгласaни амандманите за промена на Уставот. Со тоа од македонска страна нема пречка за имплементација на Договорот од Преспа. Сега следува негово гласање во грчкиот парламент.

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Со 81 глас Собранието ги изгласа амандманите за промена на Уставот на Република Македонија. Покрај 72-та пратеника на владејачкото мнозинство, Беса на касами и Алијанса за Албанците, „за" гласаа и осумте независни опозициски пратеници и Панчо Минов од партијата ГРОМ, која е дел од опозициската коалиција. По ваквиот исход од гласањето, од македонска страна нема пречка за имплементација на Договорот од Преспа. Сега следува негово гласање во грчкиот парламент.  

Ваквиот епилог уследи по два дена „тргни-застани" и повеќе разговори со крилото на Беса предводено од Билал Касими, кое имаше свои барања, но со тоа и два спорни пратенички гласа кои го доведуваа во прашање неопходното двотретинско мнозинство. Денеска било договорено тие барања да не бидат дел од Уставот, но да бидат вградени во идни законски решенија. Во заедничкото соопштение на Владата и партијата Беса објавено непосредно пред почетокот на собраниската седница, се објаснува на кој начин се надминати разликите.

„Уште еднаш се потврдува дека државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Притоа е прифатен амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик, и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно. Истовремено, се прифати амандманот на уставниот амандман 36, со кој се потврдува дека Републиката подеднакво води грижа за дијаспората на сите свои граѓани. Дополнително во законот за лична карта ќе се впише и етничката припадност на граѓаните", се вели во соопштението.

 Во него се наведува и дека сите други работи кои били предложени како амандмани ќе бидат повлечени, затоа што правно формално не е можно да се реализираат сега, а во идно време ќе се работи на нивно решавање.

Повеќе: 

ФАЦ: Ципрас ќе го истурка Договорот од Преспа пред евентуални предвремени избори

Заев: Верувам дека ќе има двотретинско мнозинство!

Канческа: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги сфати своите грешки!

Посочените амандмани беа повлечени пред почетокот на собраниската седница, која започна без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, согласно со партиската одлука дека нема да дадат поддршка за промена на Уставот. За да нема „изненадувања" како на 19-ти октомври, кога осум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кренаа рака „за" отворање на процесот на уставни измени, лидерот Христијан Мицкоски во текот на денот закажа состанок на Извршниот комитет, на кој во партиското седиште биле повикани и пратениците на оваа партија.  

Канческа-Милевска: Жалам што ВМРО-ДПМНЕ го избра најлесниот и најгрешниот пат Фотографија: DW/S. T. Pavlovska

Пратеничката Елизабета Канческа-Милевска, која со уште шест нејзини колеги беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ заради поддршка на процесот на уставни измени, вечерва од говорницата изрази жалење што нејзината партија не учествува во овој процес, туку решила да остане нем набљудувач, да се служи со лажен партиотизам, да ги  обинува другите за предавство и да чека некој друг да го реши ова прашање.

„Не се чувствуваме како предавници. Предавници се оние кои бегаат од реалноста и не ги решаваат проблемите. Жалам што ВМРО-ДПМНЕ го избра најлесниот и најгрешниот пат кон ова историско прашање за нашата држава. Убедена сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги сфати своите грешки", рече Канческа и поименично им се заблагодари на колегите од независната опозициска група за нивниот придонес за евроатлантската иднина на Македонија.

Паралелно со пленарната седница, пред парламентот граѓани трет ден протестираа против уставните измени, и јавно беа читани и исвиркани имињата на пратениците кои гласаа „за".

ВМРО-ДПМНЕ: Притисок 24 часа

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ попладнето го помина во партиското седиште. Откако Кривичниот суд денеска го одобри обвинението на СЈО за предметот „Талир" во кој осомничени се поранешниот премиер Никола Груевски и негови сопартијци за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија обвини дека овој случај „нема врска со правото, туку со политиката на Заев за уцени и притисоци".

ВМРО-ДПМНЕ: Македонија станува окупирана држава од луѓе коишто се на власт и на сила го менуваат иметоФотографија: DW/K. Blazevska

„Промената на името и договорот со Грција не поминаа на референдум, па сега се обидуваат на секој можен начин да дојдат до пратеник плус за да покажат некаков вештачки легитимитет на она што нема никаков легитимитет од народот - промена на името", рече на прес-конференција Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Претходно и партискиот портпарол Наум Стоилковски обвини дека „насилното туркање на уставните измени во изминатите месеци, денес кулминира".

„Изминатите 24 часа власта врши жесток притисок врз пратеници, нивни роднини и пријатели за да ги поддржат уставните измени. Имаме неформални сведоштва од луѓе, чиј идентитет од разбирливи причини нема да го откриеме, за јавувања од посредници, кои што се повикуваат на Зоран Заев. Во игра се пари, ветувања за ослободување од политички прогон, за возврат за поддршка на уставните измени за промена на уставното име. Македонија станува окупирана држава од луѓе коишто се на власт и на сила го менуваат името!", реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ: Засекогаш ќе остане запаметено - Мицкоски, Груевски, Бачев и Иванов ја попречуваа иднинатаФотографија: MAKFAX

СДСМ ги отфрли обвинувањата, со став дека „во најзначајните моменти за иднината на Република Македонија, Мицкоски шири лажни вести".

„Не е точно дека се врши притисок врз пратениците, ниту дека се под уцена. Сета оваа штета што ја прави Мицкоски, делувањето против ЕУ и НАТО интеграцијата, обидите да го закочи процесот, вклучително бегањето од дебата во Собранието и постојаното пласирање на лаги, е најголемото предавство на државните и националните интереси. Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ. Засекогаш ќе остане запаметено: Мицкоски, Груевски, Бачев и Иванов ја попречуваа иднината, работеа против ЕУ и НАТО, но не успеаја", порачаа социјалдемократите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми