1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресуда на германскиот Уставен суд по прашањето на интернет шпиунажата

Бернд Волф27 февруари 2008

Смее ли државата да ги шпиунира компјутерите на приватни лица, барајќи потенцијални терористи? Да, но само под строго определни услови – пресуди денеска германскиот Уставен суд.

Кој се‘ има право да „влегува„ во нашите приватни компјутери?Фотографија: AP
Повод за разгледување на Уставниот суд му даде соодветниот закон за покраината Северна Рајна Вестфалија.


„Денешната пресуда се занимава со одредбите во законот за работата на тајните служби во Северна Рајна Вестфалија, кои го овозможуваат тајното набљудување на информативно-технички системи, што се нарекува интернет претрес. Пресудата ги смета спомнатите законски одредби за неспоиви со Уставот и поради тоа за неважечки!„ – изјави денеска Претседателот на германскиот Уставен суд, Ханс Јирген Папир.


Во образложението тој појасни дека причината за негативната пресуда е уставното право на приватност и на интегритет на граѓаните кога се во прашање информативно-техничките системи. Со ова дури се воспоставува ново уставно право на граѓаните и не претставува всушност ништо друго освен право на заштита на приватноста на секој граѓанин на земјата, кој седи пред компјутер и е вклучен на интернет.


Законскиот предлог оставаше премногу простор


Законот на Северна Рајна Вестфалија беше премногу лабаво формулиран и според неговите одредби тајните служби би имале право да ја контролираат комплетната интернет комуникација на сомнителните лица, почнувајќи од електронската пошта, преку нивното учество во чет-форуми, па се‘ до интернет страните кои ги посетуваат. Освен тоа беше овозможено шпиунирање на сите податоци што се снимени на персоналниот компјутер на таквите лица.


Тоа според судиите е тешко и несоодветно нарушување на правото на приватност на граѓаните, кое би смеело да биде дозволено само во вонредни ситуации. Имено, само тогаш кога постојат индиции за конкретна опасност што би произлегувала од тие луѓе, при што се мисли на закана од терористички напад.


Заштита на интимниот живот


Уште една слаба точка на законскиот предлог од Северна Рајна Вестфалија е и тоа што не беше наведено дека тајните служби за заштита на уставниот поредок мораат да ја прекинат шпиунската дејност таму каде што почнува интимниот дел на животот на лицата кои се под набљудување. Значи, сите податоци што евентуално и биле собрани во текот на следњето, а се однесуваат на интимниот живот, мораат да бидат избришани и тоа без обработка. Ова е граница што Уставните судии на Германија ја поставија и кај прислушувањето.


И конечно, судиите наложија ваквите интернет претреси да бидат можни само кога постои судски налог.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми