1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Престројувања на Балтикот по украинскиот шок

Фолкер Витинг/сн15 мај 2015

За балтичките земји руската анексија на Крим и војната во Украина беа вистински шок. Сега се извлекуваат поуки: се воведуваат телевизиски програми за руското малцинство и се интензивира соработката во рамките на НАТО.

Фотографија: DW/V. Witting

Сосем големиот страв спласна. Во паркот во летонскиот главен град Рига луѓето уживаат во првите сончеви зраци. „Повеќе не се плашам од руска инвазија но останува непријатното чувство“, вели студентката Сигне Ирбе.

Видливи се паралели меѓу Летонија и Украина: и во балтичката држава живеат бројни жители од руско потекло, од кои еден дел негува носталгични чувства за советскиот комунизам. А тука се и руските провокации по почетокот на кризата во Украина: руски воени авиони секогаш одново продираат во балтичкиот воздушен простор. Освен тоа, на сите руски телевизии, кои можат да се гледаат и во балтичкиот регион, се шири пропаганда против украинската влада, НАТО и „западната демократија“.

Медиумска војна со Русија

Летонските политичари во меѓувреме отворено говорат за „медиумска војна“. Тие тврдат дека руските програми негативно се одразуваат врз летонското општество и оти кај руското малцинство поттикнуваат жестоки расправи и будат страв и несигурност. Кога на руската телевизија се известува за Летонија, тоа е најчесто со негативна конотација. На балтичките земји им се заканува создавање на паралелни медиумски општества- во Летонија има 35 насто припадници на руското малцинство, во Естонија 27 а во Литванија шест насто.

Фотографија: DW/V. Witting

Балтичките земји планираат сопствена програма на руски јазик, и тоа не како обична контрапропаганда, туку со карактеристики на јавен сервис:објективни информации, но пред сѐ забавна програма.

Естонија го „открива“ руското малцинство

Естонија во тоа отиде најдалеку. Дарја Саар е главна и одговорна уредничка на руската програма на јавниот сервис ЕРР, која од 28. септември ќе се емитува 24 часа дневно. Таа потекнува од Казахстан. „Не станува збор за тоа да се бориме против Путин. Во тоа и онака не би успеале“, признава. И додава дека целта е подобра интеграција на руското малцинство во општеството.

Во местото Нарва на истокот на Естонија, покрај границата со Русија, повеќе од 90 насто од жителите говорат руски јазик. Тие се чувствуваат одалечени од главниот град Талин и гледаат руска телевизија. „Сакаме да допреме токму до тие луѓе“, објаснува Дарја Саар. Тие планови постојат одамна, ама за нивно остварување никогаш немало доволно пари, а ни политичка волја. Сега Естонија го открива своето руско малцинство.

Безбедност во закрилата на НАТО

Само еден час возење одалеченост од Талин се наоѓа единствената естонска воздухопловна база: Емари. Потполковникот Илар Лохмус гордо ги покажува чистите хангари, модерната контролна кула и кантината, а тука е дури и сопствениот хотел.

„Одовде го надгледуваме балтичкиот воздушен простор“, објаснува Лохмус. Штотуку пристигна една единица од Шпанија а во септември повторно на ред се Германците. Воздушниот простор со поддршка од НАТО се надгледува и од Литванија. Балтичките држави не располагаат со сопствени воздушни сили.

„Тоа што Русија го прави во Украина е јасен чин на агресија“, изјави естонскиот претседател Томас Хендрик Илвес. Тој нагласи дека неговата земја се чувствува безбедна под закрилата на НАТО. „Кога Русите навистина би нападнале, тогаш би знаеле дека не станува збор единствено за малата Естонија.“ Илвес со тоа мисли на останатите 27 членки на НАТО кои се имаат обврзано на взаемно помагање. Но претседателот не верува дека може да дојде до тоа.

Eстонскиот претседател Томас Хендрик ИлвесФотографија: DW/V. Witting

Зголемување на издатоците за војската

Во сите балтички држави се зголемуваат издатоците за потребите на војската. Според студиите на стокхолмскиот универзитет за мировни истражувања СИПРИ, Естонија планира за вооружување да издвои 7,3 насто повеќе отколку досега, Летонија 15 проценти а Литванија, во која повторно е воведена воена обврска, дури 50 насто повеќе. Но ако сето се собере, не изнесува повеќе од две милијарди евра, значи максимално два насто од Брутодомашниот производ. А ако се соберат сите професионални војниџи во балтичките земји, нивниот број изнесува 15 илјади.

Затоа сѐ почесто помагаат останатите членки на Алијансата. НАТО сега формира единица за брзи интервенции. Оружјето е веќе испорачано. Американците на овој ангажман му дадоа назив: "Persistent Presence"- долгорочна присутност. Сето благодарејќи на Путин.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми