1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресуда која ги оправда нападите од НАТО и отцепувањето на Косово

Подготвил, Зоран Јордановски27 февруари 2009

Судот на ОН за воени злосторства во поранешна Југославија го ослободи Милан Милутиновиќ, некогашен претседател на Србија. Петмина генерали, кои со него седеа на обвинителната клупа, добија казни затвор од 15 до 22 години

Изрекување на пресудата во случајот со Милутиновиќ и петмина српски генералиФотографија: ICTY

Повеќе германски весници денеска со разбирање и одобрување ја коментираат одлуката на тирбуналот од Ден Хаг. „Франкфуртер рундшау“ искажува пофални зборови за пресудата:

„Судиите го констатираа она, што се случи во Косово пролетта 1999 година: само што ги фрли НАТО првите бомби, армијата, полицијата и паравоените формации започнаа да ги заплашуваат Албанците, за трајно да ги протераат. Тоа не беше едноставно војна, тоа беше целно насочен терор против немоќни цивили. Вредноста на пресудата уште повеќе ја подвлекува ослободувањето на тогашниот српски претседател Милан Милутиновиќ. За судиите политичката одговност не е само теориска и апстрактна. Таа е и докажлива“.


И за „Меркише Одерцајтунг“ пресудата е сфатлива.

„Тој, и покрај високата функција, не беше ништо повеќе од маргинална фигура во тогашните односи во власта, чија централна фигура до соборувањето беше Слободан Милошевиќ. Судиите од Хаг донесоа диференцирано решение - што значи и дека петмина други обвинети испратија в затвор. Претстојат уште два големи процеса: против Радован Караџиќ, водачот на босанските Срби, кој долго време живееше во илегала, и против неговиот армиски шеф Ратко Младиќ, кој очигледно и натаму има моќни поддржувачи во Србија, кои го штитат од израчување на Трибуналот“.

Ослободен од одговорност: Милан Милутиновиќ, поранешен претседател на СрбијаФотографија: ICTY


„Тац“ од Берлин го нагласува политичкото значење на пресудата:

„Трибуналот е во еднаква мера правна, како и политичка институција. Неговите пресуди секогаш имаат и политички последици врз некогашните републики на Југославија, која пропадна во војната. Пресудата во тоа колективно обвинение против претставници на српскиот државен, воен и полициски врв, е урамнотежена. Од една страна, во три случаи се констатира дека имало ’заеднички злосторнички потфат‘ - со државен терор против албанското цивилно население да се промени етничката структура и да се засили српската превласт во Косово. Ова е дефиниција која не поаѓа стриктно од одговорност на поединечно лице, туку од одговорност на државата. Од друга страна, ослободен е Милан Милутиновиќ, претседател на Србија во времето на извршувањето на ’злосторничкиот потфат‘, а тогашниот шеф на српскиот генералштаб и командантот на косовскиот корпус не добија максимални казни. Тоа нема да им се допадне на Албанците од Косово, кое во меѓувреме е независно - дотолку повеќе, што Судот изложи дека навистина масовно се случувале злосторствата наведени во обвинението. Но, командната одговорност не можело да биде недвосмислено утврдена.

Оваа пресуда, во секој случај, ги оправдува причините за меѓународно-правно спорните напади на НАТО од воздух против Србија, како и отцепувањето на Косово. Споредено со тоа, неважно е дали некој српски генерал ќе мора да помине в затвор десет години повеќе или помалку“, се вели во коментарот на „Тац“ од Берлин, чиј автор е Андреј Ивањи.








Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми