1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје чека абер од Софија за францускиот предлог

ДТЗ
17 јуни 2022

Ковачевски вели дека за јазикот и идентитетот нема да се преговара. Се бараат гаранции од ЕУ дека ќе нема нови услови. На годишнината на Преспанскиот договор, лидерите од регионот дадоа силна поддршка за евроинтеграциите

Nordmazedonien | Prespa Forum in Ohrid
Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Скопје чека абер од Софија и од земјите-членки на ЕУ околу последниот предлог на Франција за отворање на патот за евроинтеграциите на Западен Балкан. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во моментов во земјата нема пристигнато никаков предлог којшто е усогласен од сите земји-членки на Унијата, а меѓу нив и Бугарија. Оној момент кога ќе пристигне таков документ, Ковачевски вели дека ќе биде разгледан и ќе бидат дадени забелешки на него. Но, тој е дециден дека ставот на државата е јасен - за македонски јазик и за македонскиот идентитет не се преговара и дека ќе се бараат гаранции дека по ова повеќе нема да има нови барања коишто ќе треба да ги исполни Северна Македонија за влез во ЕУ.  

„Преговарачката рамка е мултилатерален документ кој треба да биде усвоен од сите земји членки на ЕУ и значи затворање на сите отворени прашања на патот кон ЕУ. Ковачевски порача дека земјата го цени напорот на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во пресрет на Самитот на ЕУ има иницијатива за изнаоѓање на решенија.

„Постои предлог којшто очигледно е испратен во Бугарија и треба да го разгледаат во нивните институции. Ако има таков предлог ќе го разгледаме и ќе ги дадеме своите забелешки“, вели премиерот. 

Бугарија се соочува со внатрешни превирања и трансфер на пратеници во пресрет на одлуката за францускиот предлогФотографија: BGNES

Предлогот денеска треба да се најде пред Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент. Во меѓувреме Бугарија се соочува со внатрешни превирања и трансфер на пратеници пред одлуката да се гласа дали ќе падне или не ветото за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Ковачевски вели дека за разлика од Скопје, во Софија ова прашање за ветото било исполитизирано и инструментализирано, поради што станало дел од внатрешната политичка борба во земјата.  

Пораки за поддршка 

Ваквите пораки македонскиот премиер ги испрати на четиригодишнината од одбележувањето на Преспанскиот договор, со кој се стави крај на деценискиот спор со Грција околу името на државата.

 „Како што Грција и Северна Македонија можеа да го надминат нивниот спор и да го решат со заеднички договор, очекуваме Бугарија да ги зајакне нејзините напори и да го направи истото“, смета еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кој преку видео - обраќање учествуваше на Преспа форумот за дијалог што се одржува во Охрид. 

Како што Грција и С. Македонија можеа да го надминат нивниот спор, очекуваме Бугарија да ги зајакне нејзините напори и да го направи истото, вели Оливер ВархејиФотографија: EU/Gent Shkullaku

Јасна перспектива за земјите од регионот за членство во Европската Унија, побара во четвртокот (16.06) и претседателот Стево Пендаровски во неговото обраќање на официјална воведна сесија на високо ниво „Што после војната во Украина?“. Пендаровски рече дека поддршката за членство во ЕУ драстично опаѓа изминатите години и порача дека ако нема јасна перспектива, тогаш се повеќе луѓе ќе стануваат скептици и ќе се зајакнуваат автократските режими.

-повеќе на темата: Француски предлог: Сите говорат за него, а никој не го видел

Брисел треба да истапи и директно да ни каже – ова е нашиот план за вас, навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла. Во спротивно, се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект и автократските режими се повеќе ќе се зајакнуваат во регионот“, истакна Пендаровски.  

Пораки дека е неопходна брза интеграција во ЕУ како и тоа дека треба да се засили регионална соработка на Балканот упатија и другите високи гости од регионот - премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, претседателите на Словенија – Борут Пахор; Хрватска – Зоран Милановиќ; Црна Гора – Мило Ѓукановиќ и на Косово – Вјоса Османи. Специјален гостин кој се обрати преку видео-врска беше и претседателот на Украина, Володомир Зеленски. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми